This post is also available in: French

Човекот и ѕверот

(за три воени там-тама)

Те именувам Вечер о Вечер двосмислена, трепетлив листу те именувам.
Ова е час на исконскиот страв што брзга од прародителски утроби.
Да ве нема, јалови чудовишта на мракот со злокобни муцки и злокобен здив!
Ве шибаат палмови гранки и млазови вода, ве гони гласот на Оној-што-ги-кажува-најтаинствените-нешта!
Лигав Свер чмае во калта кај врие од комарци жаби
Змии со триаглести глави це-це муви пајаци полни отрови и кајмани со ками.

Во страшен трескот кременот се ломи. Каков крах а ни искра страст!
Нозете на тешкиот човек xбуркаат по лукавоста, силата му е заринкана до колена.
Коров му ги врзува стапалата. Мислите му се вијат во премрежја.
Молк над бојното поле без искра од кремен… Само во градите распнат там-там му ечи
И напати занемува под ударот на Големата Хиена*.
Врач ќе го прогласи победникот!

Молскави канџи го дерат метежното небо на неговите плеќи
Ветриште го шиба по бедрата, го налегнува класјето врз неговиот пол
Корењето на кралските дрвја се грчат од возбуда и болка
Но човекот го зарива громовното копје во златестото месечево срце предоцна.
Златниот хоризонт ги скротува облаците низ кои кружат сјајни орли,
Мисла-синоличка му го престега челото! Змиска глава му е Трето око.

Бојот е долг, предолг! се протегнува под сенката на трите доба на стоиљадагодишна ноќ.
Силен е тешкиот човек со нозе заринкани во плодната мочвара!
Силен е човекот со нозе во трските што сакаат да му ја заробат силата!
Го грее топлината на мајчинска праутроба. Силен е човекот
Опиен од топлите вина на Сверовата крв што се пени во неговото срце
Ќе наздрави Осветениот**, еј, со пиво од просо!

Свезден крик ја распорува ноќта, се шири пискотница во беспогрешен такт.
човекот го згромува Сверот со магискиот јазик на песната и танцот.
Го згромува во праскот победоносна смеа, низ огнено одиграна игра
Под виножитото на седумте вокали. Здраво Изгрејсонце, ти Лаву-со-поглед-што-убива
Здраво скротувачу на брусот***, ти Мбароди!**** господару на слабоумни сили.
Езерото расцутува во лотоси, зазорува божествена смеа.

Леополд Седар Сенгор, Етиопски песни, 1956
Препев од француски: Јасмина Шопова, Сенгор – Шопов: Паралели, 2006
____________________
* Во оригинал Grande Rayée à sénesstre, буквално: “Големата Пругаста налево”. Станува збор за превод на “хиена што се движи налево”, израз којπто во јазикот маленке означува вид там-там кој се користи за контрапункт.
** Младич што го поминал иницијацискиот обред.
*** Разретчен честак во полупустински предели.
**** Во јазикот на Пелите, лав, победник.