Еросот и Танатосот во циклусот Црно Сонце*

Томислав Каранфиловски

„Црното Сонце” на Ацо Шопов е парадигма на Еросот и Танатосот, на нивната вечна коегзистенција, космогониско-есхатолошки супстрат кој митски се конструира преку опозициите космос : хаос. Во „Црното Сонце” животот и смртта, тие вечни смртни прашања на човековата егзистенција добиваат карактер на неминовност која го следи поетскиот ген на овој маг на зборот кој во суштина умее само верно да се следи себеси низ и преку своето Јас, а тоа е јас-збор, јас-јаглен, јас-сонце, јас-небиднина, јас-живот, јас-смрт…

Зошто Еросот во овој циклус поезија добива најсветол лик на Танатос и зошто смртта станува сонце, светлина, етер што проникнува сè, а ништо? Зошто животот и смртта тука не можат да функционираат како онтолошки ентитети на едно апсолутно битие, туку многу повеќе се поништуваат во непостоење што манифестно од стих во стих, од идеја во идеја го потврдува постоењето и, зошто оваа алхемичарска поетска пракса на претворање на смртта во живот и обратно го отвори патот на невозможната, апорична дислокација на толкувачкиот обид да се создаде рационален опит за еден ваков феномен?

Во „Црното Сонце” на Шопов се соживеани севкупните дотогашни и подоцнежни креативни сили кои имаа цел да го покажат отсутното присуство и присутното отсуство, мотивот на (не)битието и неговата поврзаност со концептот Човек како последна ехо-порака на поетскиот порив. Во трите поетски принципи: „Црно Сонце”, „Пак Црно Сонце”, „И уште еднаш Црно Сонце” се дадени параметрите на несведливиот поетски јазик на логос, збор, знак, се поместени границите на несознајното во претсознајниот систем на пеење и мислење каде што нештата се оксиморонска проекција на еден поглед од и живот и смрт и ни живот ни смрт, па во таа насока е насочено и разбирањето на даденото поетско искуство. Езотеричната генеза на „Црно сонце” е мошне блиска до поетската концепција на „Небиднина”, така што приближувањето на овие две парадигми е пресудно за читање на циклусот. Од „Небиднина” до „Црно Сонце” е поминат творечкиот процес на премин од хаос во космос, од живот во смрт, од еден праелемент до друг – едно вечно, Хераклитовски сфатено повторување, од согорување до издигнување.

Еросот во „Црно Сонце” е категорична присутност која постепено се пресоздава еманирајќи ја својата „заслепувачка светлина” која „нема потекло и нема крај – произлегува од самата себеси и во самата себе се довршува[1]”. Создадениот Ерос е со интензитет и суштина на Танатос кој истовремено завршува во Ерос, во едно потполно беспросторно и безвременско инаугурирање на сопствената севкупност и сеприсутност. И Еросот и Танатосот се дотолку егзистентни колку што е и нивната ентропична димензија која се препознава во нивното поништување, израмнување, негирање, а воедно и оксиморонско потврдување на можноста преку непостоењето да создадат постоење. „Црната светлина” понира во својата длабочина која е безразмерно апсолутна исто онолку колку што е моќен и интензитетот на светлоста од којашто се создава. Колку е посилна светлината, толку е подлабока бездната. Оттука судбинското и бесприговорно одреденото значење кое многумина проследувачи на ова творештво го разбираат како негово највисоко трагично искуство. Она што е неизбежно е есенцијалноста на феноменот Ерос, односно неговата вредност во секој аспект на Шоповата неосимболистичка поетика во која на најдобар начин се обединети сите три (афективната, интелектуалната, имагинативната) линии на симболизмот.

Моќта на овој поетски универзум е во тоа што ја покажува еросната танатичност во рамки на фаталност, неотповиклива опстојност и неможност. Крајно се спротивставени аспектите на Црното Сонце: да постои во сè и во ништо, секаде, а никаде, да биде топос со повисок степен на одреденост и неодреденост кој не ги познава категориите рај / пекол, исток / запад: И секој што ќе посака да ти се напие од сјајот / изгнаник е од пеколот и изгнаник од рајот. Сè што постои добива добива/има карактер на Црно Сонце, се изедначува со својот опозит (рај-пекол, исток-запад) истовремено поништувајќи се во знакот на ни живот (Ерос) ни смрт (Танатос), во Небиднина, не-биднување, бездна: Кој мисли дека те сфатил не знае што е бездна. 

Космогониско-есхатолошкиот карактер на „Црно Сонце”

Веќе е кажано дека категориите живот и смрт се поставени на повисоко, полисемантичко и симболичко-алегориско рамниште во циклусот. Танатолошката сила на симболичката претстава „Црно Сонце” се гледа токму преку кулминативноста на Еросот/Сонцето кое е доведено до границите на меѓу-онтички простор, каде што битието е воедно потврдено и негирано, интегрирано и дезинтегрирано. Соочени со фактот дека нештата се спротивставени во дијада, во рамки на една оксиморонска поставеност на клучните поетски детерминанти, ќе се обидеме да истакнеме  уште еден аспект кој произлегува од отпорот на логиката на поетскиот свет во кој истите функционираат.

Космогониско-есхатолошкиот параметар е вредност на митските одлики на „Црно Сонце”. Преку овие матрично постулирани значенски определби се читаат основите врз кои се засновува светот на „Црно Сонце”. Тие се митски облици на примарните интенции на субјектот да создаде концепт за поглед на свет во кој ќе бидат содржани, екстрахирани, сите дотогашни и подоцнежни состојби и процеси на поетската реч. Секогаш способен да ја види апокалиптичната (есхатолошка) димензија на прокреацијата, овој македонски поет го зазема статусот на демиург од највисок вид за кого космосот и хаосот се проникнатост на една единствена суштина: Да се биде во Небиднината!

За поетскиот субјект на Ацо Шопов истрошеноста на она што егзистира е најголема потврда, афирмација на фактот Живот. Тоа што постои, космосот, е токму тоа што е дадено во својата апсолутна актуелност, затоа што истото е определено од принципот на непостоењето, не од категориите непостојно или непостоечко, туку од непостоењето кое е дејство, акција, movens. Меѓу постоењето и непостоењето се одвива светот на оваа поезија во која сè на Црно Сонце личи. Сугерираната позиција на есхатолошкиот принцип кој заканува како последна закана на светот што му ѕвони е во својата логика всушност она што допрва ќе се роди, манифестира во новост, обновеност, космос. Причината на есхатолошкиот карактер на Црното Сонце е неговата космичка обременетост да се повтори „Пак” и „И уште еднаш”, а ќе се повтори откако ќе се создаде/биде/потроши. Секое „уште еднаш” на  Црното Сонце е воедно уште една можност космосот да заврши, да се истроши, пресоздаде во себе и на тој начин, регенеративно, да ја потврди својата состојба на небиднина, пред-зачеток, состојба на светлина од ѕвезда што одамна згасна.

Субјект на катарса

Говорејќи за космогониско-есхатолошкиот карактер на овој циклус поезија, за семантичките простори на пресретот на Еросот и Танатосот ќе укажеме на катарсичното дејство/својство што го поседува субјектот поставен меѓу двојното, другото, оностраното, дионизиско и аполониско манифестирање на светот. „Во областа на културата, општо, катарсата се јавува како химерична семиотичка претстава: преткнижевна и книжевна, профана и сакрална, ексотерична, мистична, мистериска, хтонско-уранска, орфичка, питагорејска, дионизиско аполонска, делфиска[2]”. Обединувајќи ги сите овие структурни облици на катарсична делотворност, при преминот од една трансцедентна состојба во друга, низ процесот на катарсично бдеење низ метафизичките лавиринти на небиднината, субјектот се алхемизира како собитие на Црното Сонце, кое, преминувајќи од себе повторно кон себе се прочистува станувајќи она што во алхемијата се нарекува нигредо или почетна состојба која постоела од порано како својство на првобитната материја.

Во „црната сончева светлина” нештата биднуваат Идеја, дематеријализирана суштина во унитарноста на едно големо и апсолутно Сè. Во овие сфаќања се инкорпорирани симболистичките и мистично-сакрални прелогомени кои тежнеат кон зачувување на Тајната, на она што е прво и скриено, божествено. Бдеејќи во просторот и времето, во нивниот небиднински ритуал за враќање на нештата на почетокот, субјектот неминовно и одново ќе мора да ги воспоставува односите на релација микрокосмос – макрокосмос, дел – целина, со што ќе ги менува и стадиумите на својата онтолошка содржина. Секое движење е искуство во сферите на сознајното и несознајното, во пределите на рациото и несвесното, а со секое ново искуство/искушение се случува катарса на пориви, обиди, рефлексии кои во „Црно Сонце”  претставуваат супстанцијална поетска визија на едно сепостоечко битие. Тука Еросот и Танатосот имплицитно, а вешто се наметнуваат со нивната заедничка игра пред дефинитивноста, пред отклонот и преминот кон  последната првост на она што допрва ќе следи во Црното Сонце на овој значаен поет.

Смртта на Еросот и/или Еросот на смртта

Молитвениот дискурс, копнежот, желбата, поривот, нагонот, во поезијата на Ацо Шопов секогаш се проследени со ритуална свеченост, со култ кој во себе содржи митска логика на дејствување и создавање. Апелативниот карактер на молитвата, дијалошката предлошка на секое обраќање кон некого кое ја изразува длабоката потреба на субјектот за исполнување на сопствената длабока интенција, потреба, е во суштина Ерос. Магиски артикулираниот Ерос во поетската димензија е прифатлив со оглед на самиот карактер на поетскиот збор кој во основа ги поседува магизмите на создавањето, стремежот кон исполнување на она што е посакувано, желбувано, повикувано. Магиското егзистенцијално продолжување во религиските сфери на делување  ги чини овие две длабоко всадени антрополошки форми блиски и коренски поврзани врз основа на фунциите што ги извршуваат. Кога станува збор за поезијата на Шопов, молитвениот дискурс не е само религија, однос на комуникација со еден Бог, туку многу повеќе ги прифаќа магиските облици на светоглед кои подразбираат повик на виши, честопати неодредени сили, слики од прастар вид кои се наметнуваат, стануваат видливи, го продлабочуваат семантичкиот слој, ја зголемуваат ентропијата на дискурсот.

Во песната „Молитва за еден обичен но уште непронајден збор” субјектот е оптоварен со древни сили, нагони, со Ерос чие потекло е длабоко всадено во свеста, плотта, во „крвта” и секое негово поттикнување значи асимилација на телесните сили, порив и повлекување во себе, потход, но и собирање на сублимираната енергија во кревок извик, во молитва. Силината на Еросот  најпрво се манифестира спокојно, атараксично, медитативно: Телото мое те моли, кое е нема/скриена проекција на она што допрва, ќе следи бурно, а ќе го има ликот на Танатос. Копнежот на субјектот е да пронајде збор што личи на обично дрво, / што личи на дланки јагленосани и прародителски голи, / што е како чедност во секое молење прво. / За таков збор телото мое те моли. Чедноста и првоста се поврзани со силината на животната енергија, со мигот на раѓање, донесување нешто на свет, со првата болка, најјаката, онаа што се впишува во меморијата, што е предадена на животот со крв и крик. Ваквата прва, прародителска гола чедност-збор ја поседува суштината на смртта, бремето на заветот на смртта. Тоа е првичното создавање, прослава на животот и љубовта и воедно првото искуство со сенката на крикот -Танатос. Раѓање и смрт. Второто јас на Еросот. Првиот танатоморфизам на феноменот живот.

Раѓањето, највисоката реализација на Еросот ја достигнува кулминацијата, своето зреење во вистинска смисла токму во песната “Раѓање на зборот“. Во „Молитва за еден обичен но уште непронајден збор” лирското јас е во припрема на силите за идната манифестација на сакралниот чин кој го претпоставува раѓањето на она што отсекогаш било прво, суштина на севкупноста, на сета ствар, зборот кој е создаден од самиот себе и од себе создава нов свет, космос, црно сонце, небиднина. Раѓањето на зборот е епифаниско собирање на силите на повисоките поетски инстанци, тоа е соединување на самиот акт раѓање со сепостоечкото единство, materia prima, супстанција на светиот момент од кој ќе се роди разликувачкото единство на сè она што понатаму ќе следи како стварносен факт. Ако зборот е потенцијал кој зависи сам од себе, раѓањето е реакција на првоста, на самиот потенцијал, додека неговото отелотворување во очигледна стварност е факт кој претставува концепт, закон на битието, егзистент во даден контекст. Оваа филозофска подреденост и организираност за своја цел го има разбирањето на зборот како суштина или првост, реакција и даден резултат.

Мачен е патот на поетското раѓање на зборот, третоста, стварноста. Тоа е состојба на тотална промена на системите на моќ, на парадигмите на егзистирање кои преку/со чинот на раѓање ги спротивставуваат своите постоечки позиции и можности, својот статус, и на тој начин учествуваат во процесот, во ритуалот на битието. Во песната „Раѓање на зборот” оваа заумна епифанија се актуализира преку специфичното ситуирање на постојното во една исклучителна поставеност на објективната стварност: Глужд на глужд. / Камен врз камен. / Камена шума изѕемнина. / Глужд на глужд. / Камен врз камен, од камен и ние обата. Од оваа семиотика на универзална поврзаност, подоцна, со самото раѓање на зборот во митската едновременост и еднопросторност на светот ќе започне и постепеното разделување, препознавање на посебните принципи: светло – темно, живот – смрт. Во овој контекст Катица Ќулавкова ќе истакне: „Треба да се потсетиме на тоа дека сликата на смртноста и на темнината не може да постои независно од сликата на раѓањето и на светлината. Секоја визуелна и семантичка претстава се оформува наспроти некоја своја иманентна опозиција. Опозицијата на смртноста и на темнината со којашто е исполнет вокабуларот на Ацо Шопов се наоѓа во самиот наслов на песната, „Раѓање на зборот”. Парадоксално, сакајќи да зборува за раѓањето и светлината, поетот зборува за смртта и темнината. И тоа не е ни малку случајно. Парадоксот е архетипска матрица на спознавањето, особено на поетскиот модус на спознавање[3]”. (Катица Ќулавкова: Толкување на песната “Раѓање на зборот”)

Освен аспектите на танатолошката димензија на Еросот треба да се видат и обратните процеси на постоење кои ја сугерираат еросната супстанција на феноменот смрт, а кои во поетското дело на Шопов се присутни скоро во секој одделен циклус, така што ние ќе се обидеме (во циклусот „Црно сонце” дел од овие поврзаности беа разгледани) да ги покажеме начините на кои функционираат овие модалитети во единство. Еросот на смртта и` ги придава сите карактеристики што се присутни во неговото семантичко поле и на тој начин ја моделира и пресоздава сликата за категоријата смртност, така, од една страна се среќаваат потенцијалните можности на Танатосот како состојба во/кон која нештата преоѓаат, а од друга се препознаваат идеите на Еросот кој во себе, најнапред, ги вклучува поимите живот и љубов. Оваа зависност од меѓусебно поседување ги претставува овие два феномена во нивните безгранични и безбројни, поливалентни односи, така што конкретното и строго определување и препознавање на еден од нив во даден контекст е невозможно без да се има предвид токму таа зависност од другиот што во некои случаи создава погрешна перцепција за нивните можности и поставености кои имаат спектарен и парадигматски, вертикален (можност за избор) принцип.

Уште во песната „Очи” субјектот поседува свест за убиствените облици на егзистенцијалното реагирање кое се движи по тенката линија на животот и смртта.  Иако е градена низ градацијата на елементот на смртта и на сè она што завршува, во оваа песна потентноста на животот е содржина и строго нагласена манифестација на формалната страна на смртта. Претставата на смртта се оживува до степен кога веќе престанува да биде тоа; во неа се транспонираат силите на етичките компоненти на опстојноста, спротивтавувањето и отпорот. Поетиката на отпорот е секогаш поетика на виталистичкото сфаќање на животот; поетика во која силно е инјектиран нагонот за живот – Ерос на начин кој дозволува во умирањето да се види ново раѓање, нов подем и свет. Светлината е семантичко јадро на танатолошката перспектива кон која се обединуваат сите надворешни влијанија и односи. Сè што е надвор од феноменски сфатениот аспект на светлината во антрополошкиот космосот наречен Очи е закана упатена од смртта. Бројни контрастни решенија ја покажуваат оваа спротивставена и сопоставена релација: надворешен свет – внатрешен свет. Очите на зажарената светлина, Еросот, се свет кој се наоѓа во сеопфатните спреги на смртта, но преобмислувајќи ја како свој сопствен континуум со посебно значење, тој ја чини идеална и возвишена, смрт од убавина, крв и љубов.

Во „Лузна” самиот наслов претставува метафоричко-симболичен модел на танатолошка метафизичка перспектива. Крвта, слично како и во поезијата на Рацин, се јавува со значење на генетска врска помеѓу Еросот и Танатосот со оглед на тоа дека сите феномени поврзани со овие два пра-нагона се остваруваат преку семантичката проникнатост на крвта. Обидот да се превозмогне смртта, а со тоа и сите нејзини со-битија, остава лузна во лирскиот субјект поривајќи длабоко во неговата суштина и воедно дозволувајќи го аманетот на крвта: да биде и живот и смрт, лузна што ќе сведочи за постоењето. Обидот да се скротат овие два нагона е нешто што ќе го проследува човечкото битие, поради неговата потреба да создаде ред во хаосот на нагоните и поривите. Кога комуницира со крвта тој ги осознава по пат на интуиција и натсетилност скриените жаришта на битието, а со скротувањето на крвта воспоставува контрола над самиот себе, над можните закани што доаѓаат од длабочините на сопствената егзистенција.

Овој сензибилитет и архи-логика на дива поетска мисла, исклучително динамична во напорот да се допрат првичните одгласи на субјектовата авторефлексивна природа, ја доведуваат поезијата до засилена херметичност. Во песните „Лузна” и „Има долу една крв” анимистичкиот аспект на симболичката определба на крвта е издигнат до ниво на општ епистемолошки модел на творечко размислување. Дослухот со крвта е однос на постоењето со потенцијалните можности на силите Ерос и Танатос, кои најчесто преку крвта ја добиваат својата потврда и засведочена стварност.

Иако оградена со девет градини и девет грла, таа сепак ги исполнува сите празнини и места, и покрај сè, продолжува со опстојувањето, таква ненаситна, исконски жедна, стара, црна и гола,  крв-лузна, вечна манифестација на Еросот на смртта.


  • [1] Атанас Вангелов, Решето, Наша книга, Скопје, 1983
  • [2] Елена Колева, Кон трагичната катарса, Жива антика, Скопје
  • [3] Катица Ќулавкова, Задоволство во толкувањето, Макавеј, Скопје, 2009

______________________________

* Извадок од дипломскиот труд на тема: Фeномените Ерос и Танатос во современата македонска поезија – врз примери од поезијата на Кочо Рацин, Ацо Шопов и Катица Ќулавкова. Ментор: Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Филолошки факултет “Блаже Конески”, Скопје, 2010.