This post is also available in: French German
Преродбата на еден јазик: кон песните на македонскиот лиричар Ацо Шопов*
Ина Јун-Брода
Во југозападниот крај на Охридското езеро, таму каде што денес дури ни зајците не се плашиливи, туку само од една дрвена примитивна турска осматрачница недоверчиво се гледа преку албанската граница, преку еден зелен честар испресечен само од граничната линија кон југословенската страна, пред неколку столетија Наум и Климент, учениците на словенските апостоли Кирил и Методиј ги создадоа основите на една словеснска култура.
Таму настана нова азбука и првиот превод на Библијата. Таму и денес над езерото се извишува манастирот на Свети Наум, со своите груби цигли и фрески со боја на езерото во внатрешноста – дражесно пропорционални и воопшто не киклопски монументални, поскоро една архитектура „според човечки мерки“.
Но, покасно овој јазик и неговата култура мораа да занемат. Сѐ до нашето време тој беше осуден на молчење. Македонскиот народ живејќи меѓу Византија и Рим на „Виа Егнација“ поседуваше богата градежна култура, создаде прекрасни манастири и градчиња, создаде едно благо од народни песни и епови, но не постоеја никакви можности за развиток на пишаниот јазик и литература. Сѐ до крајот на Втората светска војна официјално немаше ни во старата Југославија ниту македонска нација ниту македонски јазик. Еден народ во кој се роди една владеачка личност каков што е царот Самуил, живееше отпрвин под Турците, а по Балканските војни (1912) беше разделен меѓу три држави и сѐ до конституирањето на Народна Република Македонијав во рамките на југословенската федерација во 1945 година, тој не смееше ниту да го носи своето име ниту да има училишта на свој јазик. Во стара Југославија Македонија беше наречувана Јужна Србија или Стара Србија или Вардарски Банат, а и денес Македонците што живеат во Бугарија и Грција, таканаречените пирински и егејски Македонци немаат статус на сопствена националност.
Дури по 1945 година македонските деца почнаа во Југославија да учат на мајчин јазик и добија македонски буквари и читанки. Најстариот македонски правопис стар е само 20 години, а првиот речник со објаснувања на македонски и на српскохрватски јазик се појави во 1961 година и претставува вистински културен настан. Речникот е издаден од поетот и јазикoвeцoт Блаже Конески во соработка со познати филолози и вкупно содржи 64.500 зборови од архаичното јазично благо на народните песни, како и провинцијализми, зборови од колоквијалниот секојдневен јазик и усвоени туѓи зборови од областа на науката и техниката што на книжевниот јазик му дава големи можности за развиток и обоена варијабилност.
Првиот роман на македонски јазик се појави во педесетите години со наслов Село зад седумте јасени, а негов автор е Славко Јаневски, инаку еден неодоливо своеволен и модерен лиричар. Со оваа книга, чиниш, тој си ставил во задача неговиот навидум мртов јазик да го разбуди од сонот на заспаната убавица.
Од времето на браќата Миладиновци кои во 19 век ја отпочнаа македонската Преродба за многу поетски генерации творечкото обликување и дотерувањето на јазикот, отворањето на благородни, модерни патишта во сировиот, уште неизградениот но способен за изградување јазик, стана не само политички cтpeмeж, тукy и cтpacт.
Јазикот, кој и покрај своето богатство за една лирска тематика со душевни диференцирања е уште недооформен и рапав, кој под влијание на грчките и албанските соседи остана со нееластична граматика – за разлика од раскошот на деклинациите на другите словенски јазици – за македонските поети беше и сега е пречка, но истовремено и поттик творечки да го изградат своето нежно речиси молбено барање на збор до машко силување на зборот.
На секоја литература и е потребно време за органско растење, ниеден народ не може со еден скок да навлезе во една поетска епоха на творештво за која на другите нации им биле потребни столетија на развиток и десетлетија на велеградски и индустриски живот. Еден таков обид би водел кон пресечување на корените и кон голо имитирање. Но, сепак епохите може да бидат изминати во побрзо темпо без притоа да се прескочи нешто што е органски неопходно.
На Струшките вечери на поезијата, на брегот на Охридското езеро – средбите се одржуваат секоја година и веќе претставуваат традиција – беше крајно возбудливо да се констатираат резултатите од брзиот раст на македонскиот јазик, феноменот на истовремено постоење едно до друго на песни во традиционален народен тон на стари легенди и модерни песни со индивидуална форма и нова содржина. Читањата на песните ги посетуваат не само поети, туку и слушатели од сите слоеви, деца домаќинки, младинци – и сите се заинтересирани и се фасцинирани. Јазикот и зборот, нивното значење за националната супстанција е општа „преокупација”. Македонија како чувство за живот и проблем го образува главниот мотив на поезијата, почнувајќи од паганските митови до политичката сатира.
Освен тоа дејствува и пејзажот: езерото, речиси магичните особености на водата од Охрид, Преспа и Дојран, маглите во кои се губат контурите на езерските брегови, фреските на манастирските зидови, венци со боја на старо злато од тутунови лисја што се сушат, кои му даваат белег на пејзажот на доцното лето. Покрај овие визуелни елементи како мотив доминира јазикот, настанување на зборот, создавањето и “венчавањето” со песната.
Магичната игра со еден јазик кој уште не е фиксиран со правила за лиричарот Ацо Шопов значи едно творечко заведување. Постојано се враќа мотивот на уметничкиот акт на сведочење, кај него еротички-креативно се слеваат во едно зборот, песната и жената. Не случајно насловот на една од неговите песни е „Раѓање на зборот”, додека во неговата „Песна” читаме „Забоди се непогрешно в срце. Како копје”, а во „Езеро крај манастирот”: „Фатени сме, песно, во првиот грев”. За него јазикот е оган, што подземно гори „под луди води”, оган по кого тој „со три ножа” рови [Долго доаѓање на огнот].
Извонредната поетска дарба на Ацо Шопов е феномен како расутената крошна на агавата која од навидум мртви лисја одеднаш вивнува и се исправа пред нас. Тонот на неговите песни е истовремено сврзан со традицијата, готово архааичен, но и сосем модерен, иако не во смисла на најновата студена „антилирика”. Всушност, Шопов како и другите македонски лирици поради оваа касна национална преродба му припаѓа на 19. век. Понекогаш тој потсетува на Бодлер но без проколнетоста на poète maudit, поскоро би се рекло дека, со богатството на неговите метафори, тој наликува на негов помлад брат, со повеќе животен сок. Кај Шопов се забележува нешто младешко и покрај тоа што ѝ припаѓа на средната генерација. Тоа веројатно доаѓа од доживувањата на војната, во која тој учествуваше како припадник на најмладата генерација на отпорот. Војната е присутна како тема најчесто во најраните песни на Шопов. Но страдањата од војната помалку доаѓаат до израз во тематикака отколку во интензитетот на неговите визии, во неговото нурнување во длабините на свеста или потсвеста, како што го доживеал сонувајќи буден за време на ноќните маршеви; соништа во кои човек бега пред смртта и лудилото; за да стане поет и да изгори во модриот јаглен на зборот, како што се вели во неговата песна „Раѓање на зборот”.
___________________
* Превод од германски јазик на текстот на Ина Јун-Брода објавен во австиското списание Literatur und Kritik, Nr. 39, Oktober 1969. Преводот најверојатно му го должиме на Душко Томовски. Оваа верзија објавена во Лирскиот дом на Ацо Шопов е корегирана. Машинописот се наоѓа во Фондот Ацо Шопов во Архивот на МАНУ: АШ К3 АЕ37.