This post is also available in: French German English Serbian
Долго живеам на ова место
Долго живеам на ова место
под кое шуркаат планински извори
и децата ловат пеперуги
а боровите во нема извишеност
ја разлистуваат тишината на вековите.
Долго живеам на ова место
и полека црнеам од времето.
Гледај, велам, гледај каков си:
ни да се препознаеш.
Некогаш овие очи беа длабочини
во кои се нуркаа твоите желби
како жерави во сончевина,
а сега се само две суводолици
за ноќевање на случајните дождови.
Некогаш овие раце беа орачи
во ровката земја на твоите лутања,
а сега личат на врбови прачки
неродници чаталести над водите.
Некогаш, велам, и ти како децата
си играше со пеперутки в рака
од нивниот златен прав
цутеа вишните во твојата градина.
Зошто беше толку невнимателен
па дозволи сите да загинат меѓу твоите прсти,
зошто не сфати дека е најголема мудрост
да имаш една жива пеперуга од твоето детство,
eдна топла ѕвезда на дланката
што ќе го просветли ова место
ова место каде долго живееш осамен
долго живееш поцрнет од времето.
Ацо Шопов, Небиднина, 1963
Песната за првпат е објавена во списанието Современост, VIII, бр. 9, септември 1958, стр. 753-754.