Градината на поетот
На Ацо Шопов
Распукнала земјата, црвената роза овенува
Распукнала земјата, црвената роза овенува
И каменот пее додолска балада
Сонцето застанало, ништо не се менува
Бистриот поглед од болка згрчен блада
Бистриот поглед од болка згрчен блада
Распукнала земјата, црвената роза овенува
Тревата плаче, градинарот е болен
Тревата плаче, градинарот е болен
В постела прикована вечната грмотија
Како ридот во родниот крај, пуст, соголен
Осуден си на подмолна прокоба и самотија
Осуден си на подмолна прокоба и самотија
Тревата плаче, градинарот е болен
Лилјаци во сонот ти скитаат
Лилјаци во сонот ти скитаат
Прометејски се ракуваш со иднината
Сури орли во песната ти итаат
Го носат барјакот на небиднината
Го носат барјакот на небиднината
Лилјаци во сонот ти скитаат
За чудотворецот чудотвор ли ќе нема
За чудотворецот чудотвор ли ќе нема
Сите сме на број а ти си сам
Црна гемија од пред нос струната ти ја зема
Шепоти во далечината злокобен там-там
Шепоти во далечината злокобен там-там
За чудотворецот чудотвор ли ќе нема
Надвиснува мраморна ноќ без ѕвезди
Надвиснува мраморна ноќ без ѕвезди
Во градината од умор скапнува стеблото
Од Штип до Жоал песната ти езди
Коренот ти се извишува до небото
Коренот ти се извишува до небото
Надвиснува мраморна ноќ без ѕвезди
Ристо Лазаров: “Градината на поетот”, Грозен кикот, 1982
Ристо Лазаров се сеќава на една од неговите последни средби со Шопов
во филмот „Овенчан со вечноста” на Виолета Џолева