This post is also available in: Albanian
Ацо Шопов: Лузна, Скопје, Мисла, 1981 (Избор)
Пред крајот на животот, Ацо Шопов прави личен избор на својата поезија што ќе биде објавен во Мисла во 1981 година, со предговор на Ефтим Клетников. Во 1994 год., овој избор (со многу мали промени) ќе излезе на француски во колекцијата Во личен избор (Anthologie personnelle) на издавачката куќа Actes Sud, а во рамките на колекцијата на Репрезентативните дела на УНЕСКО.
Во овој тестаментален избор, којшто го носи насловот на една од најпознатите песни на Шопов, поетот не вклучува песни од Пруга на младоста (1946), На Грамос (1950), Стихови за маката и радоста (1952) и од збирката сатирична поезија Јус-универзум (1968).
Од првиот период на неговото творештво се застапени само песните „Љубов” (Песни, 1944) и „Очи” (Со наши раце, 1950), и обете посветени на Вера Јоциќ.
Од збирката Слеј се со тишината, преземени се дванаесет песни: „Убавината”, „Во тишина”, „Ax таа убавина”, „Младост”, „Го барам својот глас”, „Лист”, „Кон галебот што кружи над мојата глава”, „Штрк”, „Облак”, „На езеро”, „Лов на езеро” и „Обична улица”.
Збирката Ветрот носи убаво време е застапена со десет песни: „Бела тага на изворот”, „Утеха”, „Улица”, „Илузија”, „Сосем налик на сите брегови”, „Кажи ми небо”, „Во секој град”, „Будење”, „Треба да бидеме подобри” и „Ветрот носи убаво време”.
Небиднина е преземена во целост, со исклучок на „Романтично бегство”.
Од Гледач во пепелта, изземени се само „Златен круг на времето” и „Ако ти недостасува светлина”.
Песна на црната жена е преземена во целост.
Од Дрво на ридот недостасуваат „Телото е неподвижно а крвта не мирува”, „Две раце”, „Езеро на животот” и „Патување во родниот крај – средба со светот”.
Трите песни со кои се отвара овој избор (пред да се премине на песните подредени по хронолошки ред) се: Има долу една крв и Лузна (од Небиднина, 1963) и Љубов” (од Песни, 1944).
Исто така, интересно е да се забележи дека песните во овој избор го следат истиот редослед како и во оригиналните збирки, со исклучок на песните од Дрво на ридот , каде што редоследот претрпува големи промени.
Изборот завршува со песната „Дрво на ридот”, којашто, веројатно како последица на техничка грешка, не фигурира во истоимената збирка во 1980 год., така што за првпат е објавена во Лузна.