Во градот на Орцета

Сред мрачна бусија скриен,
ко крвник
в дивјачка ера,
Ти биеш
во нашата пролет
и сипаш
отров
и пелин.
Но слушај!
Оваа земја –
родена
в памена вера,
не ќе ја залијат в крви
твоите отровни стрели!
Ти в мрачна бусија дебнеш
и коваш завера тешка.
Но, твој’та усмивка змијска
в пакоста
ликува рано.
На бури,
секакво време,
свикнале нашите плешки, –
низ пепел
оваа земја
пркосно израсна в планот
Јас градам
во градот на Орце,
со мене чекори Цветан,
со мене чекорат
в стројот
илјади калени борци.
Нив не ги прегази вчера
тешката железна пета, –
тие ја сретнаа смело,
без страв
ја разбија
в бојот!
Од тогаш
не мина многу,
пет
само
минаа лета,
за тоа –
запиши
сметај! –
До својата
триеста
година,
не видов дом
ни родина!
И раснев
в неволја горка,
без парче леб –
ко в туѓина,
без тврда ражена корка.
А погледај,
денес –
во фабрика нова,
во фабрика светла,
широка и чиста,
не жолтици гради
испиени роват,
а в неа
се леат
и радост и смеа, –
во победен јуриш иднината листа!
Плискаат белини –
наши виделини –
над градој,
заводи,
целини.
А мене ми мило
и драго
и леко,
мислам –
дека в срце го стоплувам векот.
Та, зошто да кријам,
јас добро се бијам, –
само в една смена
девет норми вадам,
и сé уште,
чинам
потаму ќе минам,
и повеќе многу ќе можам да дадам.
Да, повеќе многу јас можам да дадам,
за тоа
што градам
за –
себе,
за –
нас,
за нашата
скапо
освоена власт,
за тоа
што тука –
в крај убав и цветен,
на брегот,
кај Вардар
до градина тече,
се игра со сонце
од утро до вечер
и моето ведро
и безгрижно дете!
А в мрачна бусија скриен,
со темно крваво лико,
ти жртви
притаен
чекаш..
Но, нека!
В сурова војна
ние не чекавме ничкум
да светнат вашите штикој!
Оваа бунтовна земја –
на нови денови весник,
од смрт ја кренавме сами,
сами ја коваме в песни!
Ти сипаш
отров
и пелин,
а тука заводи никнат,
се крева армија бојна,
армија –
пркосни творци,
да листа огнена младост
и вечно животот блика,
да стане градина – пролет
градот на Цветан
и Орце!

Ацо ШоповСо наши раце1950