”Notre-Dame”, Илија Пенушслиски. Приватна колекција на Илинка Митрева.

”Notre-Dame”, Илија Пенушлиски. Приватна колекција на Илинка Митрева.

Notre Dame

Богохулно, грешно и без срам
сека вечер мислам покрај Сена:
Што би сторил да е Notre Dame
чудом млада и убава жена?

Да си в Париз, да си така сам
и самота така да те кине…
Дал’ и она, би сакал да знам,
рамнодушно мене ќе ме мине?

О не, нема!… Штом огрее ден
ќе ме втаса крај мирната река:
„поведи ме во Boulogne и Vincennes,
столетија јас тебе те чекам”.

Како тогаш ќе се сетам млад,
каква сила и пркос ќе сетам!
И сигурно – и во овој град
јас ќе бидам најнежен поета.

Но попусто – сонот си е сон
а животот други далги влече.
Нема каде: преку Babylone
да одлетам на Pigalle и вечер.

И тргнувам без надеж, без моќ,
Сена плиска под лотките леки…
Барем да сум само една ноќ
едно кубе на нејзините плеќи!

Ацо ШоповСлеј се со тишината, 1955