This post is also available in: French Spanish English

Со прсти

Што друго да се очекува од старец ако не да оди по доктори
за му го потврдат она што веќе го знае
дека неговиот пад е неповратен

да го убива времето
да скршнува безволно – и тој и неговите мечти – од животот од патот за да здивне
да се расправа со неговите блиски, т.е. градот  што сега му се одмаздува за некогашните лудории и жестини:
скалилата се множат до бескрај
тротоарите се лизгаат
ветерно чеканче со обична топуска му ја крши забната протеза
во хотелскиот мијалник
и згора на тоа ноќните духови му ја фрлаат низ прозорец
та соседите се жалат на бука
во доцни ноќни часови

старци за подбив
што се вели
старци што шират реа на скитници
или на зандани
(вистина е дека школкска училница лете
со други мириси
ви го превртува стомакот)

старецот живее во огромна земја
студена од покајанија и условно време
земја на петар пан
во која скржливоста не може ништо против
малите гнасни принцови без престол
земја на брадавици, потреси, кашлици,
послана со кошмарни теписи

jас, лазар,
на враќање од академијата
по обичај расподелувам
скапоцени трошки, укази на милост

виножитото се јаде со прсти
росата ја разблажува лошата реа
скапоцените камења во џебовите го отежнуваат летот:
нареди ги по небесниот свод
додека ја учиш азбуката на облаците правот на немаштијата се брише
од многу точење стомната на крајот прска
во рој светлосни честички
ионака за што служат стомните
луѓето
чорапите
куќите
слоновите
ако не за еден ден да прснат
тукутака
одненадеж
и потполно свесно.

Песна на Луиса Футорански во препев на Јасмина Шопова