This post is also available in: French Spanish German Russian English

Четириесетти години на 20 век

Ацо Шопов, четириесети години на 20 век

Ацо Шопов, четириесетти години на 20 век

Творечкиот пат на Ацо Шопов во четириесеттите години на 20 век минува низ периодот во кој младиот поет револуционер станува член на Сојузот на комунистичката младина на Македонија пред да отиде во партизани веднаш откако ќе матурира во родниот град Штип.

Партизан во Третата македонска ударна бригада, тој по ослободувањето активно учествува во создавањето (2 август 1944) и изградбата на државноста на Македонија во составот на СФРЈ.

Во тој период ја пишува познатата песна „Очи”, посветена на Вера Јоциќ, и ги објавува своите три први збирки поезија. Во тоа време се појавуваат и списанијата Млад борец (1944-1996), и Нов ден (1945-50), што Ацо Шопов ќе ги уредува, по партизанското искуство со партизанскиот весник Оган и гимназиското искуство со илегалниот весник Искра. 

Кон крајот на оваа деценија се оснива и Друштвото на писателите на Македонија. Ацо Шопов е еден од неговите оснивачи а во неколку наврати ќе биде и негов претседател.

„Не попусто таа прва наша повоена генерација писатели е наречена голема”, пишува литературниот критичар Миодраг Друговац во преговорот на книгата на Ацо Шопов Златен круг на времето (1969), „таа мораше да ја изврши лингвистичката и литературна револуција, а истовремено на повеќе различни страни да врши високи општествени и политички должности, често врзувајќи го денот со ноќта и ноќта со денот, градејќи пруги и нови градови, хидроцентрали и задружни домови, толкувајќи ја македонската и општојугословенска револуција од говорниците на меѓународните трибини и во своите ретки слободни часови посветувајќи ги мислите и чувствата, сеќaвaњата и визиите на т.н. суперструктури на општествената надградба, на своите литературни бели ноќи.”

Во текот на оваа деценија се раѓа синот на Ацо Шопов, Владимир (16 декември 1948- 23 јануари 2000), во бракот со Благородна Цветковска.

Хронологија

1940 година

  • 28 јуни: На Видовден, во дворот на штипската гимназија, Шопов ја чита песната „Устани сине отаџбина те зове”, која ќе има голем одглас во младинските напредни кругови.

1941 година

  • Почнува бугарската фашистичка окупација на Македонија. Ацо Шопов станува член на СКОЈ (Сојуз на комунистичката младина на Југославија) при средношколската организација во Штип. Неговата збирка во ракопис Песни за Штип, позната исто така како Ановите, според првата песна што Шопов ја напишал на македонски јазик (дотогаш се школувал и пишувал на српски бидејќи Македонија била составен дел на Србија од 1918 до 1940 година). Збирката исчезнува заедно со скоевскиот илегален материјал што се чувал во домот на Фируз Демир, кој подоцна дава опширен опис на содржината. Самиот Шопов ја спомнува таа збирка во неколку интервјуа меѓу кои и „Љубов на езерото на животот.

1942 година

  • Ацо Шопов, Славко Јовев и Димче Беловски го објавуваат илегалниот младиснкиот весник Искра, пишуван на рака со печатни букви и умножуван на индиго  (не е сочуван ниту еден број).
  • Починува Костадинка Рушева, мајка на Ацо Шопов, тешко болна уште од 1934 година.

1943 година

  • Излегува во партизани.

1944 година

  • 11 март: со Десанка Миљовска, Шопов почнува да го уредува весникот Оган, орган на Третата македонска ударна бригада, во својство на член на Агитпроп.
  • 22 март: почнува да излегува Млад борец, првиот весник на македонски јазик. Шопов фигурира меѓу првите редактори, покрај Лилјана Ахилова Чаловска, Крсте Црвенковски, Ацо Шопов, Веселинка Малинска, Борис Миљовски и Иван Мазов-Климе.
  • Го објавува “Маршот на тертата македонска ударна бригада“, познат по првите стихови: “Ко челик сме ние”. Песната првпат е објавена во Положај, весник на Втората македонска ударна бригада, април−мај, 1944 год., а потоа во збирката Со наши раце, 1950 год.
  • На 15 јули, во весникот Огин, излегува песната „Љубов“, посветена на партизанката Вера Јоциќ, којашто загинала на 23 мај 1944 год. Во книга за првпат ќе биде објавена во белградското издание на Песни (1944), на стр. 29−30, а потоа во Штипското издание Песни, ІІІ (1945), стр. 29−30, во збирката Со наши раце (1950, стр. 7−9), во првата книга Одбрани дела на Ацо Шопов (1976, стр. 24−25) и во личниот избор на Шопов, објевен под наслов Лузна, во 1981 година. 
  • Го објавува написот „Србија  одново вивна“ во двобројот (2 и 3) на Млад борец (август 1944) посветен во најголем дел на Првото заседание на АСНОМ одржано на 2 август во манастирот Прохор Пчињски. (Првиот број на Млад борец излегува во март 1944. Првите пет броја на списанието се умножувани на шаполограф).
  • Прва средба со Блаже Конески во септември или октомври, во селото Горно Врановци.
  • Од печат излегува и првата книга на македонски јазик во слободна Македонија: Песни од Ацо Шопов, прво умножена на шапилограф во печатницата „Георгиевски“, во издание на Околиски HОMC, Куманово, а потоа во издание на Млад борец, во Белград.

1945 година

  • Шопов е именуван за втор потпретседател на Главниот одбор на Народно-ослободителниот младински сојуз на Македонија (НОМСМ).
  • 6 јануари: делегацијата на антифашистичката младина на Србија на Вториот Конгрес на НОМСМ ги донесува печатените примероци на Песни во Скопје и ги подарува на  учесниците на  конгресот.
  • Главен уредник на Млад борец.
  • 27 јануари: го објавува написот „Новиот неуспел напад на крал Петар”, во Млад борец, стр. 2.
  • За време на неговиот престој во Белград, ја пишува песната „Очи”, посветена на партизанката Вера Јоциќ.
  • Од печат излегува третото издание на Песни, Печатница „Илинден“, Штип.
  • Октомври: по повод прославата на 11 Октомври, излегува првиот број на списанието Нов ден (за тогашното значење на списанието: Ljudska Pravica, 05.05.1947 str 4)

1946 година

  • Во списанието Нов ден, бр. 1−2, 1946, ги објавува песната „Очи”, стр.64−65, и песната „Една ноќ во офанзива“, стр. 66−69. Овие две песни, заедно со „Честито”, се објавени истата година и во колективната збирка Песни, во која се застапени и Блаже Конески, Славко Јаневски, Гого Ивановски и Лазо Каровски. Со мали промени, дефинитивната верзија на „Очи” е за првпат објавена во збирката Со наши раце, 1950. Многу честo погрешно се тврди дека „Очи“ е објавена во Песни, 1944.
  • 15 јули: Ја завршува Високата партиска школа „Ѓуро Ѓаковиќ” во Белград (извор: Фонд Ацо Шопов, АМАНУ, АШ К1 АЕ2)
  • Учествува, со Славко Јаневски, во изградбата на пругата Брчко-Бановиќи. По враќањето ја објавуваат заедничката збирка Пруга на младоста.
  • 17-23 ноември : учествува на Првиот конгрес на југословенските писатели со кој претседава Иво Андриќ. Избран е за член на комисијата за номинации и на надзорниот одбор.

1947 година

  • 13 февруари: осум македонски писатели, меѓу кои е Ацо Шопов, го формираат Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ).
  • Почеток на март: ДПМ организира литературна вечер со Ацо Шопов, Иван Точко и Венко Марковски. ДПМ најавува дека македонски писатли ќе учествуваат во културниот живот на младнските биргади што ќе ја градат пругата Шамац-Сараево (извор: Ljudksa pravica, 08.03.1947, str 4)
  • 14 октомври: Учествува на југословенско литератрно читање, во Малиот театар во Загреб, одржан во рамките на Првиот конгрес на Народниот фронт на Хрватска (извор: Ljudska Pravica, Ljubljana, 17.10.1946, str. 5).

1948 година

1949 година

Слики од овој период

Фотографиите можат да бидат преземени и објавени со задолжителен копирајт: © Ацо Шопов – Поезија