This post is also available in: French Spanish German English

Пак црно сонце

Од какво измислено царство, од каква раскошна гробница,
навечер што те прибира а наутро гони,
доаѓаш, црно сонце, и црни истураш дождови
како последна закана на светот што му ѕвони.

Ѕвер со ѕвер ли се јаде, вејка со вејка стара,
стебло во стебло ли удира, корен во корења диви,
ѕвезда опашица со оган небото ли го пара,
војува ли земја со небо, војуваат ли мртви со живи.

Какво е тоа измислено царство, таа гробница на ветар што дува,
од која триглаво сениште триж стрвно во нас гледа,
во овој простор од злостор, вода без вододелница, вода сува,
во оваа црница собрана во една човечка педа.

Каква е таа земја што ѝ го даваме нашето име
препишано од сите ѕидини, од сите мрачнини и висје,
црно сонце, црно и лете и зиме,
тука сме обата покриени со сонцопадно лисје.

Ацо Шопов, Гледач во пепелта, 1970