This post is also available in: Russian
Добро утро летање
Добро утро птицо, добро утро летање
над пештери, над гуштерници и ниви.
Останавме ние што сме задоени од волчица,
малку поднатажени, но живи.
Летај усвитено, не гледај ги сенките,
не мисли ги грижите наши.
(Тоа мигновено крилата ти се наднеле
над сонцето во полните чаши.)
Летај усвитено од ветрот подгонета,
летај мугро-птицо,
летај камен-мисло,
летај мако од мака одронета.
Ацо Шопов, Ветрот носи убаво време, 1957