Интимно*

на Шопов

Славко Јаневски (1920-2000)

Славко Јаневски (1920-2000)

Твојот крик за сина ти го дочув,
тe нacлутив како негде стоиш…
Штом се сетив ти , чувствуваш злочин” —
твојте чувства тогаш беа мои.

И се сетив на нашите денои —
бевме в чета, сè ни беше тесно…
Еднаш в племја, на шушкаво сено,
се родија в ноќ нашите песни.

Беа груби, од невешта рака
но регрути во еНОБе беа…
Слушај, момче, денес пак би сакал
да ја чујам тогашната смеа.

Да ја чујам по гора кај ѕвони,
пијан да си од стих и од вино,
развигорот издишки да рони,
штом те чуе: „Се видов со синот!“

И да биде ко што еднаш било,
син ти бледо лице да ти гали,
да прашува просто, детски, мило:
,,… А сонцево, татко кој го пали?“

Нему исто, ко на син ми често,
сите сказни стварност да му бидат,
па со шепот да те збуни лесно:
„Црвенкапа сакам да ја видам“.

Не е така… Но и да е така,
син ти еднаш ќе дојде до школо.
Ке трепери под негова рака
читанката штом го сретне болот.

Тој бол ќе е нежна, танка нитка, —
в учебникот татковите стихои.
Не се чуди ако син ти свиткан
ќе залипа во клупата тихо.

Ноќва една исповедна песна
од некаде на рака ми слета,
па разбирам зошто ти е есен,
кога надвор прва пупка цвета.

* Оваа песна на Славко Јаневски е напишана најверојатно на почетокот на педесетите години на дваесеттиот век. Објавена е, меѓу другото, во книгата Повоени македонски поети, од Димитар Митрев, Скопје, Кочо Рацин, 1960. Оригиналниот ракопис, со наслов „Интимен мотив” се наоѓа во Фондот Ацо Шопов, во Архивот на МАНУ: АШ К8 АЕ165