This post is also available in: French Spanish German Russian English Albanian
Ацо Шопов: Јус-универзум, Скопје, Мисла, 1968
„Сатирата е сушта спротивност на конформизмот и конформистичката литература, ‘опасна’ и ‘лизгава’ земја, рушител на ‘мирот’ и ‘редот’. Од сите уметнички ризици таа е најголем ризик”, вели Ацо Шопов во едно интервју по повод оваа негова единствена збирка сатирична поезија, којашто содржи 22 песни, објавувани во сатиричното месечно списание Остен, од септември 1966 година до октомври 1967.
Јус-универзум е воедно и првата македонска книга сатирична поезија. Причините за отсуството на таквиот жанр во македонската литература Шопов ги бара во „нашиот своевиден комодитет, во напластеното сало на нашето спокојство и нечувствителност кога се работи за другите, во пречувствителноста кога сме ние во прашање, во недостигот на готовност да се видиме самите себеси во искривено огледало, да се потсмевнеме на себеси и на нашите општествени и приватни мани”.
„Остро бескомпромисно, етички и поетски рафинирано, Ацо Шопов, шиба по изопаченоста на човечкиот лик”, пишува Миодраг Друговац во кратката рецензија објавена во 1969 год., во Современост бр. 10, „и, би рекол, по цели општествени организации во чии структури се намножиле разни јус-догматичари, јус-политичари, јус-новинари, јус-сценаристи, јус-рекламери, јус-дискутанти, јус-прозаисти, јус-поети, јус-критичари, итн. – како што гласат и насловите на некои од овде објавените песни.
Во една друга, продлабочена анализа на книгата, објавена во Современост бр. 4, 1983 год., истиот критичар ќе рече дека со „поетскиот свет на овој наш дотогаш исклучителен лиричар е проширен со една и нова и специфична димензија, и во чие сатиричко артикулирање тој внесе многу од своја лирска природа и интелектуална честитост”.
Осврнувајќи се кон сатиричната поезија на Ацо Шопов, во 1993 година, македонскиот писател Васил Тоциновски забележува дека можеби токму оваа мала, речиси премолчена, книшка од 59 страници најмногу и најуверливо зборува за Шопов како човек и општественик, творец и хуманист. „Изминати се двеипол децении од излегувањето од печат на книгата Јус-универзум од Ацо Шопов”, додава тој. „Прочитувајќи ја денеска, сознанието е поразително. Како ништо да не се прочитало и како да не се извлекла ни една поука од нејзините пораки. И тоа како да не е читанка за едно наше скорешно минато време, туку историја на мигот што го дишеме и живееме.”
Истата година, Ефтим Проевски објавува напис токму во Остен, во кој се навраќа на почетоците на сатирично-хумористичното новинарство во Македонија: „Замислете го Ацо Шопов токму во таков Остен. Можел ли да опстои, а да не го ‘зашили’ перцето, ако веќе секако му било јасно дека сатирата е лирска поетска магма. Се излива, врие, попарува…”, пишува тој, потсетувајќи дека ЈУС беше тогашна мерка за стандардот во Југославија и дека ЈУС е всушност „поетска метафора на стандардните, што ќе рече на оние што не отскокнуваат од пропишаните мерки. Што не отскокнуваат воопшто од себепропишаното сивило”.
За сатиричната поезија на Шопов, прочитајте ги:
- интервјуто на Ацо Шопов објавено под наслов „Сатирични стихови Јус-универзум”, во Вечер, на 03.12.1967;
- кратката рецензија на Друговац за збирката Јус-универзум, објавена во Современост, 1969, XIX, 10;
- кратката рецензија на Сретен Перовиќ, објавена во Стварање, 1969, XXIV, 4;
- статијата Остер сатиричен збор на Друговац, објавена во Вечер, 04.01.1969;
- прегледот на песните во збирката Јус-универзум од Васил Тоциновски, објавен под наслов „Сатиричната поезија на Ацо Шопов” во Творештвото на Ацо Шопов, 1993;
- освртот на Ефтим Проевски, Тивкиот лирски музаичар, објавен во Остен, на 18.12.1993, стр. 4
Пристап кон содржината на книгата
Пристап кон оригиналните ракописи