Ацо Шопов: Песни, Млад борец, Белград, 1944, и Сигмапрес, Скопје, 2014

1944 Pesni (2014)Тука се наоѓаат деветте први песни од Ацо Шопов објавени во книга: “Борба”, “Карпош”, “Борба на Дренак”, “Предсмртно писмо на еден партзан”, “Пробиштип”, “Сон”, “Кратово”, “Одредот Гоце Делчев издаден” и “Љубов”.

“Оаа книгичка брои сè на сè триесет страници на кои се распослани вкупно девет песни. Тоа се песни изникнати во времето на партизанствувањето на Ацо Шопов кој од есента 1943 активно се борел, прво во Шарскиот одред, а потоа во редовите на Третата македонска ударна бригада. Во таа 1943 година Ацо Шопов е дваесетгодишно момче кое претходната година ја има загубено мајка си по нејзиното долгогодишно боледување, а веќе следната година останува и без татко, кој според неговите сопствени исповеди никогаш и немал голема улога во неговото детство и момчештво”, вели Соња Стојменска-Елзесерм осврнувајќи се кон литературно-историските аспекти на Песни, во рамките на промоција на збирката во Друштвото на писателите на Македонија, на 7 октомври 2014 год.

Овие 30 страници поезија се вбројуваат меѓу првите страници на македонската современа национална историја и литература. Тие сведочат за едно време во кое, според  зборовите на Шопов, „борбата (…) беше единствена можност да се најде смисла на животот, единствен начин да се сочува младоста, поточно да се даде младост на младоста“ (Млад Борец, 1973).

Еве како се родила збирката Песни, првата книга објавена на македонски јазик во слободна Македонија.

Во октомври 1944 год., Околиски НОМСМ Куманово ги умножува песните на шапирограф и испраќа примероци до македонската редакција на „Млад Борец“ којашто се наоѓа во Горно Врановци, близу до Велес, „во една просторија, како мудбак, во дворот на муслиманска куќа“ (Блаже Конески, Современост, бр. 4, 1983 год., стр. 68).

Во тоа време, српската партизанка Брана Перовиќ е инструктор во Главниот одбор на НОМСМ, и таа ги носи песните во Белград, кајшто „Млад Борец“ ги печати во книга. Делегацијата на антифашистичката младина на Србија на Вториот Конгрес на Народно-ослободителниот младински сојуз на Македонија (НОМСМ) ги донесува печатените примероци во Скопје и ги подарува на  учесниците на  конгресот, на кој Ацо Шопов учевствува во својство на потпретседател на Главниот одбор на НОМСМ.

Уште во првиот број на списанието Нов ден (1945), Димитар Митрев ќе забележи дека збирката Песни е „литературна новост (…) во која што се огледуе дарбата на еден надежен поет“ и дека во песната „Љубов“ „има нешто сосема ново, сосема авторско (што) зборува отворено за еден богат лиризам“.

Песната „Љубов“ и’ е посветена на партизанката Вера Јоциќ, којашто загинала на 23 мај 1944 год. За првпат е објавена во весникот Огин (15 јули 1944 год.), чијшто уредник е Ацо Шопов, одговорен за агитација и пропаганда (Агит-Проп) во штабот на Третата македонска ударна бригада. На Вера Јоциќ и’ е посветена и прочуената песна „Очи“ којашто не фигурира во збирката Песни. Таа е напишана непосредно по ослободувањето, за време на еден престој во Белград (веројатно ноември 1944 година) и за првпат ќе биде објавена во Нов ден, бр. 1-2, во 1946 година, а потоа во збирката Со наши раце, во 1950 година.

Повеќе од две и пол децении подоцна, Шопов ќе се наврати кон овие две песни во еден разговор со Гордана Бошњаковска (Одјек, Сараево, бр. 21, 1976 год.) во којшто ќе изјави: „Да зборувам за песната ‘Очи‘, или за песната ‘Љубов’ (…) тоа значи да зборувам за таа огромна љубов што и ден денес гори во секоја моја песна и не верувам дека некогаш ќе згасне (…) Зар и во Песна на црната жена (Мисла, 1976) не горат очите на мојата неизмерна љубов, како што гореа над изморените борци на мојата партизанска бригада и им влеваа храброст, непоколебливост, вера и самодоверба. Песната ‘Очи’ не е само навестување на моите идни поетски преокупации, таа е претскажување на сиот мој поетски живот“.

На 7 октомври 2014 год., Друштвото на писателите на Македонија ја одбележа седумдесетгодишнината од објавувањето на Песни, со промоција на збирката во фототипско издание на Сигмапрес, од кое сите присутни добија на подарок по еден примерок. Истото и’ беше подарено и на публиката присутна на промоцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов (интернетскиот портал во којшто сега се наоѓате) на Филолошкот Факултет “Блаже Конески” во Скопје, на 8 октомври 2014 год.

evenement_nouveauПовеќе информации за настаните се наоѓаат тука.