Ацо Шопов: Да ѝ се даде младост на младоста*

Ацо Шопов

Јас не бев во Фуштани 1943 година кога на Првиот конгрес се формира Народноослободителниот младински сојуз на Македонија. Но знам дека решенијата на тој Конгрес беа од извонредно значење за нас младите, за нашата борба во редовите на револуционерниот антифашистички сојуз на младината од Југославија. Тие решенија јасно ги определуваа нашите задачи и отвораа реални перспективи на нашиот утрешен живот.

Целиот борбен пат на младинската организација е еден величествен пример на братството и единството на југословенските народи. Неброени се конкретните манифестации на тоа братство и единство. Кога сега размислувам за нив во моето сеќавање искрснуваат ликовите на многу млади луѓе на јужноморавските и косовските баталјони, многу млади луѓе, исцрпени од глад, маршеви и борби, но непоколебливи во решеноста и над чии незнаени гробови во Источна и другите краишта на Македонија се лулеат треви и гороцветови, како што многу луѓе од македонските бригади паднаа во морничавите раѓања на нашата југословенска социјалистичка татковина.

Борбата, таа со пушка в рака и таа во тилот, беше единствена можност да се најде смисла на животот, единствен начин да се сочува младоста, поточно да ѝ се даде младост на младоста. Самата борба беше младост. Младост на животот, младост на човекот, младост на утрешнината.

Моралниот лик на младината од нашата Револуција − тоа би било прекрасна книга на возвишени, благородни стремежи и идеали и пораки што ја смислуваат поезијата на животот.

Паметам, кога Вера Јоциќ, еден од најсаканите борци на Третата македонска ударна бригада, ранета во судир со бугарските окупаторски војски, по тридневно носење низ остри планински падини и суводолици, падна во тешка агонија, нејзините последни зборови: „Не, никако нема отстапување, за нас нема отстапување, само напред, напред…“ На нас делуваа со таква сила што скоро заборавивме утредента кога јуришавме на врагот дека јуришавме без муниција, со празни пушки.

Или, една борба на Дренок, Кумановско. Дражиновците ги опколија и стегнаа нашиите единици во цврст и тесен обрач. Командантот заповеда една ударна младинска група во првиот мрак по секоја цена да го пробие обрачот. Бевме десетина младинци во одредената група. Знаевме, за многу од нас, а можеби и за сите − нема враќање. Јуришавме. Во првиот напад го ранија командирот на групата − сувот висок, синоок кумановец. Некои застанаа да го изнесат од огинот. Тој решително одби и заповеда да го продолжиме јуришот. „После, кога ќе се вратите!“ − со тие зборови прикован за земја го следеше нашиот пробив. Неколкумина се вративме. Тој лежеше и со укочен поглед гледаше во оној правец каде што се изгубивме во ноќта. Знаеше, мора да се вратиме.
__________________
* Текстот е објавен под наслов „Борбата − младост на животот” во Млад Борец, 19.12.1973

Други разговори и статии на Ацо Шопов