
Најава: Денови на поезијата, 2025
Од 19 до 21 мај, фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и Скопје Сити Мол повторно ја отвораат својата поетска сцена за љубителите на убавиот збор.
Во фокус на свеченото отворање се браќата Миладиновци, Григор Прличев, Славко Јаневски, Лилјана Чаловска, Гого Ивановски, Абдулазис Ислами, Фахри Каја, Бистрица Миркуловска, Адем Гајтани, Саме Лимани Жарноски, Игор Исаковски и Георги Сталев, но и македонскиот јазик и македонската азбука.
Омаж на Линдита Ахмети и Михаил Ренџов, со Џабир Ахмети, Петар Ренџов и Сашо Гигов-Гиш.
Перформанс со поезијата на Сенгор и Шопов, во изведба на Никола Ристановски и Игор Џамбазов.
По успехот на првата едиција на Деновите на поезијата, во март 2024 година, кои беа иницирани по повод 80 години од првата книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија, Песни од Ацо Шопов (1944) и Светскиот ден на поезијата (21 март), организаторите и оваа година ќе им дадат збор на сите генерации македонски поети, од основоположниците, преку современите афирмирани поети, па сè до оние кои допрва почнуваат да ја градат утрешнината на македонската поезија.
Книжевниците на кои ќе им биде оддадена почит на свеченото отворање на манифестацијата, во понеделнил 19 мај, се Димитар Миладинов (по повод 215 години од раѓањето), Григор Прличев и Константин Миладинов (195 години), Славко Јаневски и Лилјана Чаловска (105 години), Гого Ивановски (100 години), Абдулазис Ислами, Фахри Каја и Бистрица Миркуловска (95 години), Адем Гајтани и Саме Лимани Жарноски (90 години) и Игор Исаковски (55 години), а ќе биде одбележан и 95. роденден на Георги Сталев.
Нивните стихови ќе ги чита Никола Ристановски, со придружба на Анастасија Трајковска и Давид Димоски, студенти од класата на Ангелчо Илиевски, на Факултетот за драмски уметности, и Никола Ѓоргиев и Антонио Трајкоски, студенти од класата на Драган Даутовски, на Факултетот за музичка уметност при УКИМ, а за нив ќе зборува Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература.
Аврамовска ќе се осврне и на другите значајни овогодишни јубилеи, како што се: 150 години од објавувањето од „Речник на три јазика“ и 145 години од објавувањето на „Слогница речовска“ од Ѓорѓија Пулевски; 135 години од првата докторска дисертација за македонскиот јазик на балто-германскиот лингвист Леонард Готхилф Мазинг; 100 години од објавувањето Абецедарот – буквар на македонски јазик за македонското национално малцинство во Грција, подготвен од специјална комисија на грчката влада, под покровителство на Друштвото на народите во Женева, отпечатен во Атина; и 80 години од усвојувањето на македонската азбука и македонскиот правопис, како и од печатењето на првиот Буквар во слободна Македонија.
Во својство на претседател на Македонскиот ПЕН центар, Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ ќе ги најави средбите и разговорите што ќе се одвиваат во следните два дена.
Омаж ќе им биде оддаден и на двајца поети кои нè напуштија меѓу две едиции на манифестацијата, Линдита Ахмети и Михаил Ренџов, чиј поетски збор ќе оживее преку нивните најблиски: писателот Џабир Ахмети и музичарот Петар Ренџов, со вокална придружба на Сашо Гигов-Гиш.
Свеченото отворање ќе се заокружи со поетскиот перформанс „Сенгор – Шопов: паралели со допирни точки“, во изведба на Никола Ристановски и Игор Џамбазов.
***
На 20 и 21 мај, на Поетската сцена во Скопје Сити Мол ќе слушнеме поезија од македонски автори, но и нивни препеви на грчки јазик, како и препеви на грчки поети на македонски; ќе разговараме за развојот на македонската азбука и предизвиците што таа ги покренува во добата на современите технологии и ќе се запрашаме како се одвива меѓугенерацискиот диалог во кругот на македонските поети.
Претпладнето на 20 мај ќе им биде посветено на најмладите, со настап на ученици од ОУ „Владо Тасевски“ под наслов „Од А до Ш“, буква по буква до песна“. Во соработка со издавачката куќа „Чудна шума“ ќе биде отворена и изложбата „Бушава азбука“ со репродукции на цртежите на Душан Петричиќ во истоимената книга од Горан Стефановски. „Убавата приказна на нашата азбука“ на децата ќе им ја раскаже Весна Мојсова-Чепишевска.
„Во дослух со Шопов“ е насловот на средбата со претставници на Македонскиот ПЕН центар и добитници на наградата „Ацо Шопов“, која попладнето, на 20 мај, ќе ја води Владимир Мартиновси, а во која ќе учествуваат Гордана Михаилова-Бошнакоска, Раде Cилјан, Зоран Анчевски, Славе Ѓорго Димоски и Ивица Џепаровски.
Веднаш по нив, разговорот помеѓу Сотирис Минас и Иван Антоновски ќе им биде посветен на македонско-грчките поетски координати.
21 мај ќе биде исто така во знакот на младите, со настапот „Ut musica poesis“ на ученици од гимназијата „Никола Карев“, од Скопје, по кој ќе разговараме со типографот Ласко Џуровски за македонската азбука, од аспект на новите технологии.
Преку ликовите на Санде Стојчевски и Павлина Атанасова, две поетски генерации ќе се сретнат во „Диптих“ кој ќе го води Јулијана Величковска, пред да ги претстави учесниците од „Скопје СИ ТИ, настан наменет за поддршка на најмладите поети, во организација на „ПНВ публикации“ и „Култура бета“, со кој ќе се затворат овогодишните Денови на поезијата.
***
Во текот на првата едиција на Деновите на поезијата, во март 2024 година, публиката испиша речиси стотина песни на „Ѕидот на поезијата“. Тој ѝ останува и овојпат на располагање. Но оваа година Скопје Сити Мол оди уште похрабро во пресрет на публиката, и ја кани да чита стихови на неговата „Отворена поетска сцена: Сите сме поети!“, за што предвидува награди во „Поетското тркало на среќата“.
Меѓу новитетите што се внесени во оваа едиција на Деновите на поезијата спаѓаат и активностите посветени на најмладата публика. Покрај настаните во изведба на ученици од основното и средното образование и изложбата „Бушава азбука“ која им е специјално наменета, издавачката куќа „Чудна шума“ ќе организира ликовни работилници на истата тема на која ќе учествуваат ученици од основното училиште „Петар Поп Арсов“.
***
За оваа втора едиција на Деновите на поезијата, кон фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и Скопје Сити Мол се приклучија голем број партнери од наставно-научниот сектор, како Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Институтот за литература, Факултетот за драмски уметности и Факултетот за музичка уметност, при УКИМ, гимназијата Никола Карев и основните училишта „Владо Тасевски“ и „Петар Поп Арсов“ од Карпош – Скопје; од културниот сектор, како Македонскиот ПЕН Центар, Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература и „Култура Бета“, од издавачкиот сектор, како „ПНВ Публикации“, „Чудна Шума“ и „Литература.мк“; и приватниот сектор, како киното „Синеплекс“ со Скопје Сити Мол.
***
„Поезијата е и стварност и фантазија, мит на јавето за блиското и далечно минато, за блиската или уште подалечна иднина“, рече одамна духовниот татко на манифестацијата, Ацо Шопов. Од 19 до 21 мај, во Скопје Сити Мол го споделуваме тој простор меѓу стварноста и фантазијата!
***