This post is also available in: French Spanish German English Serbian Croatian Bosnian Polish

Август

Лежам под стеблото на ноќта, во август што умира и пее
со цвет од пепел на згасната гроза.
Од челото како од црница набабрува и ми зрее
од гроздови ѕвездената лоза.

Лежам во ноќта на август за земја прикован со теме.
Дали ќе додржат, дали ќе ме запрат
овие неуморни воини од билје и семе,
од треви, корени и папрат.

Лежи и чекај тука. Неподвижен, карпосан лежи,
што ако ноќта те пие, што ако ветар те шиба.
Рибарите на твојот поглед плетат невидливи мрежи,
во бездната на твоето чекање сонува златна риба.

Лежам и знам, август е и сè се мени.
Златните зрна на гроздот ко едри зеници гаснат.
Темното полноќно сонце патува кон својот зенит.
А јас останувам заробен во треви и со папрат сраснат.

Ацо Шопов, Гледач во пепелта, 1970

Песната за првпат е објавена во Современост, XV, 6, 1965, а потоа во Раѓање на зборот, 1966, и во Златен круг на времето, 1969

Автограф на песната Август, семејна архива

Автограф на песната „Август”, семејна архива