This post is also available in: Serbian

Ацо Шопов: Поезијата го открива светот*

Ацо Шопов: За своето откритие на Африка најмногу ѝ должам на поезијата на  Леополд Сенгор! Во своите песни тој повеќе ми кажа за Црна Африка отколку мноштвото книги кои ги прочитав подготвувајќи се за средбата со Африка да биде што побезболна.

Што Ацо Шопов зборува за својот животен и творечки пат?

Во мојата родна куќа − кога денес во мислите се враќам кон детството − како секогаш да имаше место за поезија. Мајка ми имаше и многу смисла и многу љубов за поезијата, и можам мирно да кажам дека таа љубов ми ја пренесе и мене. Беше учителка, во младоста и самата пишувала песни. Сакаше да чита, често ја наоѓав замислена, со книга во рацете. Таа некаде во себе носеше некоја чудна поетска жица. Кога бевме мали ни читаше или ни рецитираше или пак ни пееше народни македонски песни. Многу убави стари, лирски обоени народни песни знаеше напамет.

♦ Всушност, дури многу подоцна, кога в раце ги имав песните на Кочо Рацин пишувани на македонски јазик, сфатив дека… ќе бидам поет. Бев опиен од тоа како во една модерна, сензибилна, борбена поезија може да заечи дотогаш потиснуваниот македонскиот збор. „Ленка“ или „Тутуноберачите” и другите Рацинови песни живееја со нас, со нив се дружевме и ги рецитиравме на излети. Бевме горди што тој забранет, ненегуван, неразвиен македонски јазик толку силно и модерно одекнуваше. Тоа беше првата современа уметничка поезија на македонски и нашата радост беше потполно разбирлива.

♦ Во гимназија, природно, учев на српскохрватски јазик. Во тие ученички денови засакав многу поети, а пред сè „школските писатели” Змај, Шантиќ, Ракиќ. Но ги сакав и оние што сè уште не беа „школски”, како младата Десанка Максимовиќ или младиот Давичо. Од странските поети, во тоа мое гимназиско време, најмногу им се воодушевував на руските поети од советската епоха, на Мајаковски и на Есенин, а подоцна им се придружи и  Блок.

♦ Роден сум во Штип и кога во 1941 година започна војната, дојде тешко време за мојот град: Бугарите насилно мобилизираа, ги затвораа патриотите, ги депортираа „сомнителните“… Во тоа време напишав цела  збирка и дури ѝ дадов и име, но за време на една провала таа беше изгубена или уништена, така што денес нема ни трага од неа! Таа ги изразуваше моите тогашни чувства, не само во социјална смисла, туку го изразуваше и мојот револт против бугарската окупација и против фашизмот воопшто…

♦ Некаде во 1943 година, таа моја илегална збирка на песни му дошла в раце на Ванчо Прке, прочуен штипски револуционер и илегалец. Подоцна е прогласен за народен херој. Беше студент на Белградскиот универзитет и како голем љубител на Крлежа и самиот пишуваше песни, се разбира под негово влијание. Од него ги добив првите пофалби: напиша неколку ласкави зборови, кои на мене имаа неверојатно охрабрувачко влијание.

♦ Од Штип отидов, кога за тоа добив одобрение, во партизани, најпрво на Шар Планина, па во Албанија, а потоа работев на Кумановскиот терен. Од тоа време потекниваат моите две песни „Љубов“ и „Очи“ на кои и денес сум им многу приврзан. Беа посветени на Вера Јоциќ, која подоцна е прогласена исто така за народен херој, а тогаш беше наш раководител. Беше прекрасна жена. Голем другар. Во тие песни за првпат дојде до израз мојата вистинска поетска дарба, тука почна да се исцртува мојот вистински поетски лик: беше забележлив стремежот кон интимата, кон лирското медитирање. Мислам дека тука почнува моето ослободување од програмското во поезијата и врзување за лириката, посилно, послободно, понепосредно.

♦ Песната „Очи“ ја напишав по нејзиното загинување. Беше ранета на Осогово, во источниот дел на Македонија. Бугарите сакаа да ја унишатат нашата единица, во една престрелка Вера беше тешко ранета на врвот наречен Лисец. Се повлекувавме, а ние десетмина бевме постојано крај неа. Три дена ја носевме на раце по беспаќе. Крвареше. Кога стигнавме до една поголема единица каде можеше да ѝ биде укажана помош, беше доцна: почина истата ноќ. Утредента моравме да продолжиме, а јас разбрав дека мене ме спомнала со својот последен здив. Веднаш потоа паднавме во бугарска заседа, фашистите беа многу посилни од нас, но – тоа не е никаков романитичен партизански занес, верувајте – понесени од вербата во Вера и во нејзината Љубов што ја гаеше кон нас, кренавме во јуриш и – се пробивме. Нејзините очи кои живееја во сите нас ни даваа сила да истраеме. Иако гладни, неопремени, уморни, ги победивме! Сите знаевме дека Вера е со нас. Остана во нас и во мојата песна.

♦ Кога во Скопје дојде Брана Перовиќ, член на Централниот комитет на СКОЈ,  таа ги зеде моите песни и ги однесе во Белград. Нешто подоцна за време на Конгресот на младината на Македонија, делегатите од Србија ми донесоа драгоцен подарок : мојата прва збирка Песни, кои другарите ја отпечатија во Белград на македонски и ја донесоа во Скопје.Така се роди книгита во која беа моите борбени песни а меѓу нив и „Очи“** и „Љубов“. Од тогаш изминаа повеќе од 30 години…

♦ По војната животот тргна по својот пат. Моите стари гимназиски љубови, поезијата на Десанка Максимовиќ и Оскар Давичо и понатаму живееја во мене, но тогаш се појави и една нова голема љубов која се викаше Тин Ујевиќ. Ме привлекуваше со својот живот и со своите стихови. Неговата наизглед бујна поезија беше всушност исполнета со мисли, со чувства. Го сакав Тин и сè уште го сакам. Го читам често и секогаш — дури и во песните што добро ги знам ! — откривам некој нов тон, нова боја, нова мисла.

♦ Потоа дојде Крлежа, многу години по Ванчо Прке, неговиот голем приврзаник, но за жал недоизречен поет. Го преведував Крлежа на македонски. Со неговата поезија немам навистина ништо заедничко, но таа секогаш ме привлекувала, со нејзиниот бунт, со нејзината иронија, со онаа крлежијанска подбивност, со неговите социјални расположби, со неговите мисли.

♦ Потоа, Андриќ: многупати сум ги прочитал неговите Екс понто и Немири. Тоа се две мои омилени книги на кои често се навраќам. Ме збунуваше длабочината на Андриќевата медитација. Ако е точно дека мојот поетски израз, како што пишува критиката, стана поедноставен и попрочистен, тогаш тоа е резултат и на тоа мое непрестано понирање во тие недосегливи поетски длабочини. Мислам дека тоа особено се чувствува во Небиднина, на српскохрватски преведена како „Непостојање”***. Сепак, не би можел да кажам дека збирката е создадена под нечие директно влијание, повеќе би рекол дека сето тоа дојде некако само по себе, по многу години работа, учење, читање, набљудување. Тоа би било еден вид сумирање на едно поетско искуство во кое нема директни траги ниту од Тин, ниту од Крлежа, ниту од Андриќ, но во мене постои чувство на долг на благодарност и чувството на восхит кон тие мои драги поети.

♦ Мене исто така ме привлекува сè што се случува во богатиот свет на поезијата воопшто. Дури и песна на некој непознат или штотуку роден поет може да ме возбуди и да изврши некакво влијание. Сѐ повеќе ме привлекува поетската класика. Со љубопитност го проучував поетското искуство на Грција и Рим. Сонетите на Петрарка за мене се единствен образец за тој вид поезија и сонетите необично ги сакам иако досега немам напишано ниту еден сонет! Па Хомер: поет за сите времиња, и лиричар и филозоф. Денес не е можно да се пишува поезија како што тој пишувал, но и денешниот поет може неизмерно да ја збогати својата поетска имагинација и својот израз читајќи го дури и после толку векови! Може да дојде до поширок израз, до појасна мисла, до почист стих.

♦ Многу добро следам сѐ што се случува во современата книжевност на југословенските народи. Македонската литература на тој план направи — по мое мислење — огромен напредок. Толку се разви што никој веќе не може ни да помисли на било кој начин да ја оспори. Улогата на поезија во тој развој на македонската  книжевност е голема, можеби дури и пресудна. Од поновите наши книги кои ги прочитав, посебен впечаток ми остави трилогијата на Добрица Ќосиќ****: ме освои со уметничката евокација на минатото. Трагедијата и борбата на српскиот народ многу е слична со трагедијата и борбата на македонскиот народ, така што тоа дело го чувствував поблиско и од таа гледна точка.

♦ Долго живеев во светот. Проучувајќи ја, на пример, француската поезија, бев импресионираан од начинот на изразување на француските поети, независно од тоа дали се класици, современици или млади. Тоа важи како за Бодлер и Рембо, така и за еден Пјер Еманиел. Африка — на пример — многу влијаеше на мене: за мене таа е пред сè неверојатно откритие. Таму отидов со потполно погрешни претстави, иако се подготвував таа средба да биде што побезболна. За тоа свое „откритие” на Црна Африка најмногу ѝ должам на богатата поезија на Леополд Сенгор. За Африка тој ми кажа повеќе отколку купиштата книги што ги прочитав! Тој од верувањата, легендите и приказните успеал да направи поезија која претставува еден вистински поетски универзум. Сиот свет тој го согледал преку едно мало непознато Сенегалско место – своето родно место.

♦ Сенгор е по мое мислење еден од најголемите поети на современиот свет и сјаен пример за тоа што значи поезијата: колку може таа да му каже на човекот, без оглед колку е тој, на прв поглед, странец или туѓинец. Од тоа извлеков драгоцена поука: ако човекот сака подобро да се запознае себе, својата земја, својот народ, тогаш тој мора добро да ги познава и другите. И второ: кога себеси и својата средина ќе ги согледаш од друга перспектива, на пример од афричката, многу работи кои дома те тиштат стануваат поразбирливи, некои сосема поинакви. А поезијата и во двата случаја игра незамисливо голема улога!
_______________
* „Анкета на Политика: Кој на Вас пресудно влијаел и зошто?”,
Политика 15.02.1976, стр 17. Анкетата ја водел Драгослав Адамовиќ-Зира.
** Погрешен податок: поесната „Очи” не е објавена во збирката Песни од 1944 година.
*** Во врска со српскохрватските преводи на зборот „небиднина”, Душко Наневски смета дека не би требало да се користи „’коб’, зашто таа, иако најблиска по смисла, доближува до трагиката на Бодлер и поезијата на тн. проколнати поети; не и како ‘неоствареност’ или ‘невозможност’, зашто овие поими не оставаат пат за излез, водат во крајна линија до теоријата на апсурдот во Камиева смисла; воопшто не како ‘непостоење’, зашто тоа, меѓу другото, асоцира на не-битието и ништотноста од егзистенцијализмот на Сартр и неговите истомисленици.” (За поимот небиднина)
**** До 1976 година се објавени трите книги од тетралогијата Време смрти од Добрица Ќосиќ, објавена во периодот од 1972 до 1979 година.

Други разговори и статии на Ацо Шопов