Каменот, драг мој*

Долго бегав од детството. Од градот. Од гладот. Но, како годините минуваа сѐ повеќе им се навраќав и не знаев дека вака ќе ме радуваат“. (Од еден разговор со А. Шопов)

Каменот, драг мој, каменот ти го зароби ликот
И попусто беше бегањето од него
Коњот крај езерото во него те врати и Стихот
укитен со камчиња од небото.

Птицата над Исарот, птицата те плени
И чинам како стракче во гнездото те сви
Та сега таа својот глас го мени
Со гласот на мајка ти.

Реката, драг мој, реката те фати
И билките на ридот што така кревко лиснат
Над Мерите те затворија небесните врати
И водите што тивко, натажено плискат.

Заробен си како икона во црквите
Во камбаните што сега така болно гласат
Знам: насмевка ќе си во сонот на мртвите
Жита ѕвездени што повторно ќе класат.

Каменот, драг мој,
Каменот ти го зароби ликот…

23 мај, Нерези

_________________
* Oваа песна од Михаил Ренџов е објавена во Дело 74, 1982, год IX, бр. 5-6,