This post is also available in: French Spanish German Russian English Albanian
Изет Сарајлиќ, Босна и Херцеговина
Изет Сарајлиќ (Добој, 1930 – Сараево, 2002), еден од најпознатите босански поети, беше голем пријател на Ацо Шопов, којшто препеа на македонски избор од неговата поезија (Поезија / Изет Сарајлиќ. Скопје: Кочо Рацин, 1965). Кога во 1967 год. Шопов беше избран за еден од членовите основачи на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Сарајлиќ му честита со една носталгично–хумористична елегија во проза како и со една куса песна со долг наслов: „Почесна елегија од Изет Сарајлиќ, бивш главен уредник на Живот, посветена на Ацо Шопов, бивш главен уредник на Иднина, по повод неговиот избор за член на Академијата” (објавени подолу на оваа страница).
Подоцна, Изет Сарајлиќ и самиот беше избран за член на Академијата на Босна и Херцеговина. Тој речиси сиот профеионален живот го помина како издавач во „Веселин Маслеша” и професор на филолошкиот факултет во Сараево.
Во 1965 год. Шопов објави избор од творештвото на Изет Сарајлиќ под наслов Поезија. во издавачката куќа Кочо Рацин, 1965. 56 стр.
Почесна елегија од Изет Сарајлиќ, бивш главен уредник на Живот, посветена на Ацо Шопов, бивш главен уредник на Иднина, по повод неговиот избор за член на Академијата
Мојот пријател стана академик!
Тоа му доаѓа нешто како покојниот Жан Кокто за Франција.
Отсега, кога ќе оди во Париз
мoјот пријател
не ќе смее да оди во Булоњската шума
ниту во бистроата на Монмартр.
Наместо да седи во меана
ќе заседава во президиум.
Нема да смее дури
ни лош стих
да напише.
Па тогаш, за што да му честитам?