This post is also available in: French Spanish Serbian Croatian Bosnian Bulgarian
Баобаб
Сето село го опколува не може да го опколи.
Дрво на животот. Храм на мртвите. Баобаб.
Сето село го опколува не може да го опколи.
Огронмно стебло. Куси гранки. Смирена молитва за дожд.
А дождовите ги нема.
Само една жена во модро, една црна жена вo модрo
застаната спроти стеблото
ги знае сите магии на дождот,
а никому не ги кажува.
Coнцето паѓа во утробата на земјата.
Земјата е сонце, сонцето е земја, сè ќе изгори од жед.
Само баобабот огромен им пркоси на горештините
смирен во молитва за дожд.
А дождовите ги нема.
Чиниш сега ќе се струполи, сушата во последниот дамар му чука.
Но наеднаш тој се исправа,
од корен се стресува,
магијата на жената во модро против природата го разбеснува.
Од своите сокови почнува да смука
и додека погледот му се разбиструва
разлистува, разлистува…
Зелен плач и молитва за дожд.
А дождовите ти нема.
Сето село го опколува не може да го опколи.
Дрво на животот. Храм на мртвите. Татковина.
Ацо Шопов, Песна на црната жена, 1976
Пред да биде објавена во збирка, песната е објавена во Млад борец, XXIX, 24−25, 1973 и во Современост, год. XXIII, бр 7-8, септември-октомври 1973, стр. 699.