Ацо Шопов: Песни, Скопје: Главен одбор на Народната младина на Македонија, 1946.
Во оваа колективна збирка со Блаже Конески, Славко Јаневски, Гого Ивановски и Лазо Каровски, Ацо Шопов е претставен со три нови песни: „Очи”, „Една ноќ во офанзива” (тукушто за првпат објавени во списанието Нов ден, бр. 1−2) и „Честито”. Последниве две песни не се преземени во ниту еден подоцнежен избор, ниту пак во одбраните дела од 1976 и од 1993 година.
Книгата е објавена по повод Третиот конгрес на Народната младина на Југославија, со цел да се покаже влогот на младите македонски поети во изградбата на новата татковина по Втората светска војна.
Подолу го објавуваме предговорот:
„Народно-ослободителната борба на Југословенските народи е од огромно значение за македонскиот народ, најголемо собитие во неговиот многувековен ропски живот. Таа заедничка борба го истера фашискиот окупатор од нашата Татковина и ја урна стара хегемонистичка Југославија во која што Македонците немаа никакви права, не беа признати за народ. Денес нашите народи со општи усилија го градат својот слободен и равноправен живот.
Народно-ослободителната борба е во толку од поголемо значение за македонскиот народ, што таа борба му донесе, покрај политичката и економска слобода и слобода на културното поле, ги отвори сите возможности за неговото несмутено културно развитие. Во нашиве дни за прв пат во својот живот Македонците во Федеративна Народна Република Југославија ја создават слободно својата национална култура; се создава литература на македонски јазик, излегуе македонски печат, во училишта се учи на мајчин јазик, се негуе и развива македонската музика итн.
Покрај другите, во Македонија се развиваат и творат голем број млади луѓе на литературното поле. Нивната поезија пишуена на Македонски јазик, никната во Народно-ослободителната борба, не може а да не го одразуе участието на својот народ и младината во таа борба, денешните наши усилија за создавање на нашиот заеднички живот, како и љубовта на Македонците за другите народи на Југославија и нивниот најголем син, маршал Јосип Броз Тито.
Главниот одбор на народно-ослободителниот младински сојуз на Македонија ја издава оваа збирка од по неколку песни на нашите најистакнати пет млади поети како свој подарок на Третиот конгрес на Народната младина на Југославија. Со тоа тој пред целата младина на Југославија и останатиот свет иснесуе еден мал дел, но погледнато историски со голема вредност, што младината на Македонија постигнала на културно поле; ги изнесуе усилијата на младите поети во Македонија што тие ги дават да би помогнале во изградуењето на слободниот и рамноправен живот на својот народ во заедницата на сите југословенски народи.
Гл. одбор на НОМС”