Ацо Шопов: Ветрот носи убаво време, 1957. Пристап кон сите песни од збирката.

Пристап кон содржината на збирката.

Ацо Шопов: Ветрот носи убаво време, Скопје, Кочо Рацин, 1957

„Вечерва се среќаваме, би рекол, со еден многу осамен поетски феномен во нашата литература, со феноменот Ацо Шопов. Кога велам осамен поетски феномен, тогаш го мислам следново: реткост, онтолошка реткост е во современата македонска литература да се сознае и прочувствува одданоста на поетот на самиот себе си, да се осети меѓата на поетовиот свет и при тоа да може да се констатира: на оваа, врз оваа меѓа длаби тој и тој поет, тука е неговото поетско царство, тука тој поетски ја адаптирал својата поетска органика и само тука може тој − потаму и на другоместо − не. Оваа ограниченост врз конкретно определена животна сфера, што е за мене од суштествено значење, се сметаше до скоро во нашата современа литература за поетско слепооштво, за поетско сознајна кусогледост”, вели Георги Старделов во словото изречено на промоцијата на оваа книга во 1957 год.

Но литературниот критичар ги согледува и границите на оваа збирка. „Во одделни песни во Ветрот носи убаво време, поетската постапка на Ацо Шопов како да се оддалечува од својата органска автохтоност. Тогаш неа ја карактеризира една недијалектичност. Приоритетната нејзина ориентација кон интимното доживување и интровертираното чувствување на мотивот довело кај нив до хипертрофирање на емотивното и до атрофирање на мисловното”, вели тој, пред да додаде „во овие песни мисловната димензија  не е во творечки и дијалектички однос со емотивнета димензија.

Збирката нидува на многу построга оценка под перото на Милан Ѓурчинов кој, како што и самиот потсетува во написот објавен во Разгледи V, 5, 1958 год., е автор на „неколкукратно изречени мисли и заклучоци за дијапазонот и духот на оваа и ваква поезија, за нејзиниот микрокозмички карактер и бит” [„Поезија зад стаклениот ѕид”, за Слеј се со тишината]. „Преостанува повторно и по овој повод да се каже, да се заклучи”, пишува тој во Разгледи, „Ацо Шопов е и останува поет на краткиот поетски здив, на близораките, дофатни поетски простории, среде кои неговиот белканто одекнува со утврденото рутинерство на една звучност што допира само до првите редови на галеријата, звучност која повремено може и знае да биде приемлива и пријатна, но никогаш не и − природно раздвижувачка, обновено и ненаслутено нова”. Критичарот му признава на поетот само „една добра и целосна песна, какви што се осумте стиха од ‘Песна‘ […] по некој успешен стих” („И јас, мало стебло во темната шума на крвта„) или интересен наслов: „Сосем налик на сите брегови”, по некоја поприемлива интонација, по некој поприсен навев и глас, особено во вториот дел од книгата”.

Дваесетина години подоцна, во поговорот на изборот од поезијата на Шопов што тој самиот го направи непосредно пред својата смрт (Лузна, 1981), Ефтим Клетников ќе ја препрочита книгата со потребната дистанца, далеку од „спорот меѓу реалистите и модернистите”, и ќе увиди дека во Ветрот носи убаво време, Ацо Шопов „ја продолжува линијата на интимното како строг императив на песната, постојано кристализирајќи го и продлабочувајќи го низ јазичкиот израз”. Во неа Клетников согледува нови нитки кои ќе се провлекуваат понатаму низ творештвото на Шопов: „Омилената тема на тагата и осамата тука поетот ќе ја развие низ неколку нови симболи, меѓу кои се издвојуваат симболот на изворот и стеблото. Нив ќе ги сретнеме варирани и во подоцнежните негови книги, сè до последната Дрво на ридот [1980]. „Тоа е јасен показ”, укажува Клетников, „дека Шопов полага на тоа, неговиот свет да биде кохерентен не само во поглед на чувствата и атмосферата, туку и во поглед на поетската транспозиција на истите. Тој бара стожерни симболи со коишто песната ќе се одлепи од јасната тематскта и мотивска препознатливост потпрена на меката емотивнахоризонтала, на лесно читливите внатрешни настроенија. Притоа напорот има јасна цел да го издели длабоко интимното, како есенција, од површинскиот слој на сентименталното.”

Највисокото ниво на поетската иновација Шопов го постига со процесот на интериоризација на лирскиот субјект”, се надоврзува Радомир Ивановиќ во написот „Енергијата на поетскиот говор”, објавен во Нова Македонија, на 21.09.1994 год. „Тоа се гледа со сета илустративна моќ во ретко споменуваната, а толку сложена лирска минијатура ‘Чудак‘ [Ветрот носи убаво време] соодветна за најразнородни херменеутички интерпретации. Пишувана со исклучителна творечка концентрација и афективност, таа укажува на позицијата на лирскиот и на творечкиот субјект како на истовремено и планетарно и вселенско суштество, така што се остварува онтолошки магнетизам меѓу битието на поезијата и творечкото битие. Творечкото битие мора да проникне во смислата на битието на поезијата, зашто искуството на песната му претходи на искуството на поетот, како што тврдат самите поети. Творењето е над творецот. На таа законитост укажува и Ханслик со апофтегмата „времето е исто така дух и создава нови тела”, на што упатуваат сите конотативни и денотативни значења на минијатурата ‘Чудак‘ , со сета разлика меѓу симболот тишина и симболот молчење.

„Шопов настојува да отвори  низа филозофски прашања и да посочи различни апории”, забележува Славица Србиновска во анализата „Вредноста на зборот во поезијата на Ацо Шопов” (Животот и делото на Ацо Шопов, МАНУ, 2005). „Секое суштество постои во светот проникнат од значенња, односно тоа постои во мрежа од текстви. Сепак, според него, феноменалниот факт на суштествување се освестува со спознанието  дека токму со зборот  се потврдува моќта за трансенденција, имено дека сејое суштество не е присутно овде и сега, дека тоа е суштество на реализација и поради тоа суштество на далечините. Тоа значи дека постоењето не доаѓа на овој свет опремено се некоја суштина, туку дека неговата суштина се втемелува отпосле, од далечината на иднната и од недофатноста на видливите хоризонти. Кога го започнува животот, човечкото суштетсво не е опремено со индексот на смислата, тоа треба да ја воспостави преку проектот што се протега во иднината. Поезијата на Шопов потврдува една специфична димензија на дофаќање на смислата.”

Пристап кон содржината на збирката.