This post is also available in: French Spanish German English Serbian Croatian Bosnian Polish

Август

Лежам под стеблото на ноќта, во август што умира и пее
со цвет од пепел на згасната гроза.
Од челото како од црница набабрува и ми зрее
од гроздови ѕвездената лоза.

Лежам во ноќта на август за земја прикован со теме.
Дали ќе додржат, дали ќе ме запрат
овие неуморни воини од билје и семе,
од треви, корени и папрат.

Лежи и чекај тука. Неподвижен, карпосан лежи,
што ако ноќта те пие, што ако ветар те шиба.
Рибарите на твојот поглед плетат невидливи мрежи,
во бездната на твоето чекање сонува златна риба.

Лежам и знам, август е и сè се мени.
Златните зрна на гроздот ко едри зеници гаснат.
Темното полноќно сонце патува кон својот зенит.
А јас останувам заробен во треви и со папрат сраснат.

Ацо Шопов, Гледач во пепелта, 1970

Песната за првпат е објавена во Современост, XV, 6, 1965, а потоа во Раѓање на зборот, 1966, и во Златен круг на времето, 1969

Автограф на песната Август, семејна архива

Автограф на песната „Август”, семејна архива

 

 

 

 

Лежиш веќе од утрина зад некој камен, голем колку да ти ја засолни главата, лежиш залепен за земја, до тебе лежат други исто толку засолнати и залепени, а околу тебе секој миг експлодираат гранати, а над тебе секој миг кружат непријателски авиони, кружат сосем ниско, на стотини, не, чиниш, на педесет метра, и ти го гледаш наведнатото лице на пилотите, ја гледаш нивната победоносна насмевка, ликување, им ја гледаш раката како зема неколку бомби и ги испушта. Бомбите летаат во воздухот, паѓаат, чиниш право врз тебе, ги затвораш очите… експлозија… некој до тебе и некој далеку испискува, лицето ти го покрива облак од прав и земја, во ушите нешто те кине, пишти, реже… И така од утрина до квечерина. Никогаш толку, никогаш толку во животот не си ја сакал ноќта, никогаш толку. Ноќта се спушта бавно, бавно се подисправаш, вкочанетото тело постепено се привикнува на движење и ти гледаш: до тебе се твоите другари, некои ги прават истите движења како и ти, а некои како да се загледале со втренчен поглед во длабочината на земјата, или можеби во овој грст трева низ кој прпорат неколку бубички. – Ацо Шопов, „Сончева колона“, 1959 година (инсерт)