Поезијата како меморија – Песни од темнината на Л. С. Сенгор*
Лидија Капушевска–Дракулевска
“Кога пишувам, се сеќавам, кога се сеќавам, пишувам”.
Ана Ахматова
Дали литературата и меморијата имаат ист извор на слики? И дали книжевната иконографија упатува на иконографијата на паметењето, или, пак, сликовитоста на меморијата е отелотворена поетска фантазија?
Со овие и слични прашања, во науката за литература се проблематизира можното вкрстување на имагинацијата на паметењето, од една, и поетската фантазија, од друга страна. “Од аспект на меморијата, литературата е мнемотехничка уметност пар еxцелленце, зашто ја втемелува културната меморија” – со право ќе рече германската славистка Ренате Лахман. Секоја книга е, едновремено, и место на меморија, во буквална смисла на зборот, (подлога за пишување: бела хартија или папирус, на пример), и слика на меморијата (текст, писмо); значи, и нешто материјално (опипливо, телесно) и нешто нематеријално (зачувано знаење за животот и светот). Сликата на паметење е невидлива, но може да премине од отсуство во присуство, од прикриеност во сликовност која се развива на ниво на текстот/писмото. На тој начин, меморијата се јавува во улога на втемелувач на една хиперреалност, како што би рекол Бодријар, генерира нешто реално без реалност. Писмото како меморија има магиска димензија: текстот, имено, го чува запишаното и истото го открива во дијалог со соговорниците, читателите, потомците.
Творештвото на Леополд Седар Сенгор е парадигматично за едно вакво промислување на литературата како арс мемориае, или како стратегија на преживување на културата, иако, кога станува збор за поезија, ситуацијата е многу поспецифична, со оглед на нејзината нереференцијална суштина. Но, познато е дека токму со помош на инстанцата на паметење, во првите децении на XX–от век акмеизмот во својата поетика и поетска практика ќе го пресврти вреднувањето на лирската реч и ќе успее да развие “лирска” концепција на културата чијшто средишен облик е изразување на дијалог, наспроти Бахтиновата концепција за недијалогичност на поетската реч.
Кој со кого води дијалог во поетскиот првенец на Сенгор – стихозбирката Песни од темнината (Chants d’ombre) објавена во 1945 година? Овие песни настануваат за време на поетовиот престој во Париз, а пеат за црна Африка. Неслучајно, бидејќи, токму во еден поинаков хронотоп, при средбата со различната, туѓа цивилизација и култура, се диференцира свеста за постоење на сопствената другост; односно, идентитетот се формира и се определува преку или низ призмата на алтеритетот. Од друга страна, Сенгор ја открива Франција како најголем музеј на црнечко–африканската уметност, што значи дека сопствената традиција е депонирана и во традицијата на туѓата култура. Песната “Црнечка маска” (“Masque nègre”) му е посветена на Пабло Пикасо, еден од првите уметници (заедно со Брак и Аполинер) кој ја открил убавината и значењето на црнечката маска за уметноста; или, во песната “Жоал” (“Јoal”) завршните стихови кои гласат: Ритмично ми чекори мислата изморена / Долж европските денови, каде понекогаш / Се огласува еден осамен xес кој липа, липа, липа, (“Ma tête rythmant / Quelle marche lasse le long des jours d’Europe où parfois / Aparaît un jazz orphelin qui sanglote sanglote sanglote”) преку една “синестезичка мнемотехника” се алудира на онаа “сетилна иреалност” (како што би рекол Хуго Фридрих): сетилно, хронотопско вкрстување на реалното “hic et nunc” со иреалното “таму” и “некогаш“; во песната “Ин мемориам”, пак, поетот молитвено им се обраќа на предците да ги одбранат “покривите на Париз”, “покриви што ги заштитуваат неговите мртви” (“Les toits de Paris”, “Les toits qui protègent ses morts”).).
Оттаму, средбата на Јас (Жоал, Африка, црната раса) со Другиот (Франција, Европа, цивилизацијата на белците), е всушност, средба на Јас со Јас, откривање на сопственото во туѓото. Од друга страна, Сенгор пишува не на јазикот на своите предци, туку на француски јазик и со тоа неговата поезија се инкорпорира во традицијата и на европската литература: поетскиот јазик и израз кај Сенгор ги чува трагите на епското пеење од времето на Хомер или Овидиј; тоа е реторичен, долг стих погоден за усно кажување, што како практика постоела кај сите древни народи. И овој пат се работи за препознавање на улогата на народниот бард од типот на Хомер во сенегалскиот дијали – трубадур, поет и музичар – и на тој начин, од јазичен аспект, во неговата поезија се остварува дијалог на Другоста (францускиот јазик и неговата европска традиција) со Јас (традицијата на древното африканско пеење), во склад со историско-општествениот контекст на Африка и свеста за Европа за која сме врзани со папочна врвца (“l’Europe à qui nous sommes liés par le nombril”), како што вели поетот во песната “Молитва за маските” (“Prière aux masques”), алудирајќи притоа, не само на колонијалниот статус на африканските земји, туку и на некоја заедничка, духовно сродна, културна традиција.
Средбата меѓу културите, освен надворешна, екстровертна манифестација преку принципот на аналогија или синестезија, има и свој ирационален аспект. Имено, Песните од темнината, како што кажува самиот наслов, ја тематизираат внатрешната реалност (темнината на душата, мистеријата на ноќта во којашто е нурнато човековото битие, црната материа прима), како темел на севкупниот психички живот или подрачјето на несвесното, кое, пак, психоаналитички, претставува инхерентна другост, пробив на импулсите од темните “правизии” и езотерични митови. Според искуствата на Фројд и Јунг, поезијата е меморија на внатрешното време, а поетот е медиум низ кој струи граѓата на колективното несвесно, неговиот глас носи траги од други гласови. За илустрација, ги посочуваме финалните стихови од “Песна на темнината” (“Chant d’ombre”) коишто гласат:
Слушај го мојот необичен глас што ти ја пее во темнината
Оваа песна посеана со прскањето на распеаните комети.
Јас ти ја пеам оваа песна песна на темнината со еден нов глас
Со стариот глас на младоста на световите.
Écoute ma voix singulière qui te chante dans l’ombre
Ce chant constellé de l’éclatement des comètes chantantes.
Je te chante ce chant d’ombre d’une voix nouvelle
Avec la vieille voix de la jeunesse des mondes.
Произлегува дека дијалогот на лирскиот субјект со сопствениот идентитет, имплицира и дијалог на Јас со Другиот, на индивидуалното со колективното искуство, бидејќи токму во неисцрпната ризница на несвесни асоцијации, единката може да го прошири сопственото искуство до недоглед и да го опфати сè она што може да биде содржина на некоја свест. На планот на интелектуалната преработка на трагите, одблесоците или внатрешниот ритам (гласовите, звуците) на старите ритуали и обреди, поникнати во колективното несвесно, оваа поезија се доближува до лириката на Еме Сезер, книжевниот предок на Сенгор, како што би рекол Харолд Блум, односно “сакан брат и пријател”, според зборовите на самиот поет (песна “Писмо до еден поет” / “Lettre à un poète”).
Овие дуплирани, дури и полидимензионални дијалози во лириката на Сенгор се можни единствено преку инстанцата на сеќавањето, како придружна компонента на умешноста на меморирање и чување на меморираното: Го одбрав моето живеалиште крај засолништата пресоздадени / од сеќавањето (J’ai choisi ma demeure près des remparts rebâtis de ma mémoire) – го формулира поетот својот творечки завет во песната “Позлатена врата” (“Porte dorée”). Песните од темнината користат некои типични техники или постапки на принципот сеќавање, како: евокација, реконструкција, реплика, повторување или претопување на времето на предтекстот со сопственото време. Тоа е една специфична лирска перспектива на времето: неподвижно, запрено време кое му овозможува на поетот да потоне во некој ирационален, загадочен, магичен свет исткаен од соништа и привиденија. Дијалогот на хронотопите во поетскиот дискурс на Сенгор којшто се остварува како дијалог помеѓу “малото и големото време” (според терминологијата на Бахтин), или, времето човечко и времето историско, му овозможува на поетот да суштествува во два света одеднаш: светот на секојдневието и светот на сеќавањето.
Сеќавањето кај Сенгор се разликува и од прустовското повторно и целосно оживување на некој првобитен впечаток, и од поимното сеќавање кај еден Маларме, а е созвучно со сфаќањето на Св. Августин, според кој, освен на она што го доживеал, човек се сеќава и на сеќавањето на другите. Или, кажано со речникот на самиот поет: Јас самиот си бев дедо на мојот дедо / Јас бев негова душа и негово потомство / J’étais moi-même le grand-père de mon grand-père / J’étais son âme et son ascendance (песна “Нека ме придружуваат кори и балафон” / “Que m’accompagnent koras et balafong”). Во овие стихови како да одyвонуваат акордите на неоплатонистичката теорија за предегзистенцијата, за трансценденталното постоење на душата пред раѓањето. Во “Ноќ над Син” (“Nuit de Sine”), пак, Сенгор посакува “да го вдише мирисот на неговите Мртви”, да го прими и “прераскажува нивниот жив глас” (“Que je respire l’odeur de nos Morts, que je récueille et redise leur voix vivante”). Светот на мртвите е повторно еден свет на суштинска разлика или свет на Другоста. Се смета дека токму смртта ја поттикнува работата над меморијата; таа, всушност, ја овозможува меморијата. Впрочем, и легендата за грчкиот лиричар Симонид од Мелика, втемелувачот на мнемотехниката, упатува на генезата на ars memoriae во пресвртно време, од култот кон предците и тажачките.
Смртта или загубата, воопшто, многу често, во поезијата на Сенгор ги добива контурите на отсутното детство како еден од најопсесивните аксеолошки центри на неговиот поетски семиозис, покрај жената, ноќта или Африка; сите нив ги поврзува атрибутот на женскоста, “мистичната и светла”, “црна и блескава” Убавина (парадигматична во овој поглед е песната “Нека ме придружуваат кори и балафон”/ “Que m’accompagnent koras et balafong”). Темпоралната димензија на сеќавањето и асоцијациите на детството се општо место на поетската имагинација: опевајќи ја митологијата на сопственото детство, поетот како да ги опева големите митологии на минатото – детството на својот народ, или, детството на цивилизацијата, општо. И уште, свеста за загубата на детството е свест за преминот на загубеното на едно повисоко рамниште, во сферата на сеќавањето: Знам дека го загубив Рајот – но не го загубив сеќавањето / за градината на моето детство со шаренолики птици (Je sais le Paradis perdu – je n’ai pas perdu le souvenir du jardain d’enfance / où fleurissent les oiseaux) – поетски ќе го илустрира Сенгор познатото Адорново сеќавање и тага по изгубеното еденско доба или единство со природата (песна “Одмор”/ “Vacances”).
Лирската евокација на детството во Песните од темнината преку проекцијата на поетскиот субјект во иконографски раскошната, древна, црна Африка, претставува можност за ирационално, духовно општење со традицијата која се актуелизира низ современоста на поетот, исто онака како што неговата современост се универзализира низ елементите на традицијата. Може да се рече дека раната поезија на Сенгор, во светлина на Бодлеровата концепција за меморијата заснована врз “живоста” на имагинацијата, и шест децении по нејзиното објавување, сè уште функционира како дијалог на современоста и бесконечната, универзална временитост како еден бескраен и незавршен дијалог.
* Излагање на меѓународниот симпозиум Сенгор во полна слобода, што се одржа во рамките на прославата на Годината Сенгор во Македонија, на 20 март 2006, во Ректоратот на универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје.