This post is also available in: French Russian English Serbian Croatian Bosnian Albanian Bulgarian
Ветрот носи убаво време
Ветрот носи убаво време.
Вилнее, јачи во нас.
Ветрот носи убаво време.
Убавото е убаво и поминува.
Останува тагата.
Понекогаш она нè обзема полека,
легнува на нашите очи,
и густо напластена погледот ни го смрачува.
Тогаш нешто страшно тегобно и болно,
нешто големо и наше, непојмливо за другите
нè измачува.
Но некогаш тагата нè докоснува како трепетлика,
како измаглина премрежена над жуберлива река
крај која стоиме загледани бесцелно и немо.
Тогаш сите предмети прилегаат на сказна
па велиме: невозможно, колку е сè убаво.
Ветрот вилнее и јачи.
Ветрот носи убаво време.
Ацо Шопов, Ветрот носи убаво време, 1957
Песната за првпат е објавена во Современост, VII, 8, 1957.
На српско-хрватски е објавена во Антологијата на повоената македонска поезија на Димитар Митрев, во 1960 год.