Ацо Шопов: Дванаестмината од сончевата колона на младоста, Скопје, 1961
„Во оваа приказна нема ништо измислено. Во оваа приказна животот е посилен од зборовите. Во оваа приказна за младоста зборува младоста, онака како што само таа умее да зборува”, пишува Ацо Шопов во предговорот на единствената книга проза што ја објавил, ако воопшто може да се нарече проза хибридната форма што тој ја одбрал како формат, во која елементи од различни жанрови – есеј, расказ, драма и биографија – се вклопуваат во едно хармонично, концизно и, во крајна линија, поетско ремек дело.
Во неа зборува за „дванаесет разлистени надежи, дванаесет соништа на младоста, дванаесет радости родителски, дванаесет жедности сончевина, дванаесет покосени животи во дванаесеттиот час на животот. Дванаесет пресечени чекори во чекорот незапирлив на младоста.”
Тоа се ваташките младинци, стрелани од фашистичкиот окупатор на 16 јуни 1943 година: Диме Чекоров (20 години), Васо Хаџи-Јорданов (28 години), Ферчо Поп-Георгиев (26 години), Илија Димов (18 години), Ванчо Ѓуров (19 години), Ѓерасим Матаков (18 години), Пано Мешков (18 години), Пане Џунов (18 години), Ристо Георгиев (18 години), Блажо Ицев (20 години), Перо Видев (15 години), Данко Дафков (18 години).
Со нив биле и неколку девојки, кои биле поштедени: Стева, Невенка, Ката и Грозда.
Во литературата за ваташките младинци се среќаваат мали, за момчињата, и големи, за девоките, разлики во имињата. Тука ги наведуваме имињата што Ацо Шопов ги користел во книгата и ги овековечил со сончева светлина. „Хроникава посветена на дванаесетте храбри младинци од сончевата колона на младоста, стрелани во Ваташа за време на фашистичкиот терор, е драгоцено сеќавање, најсрдечна блгодарност кон сите оние што своите животи ги вѕидаа во темелницата на нашата иднина”, пишува Шопов. „Зашто Ваташкото клање во јуни 1943 година е само дел од многуте крвави расправања на фашистичткиот окупатор со народот што не сакаше да биде покорен, дванаесетте храбри младичи се дел од милионската колона на нашиот бестрашен поход, во едно тешко време, по врвиците на слободата. Овие страници се оживување на споменот за нивните жртвувани пролети, спомен за нивната насмевка за денот раскрилен во кој чекориме, спомен за една младост, од една младост.”
Книгата е објавена во издание на Централниот комитет на народната младина на Македонија. Печатница „Нова Македонија”, Скопје, 1961. Излегла од печат во октомври. Нацрт на корицата: Спасе Куновски. Повторно издание под наслов Ваташа, Скопје, Комунист, [1988], 31 стр.
Прочитајте го интегралниот текст