Ацо Шопов: Дванаестмината од сончевата колона на младоста, 1961*

Ацо Шопов: Дванаестмината од сончевата колона на младоста. Скопје: Централен комитет на народната младина на Македонија, 1961 (проза)

Податоци за книгата

Момчињата и девојките што сега членуваат во оранизацијата на Народната младина, од школстсите клупи, од селските ниви, од фабричките хали, завјасани во својата прегратка убавините на животот да ги имаат, за да ги направат поубави, во врутоците на општествената грижа и создадени можности за израснување на нова комплетна личност, имаат година на раѓањето: 1941, 1942, 1943, 1944. Години што се врсници на нашата Револуција.

И денеска кога целиот наш народ низ разновидна манифестираност през текот на целата година го прославува значајниот јубилеј — Дваесетгодишнината на Народното востание, таа прослава за момчињата и девојките што сега се во редовите на оранизацијата Народна младина има посебна обоеност и значајност. Тие се генерација на детство низ обновата и младост во социјалистичката изградба. За нив НОБ е легенда: дознавана, прикажувана, изучувана, трајна вистинска и животна, со нераздвоен тек од она што е денеска живеење и она што за утре го создаваме. Легнда за долго паметење сврзано со постоењето и сфаќањето на овој народ, на оваа Титовска земја. Почеток и непресушно траење на Револуцијата.

Акциите, празничните обележја што младината во текот на јубилејната прослава ги презема имаат во себе една спонтаност: секогаш и секаде да се сеќаваме на Деновите од нашата славна епопеа.

И хроникава посветена на Дванаесетте храбри младинци од сончевата колона на младоста, стрелани во Ваташа за време на фашистичкиот терор е драгоцено сеќавање, најсрдечна блгодарност кон сите оние што своите животи ги вѕидаа во темелницата на нашата иднина. Зашто Ваташкото клање во јуни 1943 година е само дел од многуте крвави расправања на фашистичткиот окупатор со народот што не сакаше да биде покорен, дванаесетте храбри младичи се дел од милионската колона на нашиот бестрашен поход, во едно тешко време, по врвиците на слободата. Овие страници се оживување на споменот за нивните жртвувани пролети, спомен за нивната насмевка за денот раскрилен во кој чекориме, спомен за една младост, од една младост.

***

Дел од ваташките младинци стрелани на 16 јуни 1943

Зар може да се најде најточен израз на оној хероизам, на оној револуционерен занес, на оние усвитени мечти со кои младината на оваа наша секогаш исправена земја јуришаше против тврдините на мракот, против сите сили што беа устремени да ги згазат светлините човекови, неговото достоинство, неговото право на живот, на младост во животот. Во долгиот пат кон светлината, во недоодливоста на маките, нејзиниот чекор има посебна цврстина, нејзината издржлиливост — посебно место. Сета младост на оваа земја ја носи во себе младоста на оние чии соништа жуборат со изворите на нашите реки, чии стапки татнат по масивите на нашите планини, чии извици во јуришите и ноќите виуличави одекнуваат низ клисурите до последното наше пристаниште на животот. Кој може да ти изброи колоните на таа младост, кој да ги изброи жртвите, кој да ги опише подвизите, кој да ѝ ја одмери силата.

Врагот се обиде. Врагот се обиде и веднаш сфати оти не можат да бидат мерници ни челичните птици што сипаат смрт, ни тенковите, ни рафалите. И во своето бессилие тој се нафрли на сè што му се чинеше сомнително и опасно и што можеше да го загрози неговиот престој во земјава која не сакаше да се покори. Младоста наша беше во првите редови на тоа непокорување, на таа устременост кон вишините што го исполнуваат со гордост името човеково.

Оваа приказна е само еден дел од борбите за завојување на тие вишини, само една темна страница на оние ужаси што ги запиша врагот во својот дневник, само еден зрак надеж од онаа огромна верба со која зрачеше борбениот устрем на нашата младина.

***

Дванаестмината - портретиВо оваа приказна нема ништо измислено. Во оваа приказна животот е посилен од зборовите. Во оваа приказна за младоста зборува младоста, онака како што само таа умее да зборува. Во оваа приказна што е само една од неброените приказни што ги расправаат ветките на Зеленгора, стапките на Патот петровачки, зелените бранови на Сутјеска, модрите вишини на Козјак, партизаните — средношколци крагујевачки, во оваа приказна зборуваат дванаесетмината младинци од Ваташа. Дванаесет разлистени надежи, дванаесет соништа на младоста, дванаесет радости родителски, дванаесет жедности сончевина, дванаесет покосени животи во дванаесеттиот час на животот. Дванаесет пресечени чекори во чекорот незапирлив на младоста.

***

Јуни. Тиквешко. 1943. Окупаторот беснее од немоќ. Ништо не го запира победоносниот разгор на сенародната борба. Ни јавните закани, ни затворите, ни претепувањата, ни убиствата од ненадеж, во постела — дома, на нива — во полето. Секоја закана е стократен гнев, секое убиство повик за слобода. Тежи воздухот од одмазда, одмаздата му тежи на врагот.

Над Ваташа се вгнездува ноќта, во нoќта се вгнездува врагот. Селото заспива опкружено од дива глутница. А во раниот изгрев — дванаесет удари со кундаци на дванаесет ваташки порти и страотен кучешки лај. Викотници, писоци, пцости. Дванаесет врзани младинци во селската кафеана.

Сослушување.

Диме Чекоров!
— Jac.
Кажи каде се шумкарите!
Знам колку што знаете и вие. Удар со тупаница. Крв на ѕидот.
— Знаеш, зборувај

Тишина. Миг од тишината. Цела вечност. Една младост блеснува во мигот, нем монолог во тишината.

„Јас сум Диме Чекоров од Ваташа. Имам дваесет години, и во сите денови што идат ќе имам дваесет години. Во времето што тече јас сум бран што мирува. Зарад тебе, земјо, се откажав од она парче земја што нè хранеше сите, мене, мајка ми, татко ми, фамилијата наша. Заради тебе, земјо, за да не те гази никогаш повеќе нога туѓинска, за да ја запеат твоите ораници мојата недопеана песна. Дваесет години со тебе раснев, дваесет години заспивав во твоите бразди, дваесет години се будев во нив, а знаеш ли кога за првпат вистински те почувствував. Тоа не беше многу одамна. Тоа се случи онаа ноќ кога зашуме планината во нашето тесно одајче, кога се запознав со нив, со тие што ми донесоа еден непознат мирис на земјата со која живеев дваесет години, со тие што ме опија со нејзината за мене дотогаш не откриена свежина. Оттогаш јас почнав да живеам за нив. Оттогаш јас им станав воjник. Собирав храна. Собирав муниција. Не паметам веќе колку пати бев горе, во пештерата, покрај Полошкиот манастир. Не беше лесно да се дојде до таа пештера. Но јас не мислев, кога се упатував крадешкум нoќe кон неа, дека некој може да ме пречека, дека некој може да ме фати. Јас ги знаев сите скришни патеки, знаев каде можат да бидат поставени заседите окупаторски, но и да не знаев, зар ќе се исплашеше мојата решеност пред неизвесноста на ноќта. За мене постоеја само тие и јас морав до нив да стасам.“

— Јас сум Диме Чекоров од Ваташа и не знам ништо.

Уште неколку удари. Немо струполување во аголот на кафеаната.

Васо Хаџи-Јорданов!
— Jac.
— Кажи каде се шумкарите!
— Немам ништо да додадам на она што ви го рече Чекоров.

Крвта му удира в очи на крвникот. Во очите на Васо — светкавици.

„Би сакал уште еднаш да се собереме овде, другари, да се најдеме насамо. Кажете ми, зар не беше прекрасно тоа собирање во раните утрински часови кога ги ловевме преку етерот забранетите вистини за животот. Кој може да ни го забрани занесот, кој може да ни ја забрани младоста! Пуштете го радиото нека грмне, нека заечи оваа темнина, нека се проветри оваа задушливост. Отворете ги сите станици на слободата. Ние сме занес од занесот што чекори преку сите наши планини, ние сме младост од младоста што ја буди нашата земја.

Како да ви ја раскажам мојата прва средба со партизаните. Сонував, сонував, сонував да се сретнам со нив. А еден ден ми рекоа: „Треба да префрлиш една група партизани за Тиквешкиот одред“. Едноставно, другари, не верував. Јас, Васо Хаџи Јорданов, со партизаните. Како можев да се воздржам, да бидам мирен кога ги поведов, како можев да не се избакнам, да не ги гушнам, да не извикам: Другари, Страшо нè вика на одмазда!“

— Јас сум Васо Хаџи-Јорданов од Ваташа и не знам ништо.

Пак неколку удари. Две неми болки во аголот на кафеаната, две безгласни гушнувања со погледот.

— Ферчо Поп-Георгиев. И ти ли ќe молчиш!
— И јас немам што да ви кажам.

„А знам, ќе дојде таков Први мај кога улиците наши ќе ги препливаат знамињата на трудот, знамиња на мирот, знамиња на човештината. Ќе дојде таков Први мај кога по тие улици ќе чекори младоста наша, носејќи го сонцето в раце. Но и на тој Први мај како и на сите празници во иднината ќе се вее едно знаме, ќе се виори една мисла што огреа во нашите срца, другари, на сегашнава наша Првомајска прослава. Од таа прослава минаа само петнаесет дни. Петнаесет дни нè делат од денот кога во Моклиште, засолнети во шумата, рецитирајќи песни за борбата народна, пред знамето на бригадата дадовме света клетва: ‘Чумo, ќe те расчумиме, Црнино, ќе те зацрниме, Дену, ќе те раздениме, за да земјува земјава наша, за да векува нашиов век’. Заради оваа сончевина што блика во нашите зеници, заради ова небо што го потпираат нашите раменици, заради овие раце што ја разделуваат Светлината од Мракот — нема отстапување, другари. Еден е патот пред нас, зад нас нема врвици. Зад нас — тоа се селата наши спепелени, зад нас — тоа се мајките наши во црна тага завиени, зад нас — тоа се полињата наши со наша крв оросени, зад нас е Неживотот, другари. Да се заколнеме, другари овој Први мај да биде последен Први мај во немајски денови, да се заколнеме, другари, во името на оној мај што ќе разлистува во цела година. Ќе дојде таков мај, другари, кога по нашите улици ќе чекори младоста наша, носејќи го сонцето в раце. Во името на тој мај, другари, во името на тоа сонце, ако треба ќе го дадеме сонцето на нашата младост.“

— Јас сум Ферчо Поп-Георгиев од Ваташа и не знам ништо.

Аголот на кафеаната се зголемува со уште една нема болка. Шест очи се гушнуваат со разбирање. Шест врзани раце се протегаат за преграб. Три срца стрелаат во срцето на крвникот.

Крвникот шета во тишината, тишината ечи од злочин. Напнато исчекување, тежок крцкот на цокулите, рапав нож на гласот:

— Илија Димов!
Осумнаесетте години лесно истапуваат напред.
— Зборувај, каде се шумкарите!
— Ви рекоа другарите.
— Ти собираше оружје за нив.
— Моето оружје се моите раце и стругот во нив. Ако се плашите од нив, еве, земете ги.

„А оружјето што го барате нема да го пронајде никој. Прашајте ја пештерата крај Полошкиот манастир, таа ќе ви одговори. Но Вие знаете каков е одговорот на пештерите. Тоа оружје ве пречекува зад секој камен, зад секоја грмушка, зад секоја Тиквешка лоза. Тоа ти вкочанува вашите прсти, тоа ти запира вашите колони, тоа ве присилува да се обесчовечувате од страв при секое исправање на тревките што ги гaзите, при секое шумолење на ветките зад кои нè демнете, при секое одронување на земјата каде што ќе стапнете. Таму е оружјето што го барате. Повелете, земето го.

Другари, врсници мои. Заедно учевме како се зема оружјето од врагот, заедно учевме како се ракува со него, заедно го префрливме во одредот. Нашето оружје е нашата младост, нашето оружје е нашата вера, нашето оружје — тоа сме ние, другари“.

— Моето оружје се моите раце работнички и стругот во нив. Јас сум Илија Димов од Ваташа и не знам ништо.

Четири тела свиткани во болка, четири исправени надежи во агoлот.

— Ванчо Ѓуров!
— Јас сум Ванчо Ѓуров од Ваташа и не знам ништо.

„Погледнете низ замаглениот прозорец, другари, еве го мојот дуќан. Пак ве гледам собрани во него, разџагорени, растреперени, нестрпливи. Го слушам вашиот договор како да собереме храна, како и оваа ноќ да ја однесеме горе. Може ли некој да нè спречи во тоа, другари, може ли некој да нè запре на време да не стасаме во базата! Колку пати ја исполнувавме оваа задача, колку пати се измиголувавме низ заседите, без да не сетат! Диме, спреми го добитокот! Илија, донеси го оружјето! Вечерва, другари, ќе го носиме најголемиот товар во одредот.“

 — Јас сум Ванчо Ѓуров од Ваташа и не знам ништо.

Агoлот на кафеаната веќе не личи на агол, ни кафеаната личи на кафеана. Во тој бункер од молчење ни огнената цевка не може да го присили на зборување.

— Одговарај, ќе те застрелам.
— Јас сум Ванчо Ѓуров од Ваташа и не знам ништо. Стрелај.
— Герасим Матаков!
— Имам осумнаесет години, тоа е сè што знам.

„Во мојот дом идевте често, другари, се собиравме на младинска веселба. Слутат ли овие ѕверови какви беа тие наши веселби. Можат ли да сфатат дека нашите веселби одамна пресекнаа, дека нашата радост е заклана во нашите грла. Можат ли да сфатат дека се собиравме затоа за да се договориме како да ѝ ја вратиме младоста на младоста, како да ги оживееме насмевките на нашите усни, како да го запалиме згаснатиот оган во очите на нашите девојки, како да ја откриеме уште неоткриената љубов“.

— Јас сум Герасим Матаков од Ваташа и не знам ништо.
— Пано Мешков! Ти се дружеше со нив, ти ќе проговориш.
— Јас сум ученик од оваа гимназија и можам да ви расправам за сè што ме научиле. На нашиот школски глобус постојат земји што веќе не постојат.
— За шумкарите те прашаме!
— Прашајте ги шумкарите. Јас сум ученик од оваа гимназија.

„Ме учеа дека сум она што не сум, ме учеа како да го мразам овој крај, оваа земја, како да ве мразам вас, другари. Ме учеа како да го заборавам своето потекло, своето јас, оваа грутка црница што ме родила. Ме учеа и не ме научија. Мојот учител е таму — во планината. Мојот учител сте вие, другари.“

— Јас сум Пано Мешков од Ваташа и не знам ништо.
— Пане Џунов! И ти се дружеше со нив, ти ќе проговориш.
— Јас сум ученик од гимназијата и знам да го повторам она што ми го кажале професорите.
— Твоите избегаа во планината, ти знаеш каде се кријат.
— Знам дека стојам врзан пред вас и дека сега свршува часот по географија.

„А оној час, оние часови што ги слушав дома од моите браќа, тие часови нема никогаш да свршат. Тие не започнуваат со школски ѕвонец и во собата нема клупи и катедра. Во собата е скриена техниката, во собата се печатат летоци и прогласи. Тоа е мојата вистинска лектира. Од нив ја научив азбуката на животот. Тие летоци, тие весници на животот ги разнесував со вас, другари. Паметете ли каде сè не ги остававме, каде сè не допре нивниот глас“.

— Јас сум Пане Џунов од Ваташа. Сега свршува часот по географија и не знам ништо.
— Ристо Георгиев!
— Јас сум обичен фурнаџија.

„Како да ви ја објаснам, другари, мојата огромна љубов, поврела од лебот што секој ден го вадев од усвитените плочи на фурната. Како да ви објаснам дека таа љубов не може ништо да ја уништи.“

— Блажо Ицев!
— Јас сум обичен столар.

„Во мојата работилница, другари заедно со вас ги кроев сите планови на иднината што ја носиме на нашите дланки. Заедно со вас учествував во сите акции на младината од нашиот крај и сега сум заедно со вас на овој страшен испит.“

— Перо Видев!
— Јас сум ученик. Имам само петнаесет години.

”Имам само петнаесет години. Петнаесет години! Знаете ли што се петнаесет години? Еден чекор зад мене стојат, ме викаат моите пресечени детски игри. Зар можев да не ги оставам, да не ви се приклучам кога и многу ваши детски соништа останаа по лединките, покрај реката, во цутовите на дрвјата околни.“

— Данко Дафков!
— Јас сум земјоделец, рацете ми се тврди како земја.

„Рацете ми се тврди како земја. Но земјата наша туѓинец ја пљачкосува. Другари, ви се колнам во своите корави дланки оти ни мртов, заедно со вас, нема да го оставам на мира сè додека не огрее нејзиниот мир.“

— Не знаете ништо!
— Ништо не знаеме.
— Ти, Диме Чекоров!
— Не знам ништо.
— Ти, Васо Хаџи-Јорданов!
— Не знам ништо повеќе од Диме Чекоров.
— Ти, Ферчо Поп-Георгиев!
— Не знам ништо повеќе од Васо Хаџи-Јорданов.
— Ти, Илија Димов!
— Не знам ништо повеќе од Ферчо Поп-Георгиев.
— Ти, Ванчо Ѓуров!
— Не знам ништо повеќе од Илија Димов.
— Ти, Герасим Матаков!
— Не знам ништо повеќе од Ванчо Ѓуров.
— Ти, Пано Мешков!
— Не знам ништо повеќе од Герасим Матаков.
— Ти, Пане Џунов!
— Не знам ништо повеќе од Пано Мешков.
— Ти, Ристо Георгиев!
— Не знам ништо повеќе од Пане Џунов.
— Ти, Блажо Ицев!
— Не знам ништо повеќе од Ристо Георгиев.
— Ти, Перо Видев!
— Не знам ништо повеќе од Блажо Ицев.
— Ти, Данко Дафков!
— Не знам ништо повеќе од Перо Видев.
— Не знаете ништо!
— Ништо не знаеме.

Штама. Раката на крвникот се грчи на пиштолот. Селото затетерува. Извици:

— Пуштете ги децата, пуштете ги, пуштете ти!

Викотници. Мешаница. Дванаесет младинци, дванаесет надежи исправени со закана.

***

Над Ваташа се извива врвица, покрај врвицата вие реката, покрај реката врбаци и черешни. По врвицата нагорничка чекорат дванаесет млади Ваташани, со нив се неколку нивни другачки, со нив се Катa, Грозда, Стева, Невенка, пред нив и зад нив — глутницата. Ваташани, млади Ваташани, знаете ли каде одите? Горе е вашата рудина, горе се вашите собири, горе се вашите соништа, каде ве води глутницата! Горе се вашите игри недоиграни, горе се вашите мечти недомечтаени, горе е вашиот живот започнат, каде ве води глутницата!

Немирница копа во срцата.

— Бегајте, другари!

Истрча Диме, истрча по него Васо, истрча по нив Данко. Истрчаа заедно, реката ја пресекоа, ја фатија нагорнината. Но рафалот беше побрз од нивното бегање. Другите од дванаесетмината счудоневидено се разбегаа, спискаа нивните другачки, раце прекршија, очите ги засолнија да не го гледаат злочинот на глутницата оѕверена. Истрели, истрели, истрели ечат над реката, дванаесет истрели на дванаесет страни, во дванаесет штотуку расцутени младости.

Дванаесет цвета на младоста лежат во тревата неподвижно. Дванаесет надежи родителски, дванаесет врсници на верноста, дванаесет фиданки на животот, дванаесетмината од сончевата колона на младоста.

Сонцето ја огрева Ваташа, сонцето запира над рудината. Ѕверот е ненаситен, ѕверот ѕверски се изживува. Штиковите блескаат на сонцето.

— Еве ви за шумкарите. Еве ви за оружјето. Еве ви за храната!

Қој ќе ве препознае, млади Ваташани! Идат вашите мајки, идат вашите татковци, идат вашите пријатели. На што ви личат лицата, на што рацете, на што очите ваши. На што личите, млади Ваташани. Кого да го исплачат мајките, кого да го прегрнат татковците, со кого да се поздрават пријателите.

Крвникот слева надолу, гневот шиба во вишина. Идат вашите мајки, идат вашите татковци, идат вашите пријатели, иде народот. Гневот не знае за граници. Гневот не го запираат рафалите. Гневот не го пронижуваат штиковите.

Ако не ве препознаат мајките, ќе ве препознае земјата, ќе ве препознае колоната во која мртви чекорите. Непрегледната сончева колона на младоста.

***

Диме Блажев Чекоров

Роден е во Ваташа на 25 април 1923 година. Потекнува од земјоделско семејство. Од најраното детство во родителскиот дом ги сознава и понесува тешкотиите на селскиот беден живот, и тоа слабесто во лицето, со среден раст момче, бргу станува еден од најнапредните младинци во Ваташа. Излезот од макотрпниот живот, новите денови ги наоѓа во редовите на ослободителното движење. Најтопло за тоа осознава 1942 година кога во родителскиот дом подолго време престојуваа, сокривајќи од фашистичкиот непријател група партизани од разбиениот Прилепски одред. Првата врска со нив го сврза за секогаш со ослободителното движење. Тој постојано беше на припомош. Им носеше храна од дома, одржуваше врски. Меѓу првите се јави во акцијата за собирање на храна и оружје за партизаните и многу ноќи, неплашејќи се од опасноста што дебне на секој чекор, со позајменот добиток од повеќе куќи во Ваташа пренесуваше храна и оружје од Неготино и други места до определениот магазин за Народноослободителното движење во пештерата, во близината на Полошкиот манастир. Член на СКОЈ станува 1943 година. Целиот беше посветен на исполнување на задачите што беа поставени пред него, од домашната работа беше се откажал. Мечтаеше за денот кога ќе стапи во партизанските редови.

На 16 јуни 1943 година, по злогласната рација, наредени во стројот на дванаесетмината, пред истрелот се обидува да бега, ја минува реката, но на угорнината, близу до местото каде и другите младинци се стрелани, го погодува непријателскиот куршум.

Васо Хаџи-Јорданов

Роден 1915 година, во Ваташа, кафеџиски работник. Татковото кафеанче го претвори во собиралиште на напредните младинци. Колку пријатни часови на мечтаења за новата утрешнина и во готвењето планови за конкретни акции проведоа во тоа мало собиче! Запечатеното радио бргу беше приспособено за илегална употреба па рано во мугри доаѓаа скришум да ги чујат вестите од забранетите станици. Член на СКОЈ станува 1943 година.

Една квечерина во мај 1943 година, еден другар му соопшти дека му е поверена задача да преведе група другари од Неготино во Ваташа за да се приклучат кон Тиквешкиот партизански одред. Целиот во бликната радост ја затвори кафеаната и заедно со другарите поаѓа на задача во Неготино. Кога ги среќава другарите не можеше да истрае а да не им се фрли во прегратка и целиот пат другарите ги носеше прегрнати велејќи им: „Напред другари, Страшо треба да се свети!“

Кога беше построен за стрелање избега заедно со Диме Чекоров но на стотина метри беше погоден. Збеснетиот окупатор се светеше на мртвото тело: целото искасапено и со распукнат череп. Беше тоа на 16 јуни 1943 година.

Ферчо Глигоров Поп-Ѓорѓиев

Ферчо Поп-Ѓорѓиев (1916-1943)

Роден 1916 година во Ваташа. Член на СКОЈ од 1943. По занимање берберски работник. Дуќанчето бргу стана едно од најомилените собиралишта на младите. Често се собираа овде, дискутираа за добиените вести, ги распределуваа задачите. Тој беше еден од најактивните агитатори меѓу младината за приклучување кон напредното движење. Заедно со група другари на 1 мај 1943 година организира масовен мајски излет во месноста Моклиште во близината на Ваташа. Тогаш растреперени од радост, збратимените младинци не знаеја дека месец дена покасно во истото зеленило ќе бидат секнати нивните песни, за секогаш. Целиот излет беше обоен со слободарство. Ги пееја своите песни и мечтаеа.

Стрелан е на 16 јуни 1943 година во колоната на дванаесетмината.

Илија Димов

Илија Димов (1925-1943

Тишлерски работник во Кавадарци, роден во Ваташа 1925 година. Многу млад се вклучува во редовите на напредното движење. Беше необично активен во акцијата за собирање храна и оружје на партизанските ореди. Во таа акција е одговорен на младинската група. Во СКОЈ е примен во својата неполна 18-та година. Него ќе го најдевме секаде — со добитокот како пренесува храна и оружје во магазинот во близината на Полошкиот манастир, од секого, како врска за релацијата Кавадарци — Неготино. Бараше постојано да биде активен, да добива задачи, затоа што знаеше дека борбата тоа го бара. Беше многу конспиративен. Бараа од него да го оддаде местото каде го крие оружјето, но напразно.

На 16 јуни 1943 година, стрелан е од фашистичкиот окупатор. Непријателот не го пронајде скриеното оружје ни по неговата смрт.

Ванчо Тасев Ѓуров

Ванчо Ѓуров (1924-1943)

Роден е 1924 година во Ваташа. Член на СКОЈ од 1943 година. Неразделен другар со дванаесетмината. Впрочем, тие како да беа еден — секаде: во веселбите, во акциите, во подготовките. Од своето дуќанче направи конспиративно собиралиште на младинците. И тој како и неговите другари има голем удел во акцијата за собирање храна и оружје за партизанските единици. Конспиративно се собираше од народот храна, се извлекуваше од визбите и таваните чуваното оружје и ноќе се пренесуваше до определното место. И постојано така, непријателот ништо не можеше да сознае. Стрелан е на 16 јуни 1943 заедно со другарите со кои работеше за праведното дело.

Ѓерасим Лазов Матаков

Ѓерасим Матаков (1925-1943)

По занимање слаткарски работник, роден на 24. IV. 1925 година во Ваташа. Целата младина ја собираше на игранки во својата куќа, и имаа привлечност тие другарски среќавања сред песна и игра, често претворувани во најитен состанок на групата за анализирање на ситуацијата или расподелување на задачите. Многу песни научија слободно да ги пеат. Најсаканите, беа оние што зборуваа за слободата и слободните пролети. Гласот добиваше посебна боја. Па песните беа сменувани со вжештените дискусии за тоа како утре ќе го уредат својот слободен живот. Секој се натпреваруваше да добие потешка задача.

Другарите го примаат во СКОЈ 1943 година. Тоа е најголемата дата во неговиот млад живот. А само неколку дена потоа, на 16 јуни 1943 година згаснува неговата младост во злокобното Ваташко клање.

Пано Методиев Мешков

Пано Мешков (1925-1943)

Роден на 14. Х. 1925 година во Ваташа. Ученик. Рано во школската клупа се родува сознанието за вистинската правда на животот, многу поразлична од онаа што ја пишуваше во учебниците, правдата што се сознава низ борбата за неа. Имаше малку години, но зар возраста тука игра некоја пресудна улога кога времето вика. Се приклучува во редовите на напредната група на дванаесетмината. Учествува на секој собир, на секој договор. На големото дело целиот се посветува — знаеше дека клупата ученичка треба да се замени со нешто свето во кое тргнува целиот народ. Пресуден момент во неговото одлучување е кога брат му заминува во Велешкиот партизански одред. Во СКОЈ е примен 1943 година. Беше секаде со другарите, ја прифаќаше секоја задача, целиот беше исполнет со здрав оптимизам. Жртвуваше многу од својата гимназиска младост — но знаеше тоа е целта на животот: да се избориш за живот поарен за сите, убавината на човечкото постоење.

Во школскиот прозивник графата под еден број остана засекогаш неисполнета. Една клупа идната учебна година беше празна. На 16 јуни во блокада одведен е со храбрата група на последен излет, онаму каде многу пријатни часови беа провеле тие — верните другари — дванаесетмината, сега на заедничкото губилиште.

Пане Методиев Џунов

Пане Џунов (1925-1943)

Ученик. Роден на 14. X. 1925 година во Ваташа. Неговиот дом му беше првата и најголемата револуционерна школа. Овде меѓу своите, кои исцело беа оддадени на Народно-ослободителното движење, ги стекнуваше првите сознанија за непомирливоста со животот, овде се создава најголемата љубов кон оние што својот живот им го посветуваат на непомирливата борба. Нивната куќа беше центар и склониште на илегалците. Овде се изработуваа летоци — прогласи — оттаму тој ја почна својата прва акција. Во ученичката торба меѓу тетратките со домашните задачи беа летоците што требаше да се растурат. И со радост ја исполнуваше таа задача — од рака до рака меѓу луѓето се пренесуваше сончевината на вистината за борбата и непокорността на еден народ. Непријателот беснееше, вршеше претреси — но никој не ги откри храбрите момчиња што ја носеа како леб таа вистина. Сите машки членови на неговото семејство заедно со стариот татко отидоа во партизани. Во СКОЈ е примен во 1943 година. Неговиот брат Ристо Џунов преку него обавуваше голем дел од доверливите акции на движењето.

Мечтаеше за деновите што ќе дојдат пролетно расцутени, за новиот живот во тие пролети. Беше во школската клупа а со духот, со сета своја животна присутност, беше во една друга тешка, но така човечна школа — школа на борбата за живот под слободата.

Стрелан е на 16 јуни 1943 година од фашистичниот окупатор во колоната на дванаесетте прекинати пролети. Од борбите не се врати и неговиот брат Блажо — тогашен студент на земјоделскиот факултет.

Блажо Димев Ицев

Блажо Ицев (1925-1943)

Роден е на 27. ІІІ. 1925 година, по занимање тишлер. Иако тогаш неговите родители беа незаинтересирани за движењето, рано му се оддава целиот благодарејќи на неразделната дружба со напредните младинци. Знае дека борбата треба да биде сеопфатно ангажирање на сите оние што го сакаат животот и работи на тоа вистината за таа борба да допре насекаде за да станат редовите побројни. И активира голем број од своето пошироко семејство, им всадува љубов кон народно-ослободителното движење. Учествува во акциите за собирање на храна и оружје за партизаните. Во СКОЈ е примен 1943 година.

Стрелан е на 16 јуни 1943 година крај Ваташа.

Ристо Трипов Георгиев

Ристо Георгиев (1925-1943)

Роден на 20. III. 1925 година, по занимање фурнаџија. Член на СКОЈ од 1943 година. Ѝ припаѓа на групата на напредното движење. На многуте заеднички собири, состаноци, игранки стекнува сознане за борбата што ја води народот на оваа земја за леб и слобода на сите. Сознава дека тежината на животот помалку тежи кога човек знае дека не е сам, знае дека голема колона е тоа и горд стануваш што си дел на таа колона што се бори за живот. Дознава многу работи од кои му станува полесно затоа што го обврзаа тие — да биде истраен во заедничката борба. Заедно со своите другари учествува во акциите за пренесување на храна, оружје за партизанските единици, во растурањето на летоци. Не му е тешко да биде секаде.

Стрелан е на 16 јуни 1943 година заедно со оние со кои беше неразделен другар.

Перо Илов Видев

Најмладиот од редовите на храбрата колона младост. Роден е 1928 година. Ученик. Слобода, правдина, живот — колку фразерски одекнуваа овие зборови од учебникот што мораше да го „буба“ — а крај себе детските очи беа зрели да видат што всушност значи ропски живот! И ја засака таа вистина на животот, таа непокорност на луѓето свиткани под тешкиот јарем на бедата. СКОЈ, каде што стапува 1943 година, е неговата вистинска школа и најсилна љубов. Неговите родители не беа заинтересирани за движењето. Често земаше пари од малиот трговски дуќан на татка си и ги даваше за потребите на движењето. Едно време не ја мереше возраста, и неговите години пред учеството во решителните акции го губеа своето значење. Тој беше способен за секоја задача и ја исполнуваше. Останаа многу мечти недомечтаени, школските прагови без неговиот чекор, беше пролет разлистена, сончева, тоа сонце што така силно го сакаше.

Беше храбар, со гордо чело кога на 16 јуни 1943 година ја одведоа колоната на стрелање. Неговиот живот згасна тогаш кога наполнуваше едвај 16 години.

Данко Глигоров Дафков

Данко Дафков (1925-1943)

Ги имаше годините на своите другари. Роден е во Ваташа, по занимање земјоделец, член на СКОЈ од 1943 година. Беше нераздвоен другар со Диме Чекоров и стана нераздвојна целина од дванаесетмината. Насекаде беше со нив. Во секоја акција. Бестрашно, смело, како што може да биде една младост тукушто расцутуваше, целата вљубена во животот. Го сакаше многу животот и се бореше за него. Таа борба беше сфаќање на животот во неговата вистинска убавина. А убавината беше: чувството дека му припаѓаш на еден голем строј и на неговите денови; летоците што така цврсто ги стегаше до своето срце како да сакаше да се преточи во нив и еден по еден ги разделуваше да им ги грее срцата на луѓето; храната што овој наш човек ја одвоил од својата уста и што треба да стаса што побргу до народните борци; излетот сред расцутената пролет со песните за пролетта што ќе ја избориме. Зар тоа не е вистинската смисла на живеењето? Зар за таква смисла и младоста да се жали, за неа таа треба да се подари!

На 16 јуни 1943 година згасна една пролет тукушто расцутена, насмеана, со очи ведрина, заедно со Дванаесетте пролети прекинати во цутеж, од окупаторот, само затоа што беа силно вљубени во младоста на животот.

___________________________

* Интегрален текст од книгата: Дванаестмината од сончевата колона на младоста, Скопје, Централен комитет на народната младина на Македонија, 1961, 43 стр.

___________________________