This post is also available in: French Spanish German Russian English Albanian

Ацо Шопов: Гледач во пепелта, Македонска книга, 1970; Везилка2011, 2013.

Гледач во пепелта - прво издание

Ацо Шопов: Гледач во пепелта, 1970. Пристап кон сoдржината на книгата

„Ниту во една своја книга стихови Ацо Шопов не настапил со една таква интелектуална сериозност, како што настапува со својата најнова поетска книга, но и никогаш досега неговата песна не остварила толку кохерентна естетска структура како што остваруваат неговите песни од Гледач во пепелта, забележува Георги Старделов,  во предговорот на првото издание на Гледач во пепелта (1970), „Нуркање во длабините на битието”. Според овој критичар, Гледач во пепелта е „книга која не само што навлегува во длабинските димензии на нашата внатрешност, па во таа смисла отворено го соочува човекот со самиот себеси, со пеколот во него и со оние вистини и спознавања што се потрајни и од самиот човек, туку и книга која ги испитува прасупстанцијалните темели токму на овој свет кој егзистира на работ меѓу утрешната катаклизма и утрешната материјална и духовна благосостојба, меѓу небиднината и дабиднината.”

Gledac Vo Pepelta 2013

2013

Истата година, Драшко Реѓеп, во освртот „Црното сонце на Ацо Шопов”, ќе рече: „Во оваа книга, упорно и на широко се потврдува трасата на тоа славно, злобно, семоќно црно сонце, кое трае без наша согласност, но и без нашa молба за миловни решенија. Онаа древна, кај Шопов веќе од порано суптилно уловена мелодија на крвавата патека во човековото битие, орбитата на темната крв, сега, на теренот на оваа книга избива во сиот свој раскош воспоствавувајќи континуитет со сопствениот збор. Во оваа збирка, тенка по обем а значајна како резултат, пред нас се појавува еден од добро познатите пунктови на целокупната лирика на Ацо Шопов. Се работи, се разбира, за неговиот „Грозомор“, исклучителна, длабоко инспирирана песна, која на катаклизмата од 1963 година, катаклизмата на скопскиот земјотрес, ѝ приоѓа некако одвнатре, потполно алергична на дескриптивноста која, токму во врска со овој потресен настан, толку често се наметнуваше во сферата на нашата лирика и уметност воопшто.”

Во „Завештанијата на Ацо Шопов” (2008), Ката Ќулавкова тврди: „Врв на македонската Модерна и на Модерната на Шопов е поетската збирка Гледач во пепелта (1970) и циклусите “Долго доаѓање на огнот” и “Црно сонце“. Во оваа збирка поетиката е свесна, постои автопоетичка димензија на пеењето, постои свест за поетското дијалогизирање со универзалните топоси, сеедно дали и колку тие се преземени од други автори и традиции (Црно сонце на пр. – Виктор Иго, окултните традиции). Огнот и сонцето, земјата, ветерот (воздухот), водата (езерото, подоцна океанот). Четирите елементи на создавањето и на постоењето на универзумот – огнот, водата, земјата и воздухот – колку едноставно навидум, а колку тешко се стигнува до нивното поетско обликување! Шопов тргнува од елементарното, за да се врати назад, повторно, кон елементарното, само овој пат со повисока свест, со траги оставени зад себе, со завет оставен за својот народ и за својот јазик.”

Во разговор со Ѓоко Поповски (Зборот е единствен клуч со кој можат да се отворат проблемите на човековата егзистенција, 1970), Шопов изјавува:  „Не е моја работа да судам за оваа збирка. Но ако треба самиот да кажам што е тоа што е специфично за мене, за разлика од другите, тоа е, ми се чини, доживувањето на земјата, љубовта, минатото како на едно интегрално неразделно доживување.”

Во предговорот на новото издание на Гледач во пепелта (2013), издавачот Ристо Лазаров пишува: “Везилка2011” покренува нова едиција Врвови и воопшто не е случајно што нејзина првообјава е токму стихозбирката Гледач во пепелта од Ацо Шопов. На оваа книга бездруго ѝ припаѓа почетно место на самиот врв на современиот македонски творечки планински венец.”

Промовирајќи го новото издание на Гледач во пепелта, во МАНУ, на 25.11.2013, Катица Ќулавкова изјави во својата беседа дека оваа книга „денес треба одново да ја читаме и да се обидеме ја толкуваме како аманет на поетот кој и во најцрн мрак наѕира дека од згаснатата ѕвезда капе тивка, топла светлина на хуманоста”.

Пристап кон содржината на збирката

Пристап кон постоечките ракописи и машинописи од збирката Гледач во пепелта

Книгата повторно објавена во 2013 год., во едицијата Везилка2011, беше промовирана на свечениот собир во МАНУ по повод 90 годишнината од раѓањето на Шопов.

Песната “Гледач во пепелта” е достапна во аудио изведба.