Препевите на Шопов*

(Со нагласка на Сид од Корнеј и Сирано де Бержерак од Ростан)

Паскал Гилевски, македонски присател, есеист и преведувач

Паскал Гилевски

Ацо Шопов, еден од најголемите македонски поети, истовремено е и еден од најзначајните македонски преведувачи, односно препејувачи на поетски дела од неколку национални литератури. Покрај другото, тој е автор на препевите на следниве дела: Песна за Апанаса од Багрицки (заедно со Славко Јаневски), Басни од Крилов, Песни од Ј. Ј. Змај, Хамлет од Шекспир, Песни од Крлежа, Поезија од Сарајлиќ, Вечер над градот од Тадијановиќ, Шеесет сонети од Шекспир, Поезија од Сенгор и други.

Но, овојпат, јас ќе се осврнам само на две извонредни препејувачки остварувања: трагедијата Сид од Пјер Корнеј и комедијата Сирано де Бержерак од Едмон Ростан.

Препевот на популарното дело на постромантичарот Ростан е објавен во далечната 1957 година, шест години по брилијантниот препев на Песна за Апанаса и само дванаесетина години по конституирањето на македонскиот литературен јазик. Овој податок го изнесувам за да го истакнам фактот дека македонската преведувачка дејност многу бргу даде неколку остварувања со врвна уметничка вредност, потврдувајќи дека македонскиот јазик може да ги совлада и најтешките, најделикатните проблеми со кои се соочувале, па дури и денес се соочуваат и јазици со многу поголеми и подолги традиции.

За да ја поткрепиме оваа констатација, ќе спомнеме уште неколку преведувачки остварувања што се појавија до објавувањето на Сид во 1958 година. Имено, Блаже Конески уште во 1947 година го објавил препевот на Горски венец од Његош, во 1952 Лирско интермецо од Хајне, а следната година Отело од Шекспир; Гане Тодоровски, еден од тројцата најзначајни македонски препејувачи, во 1956 година, паралелно со својата бележита стихозбирка Спокоен чекор, го објавува препевoт Смртта на Смаил-ага Ченгиќ од Мажураниќ, а следната година, кога е објавен Сирано, излегува од печат препевот на Дванаесетмината од Блок, што ќе значи голем чекор напред во македонскиот уметнички превод. Кон овие препеви со високи дострели треба да ги додадеме и различните препеви на Георги Сталев објавени во периодиката и во одделни книги, особено Oдбраните песни и Евгениј Онегин од Пушкин, во 1953 и во 1956 година.

Во 1957 година, кога се појавува препевот на Сирано де Бержерак, веќе е извршена големата пресвртница во македонската поезија. Објавени се стихозбирките Везилка од Конески и Слеј се со тишината од Шопов, во 1955 година, а следната година се појавуваат уште две знаменити стихозбирки: Спокоен чекор од Гане Тодоровски и Дождови од Матеја Матевски, која триумфално ќе го отвори патот кон модерната струја во нашата поезија.

Десетина-петнаесет години подоцна Матеја Матевски сѐ повеќе ќе ѝ се посветува на преведувачката дејност, а со препевите на Лорка, Пабло Неруда и други шпански поети, ќе се издигне до самите врвови на македонскиот препев, до резултатите на тројцата свои големи претходници: Блаже Конески, Ацо Шопов и Гане Тодоровски.

Литературен контекст

Неминовно треба да се спомне дека во пресвртниот естетски вител на македонската поезија и воопшто на македонската литература, влегуваат и трите први значајни критичко-есеистички книги: Критериум и догма (1955) од Митрев, Време и израз (1956) од Ѓурчинов и Есеи (1957) од Старделов. Во 1957 година, кога е објавен препевот на Сирано, се појавуваат и три значајни книги: Леб и камен од Славко Јаневски, Ветрот носи убаво време од Шопов и збирката раскази Ние зад насипот од Ташко Георгиевски, која ќе го отвори хоризонтот кон една од највозбудливите и највредни теми во современата македонска литература, условно наречена „егејска тематика“. Во 1958 година, кога се појавува препевот на Сид е објавена уште една значајна стихозбирка, Вардар, која својот автор Анте Поповски го внесува во кругот на големата плејада македонски поети, што ги спомнавме погоре.

Впрочем, во една таква естетски зовриена атмосфера се појавува препевот на Сирано де Бержерак, можеби, од повеќе причини, најдоброто препејувачко остварување на Шопов и еден од највредните препејувачки резултати на македонската литература. Треба веднаш да истакнеме дека Сирано се појавува во периодот на една, како што забележа и нашата критика, творечка криза кај нашиот поетски бард. За среќа, таа привремена криза, што се случувала и кај многумина наши и странски поети, е сјајно компензирана со препевот на Сирано де Бержерак. Ова треба да го сфатиме и како извесна починка, собирање сила и здив за еден нов творечки зафат, што ќе се реализира по пет-шест години со стихозбирката Небиднина, која ќе ги отвори монументалните, судбинските, океанските димензии на поезијата на Шопов.

Таа, така да кажеме, привремена творечка криза на нашиот поет воопшто не е случајна и не е само лична, туку има и пошироки размери: таа уследува по жестоките естетски конфронтации во нашата литература, кои, за среќа, како што е случај при сите дијалектички судири, ќе донесат вредни дела кај протагонистите на двете страни. Така, и препевот на Сирано де Бержерак можеме да го сметаме и како извесен творечки одговор на Ацо Шопов во разбранетата творечка сцена на македонската литература, како што е, во извесна смисла и песната „Везилка“, а и некои други песни во истоимената стихозбирка на Конески.

Знаеме дека јунакот на херојската комедија на Едмон Ростан е поетот и драмски автор од првата половина на 17 век, инаку гасконски мускетар Сирано де Бержерак, кој своите балади често пати ги пишувал и со својот познат меч. Во честите двобои со своите непријатели, Бержерак страсно и херојски ги брани својата љубов и својата чест, двете најголеми доблести на тогашното француско општество и на француската литература.

Впрочем, Шопов го избра вистинскиот јунак во чие име и од чии позиции ќе ги изрази и своите интимни доблести, пред сѐ својата поетска чест, на сите нам добро позната. Нашиот поетски бард, всушност се идентификува со францускиот бард. Тоа е еден од одговорите и за големиот успех во препејувањето на ова популарно дело на францускиот постромантичар Ростан. Но, вдахновениот Шопов во својата преведувачка работа, како главно орудие ќе го земе мечот на македонскиот збор и толку мајсторски ќе го изостри тоа изразно средство, што македонскиот збор и македонскиот стих наеднаш ќе го достигне нивото и блесокот на оригиналот, а без да претераме, на места Шопов ќе изнајде и подобри (технички) решенија.

„Шопова метрика“

Една од главните вредности на оригиналот, што е и основна формална вредност на францускиот класицизам (кај Корнеј, Расин, Молиер итн.), римата, Шопов исто така ќе ја земе како суштествена состојка и во таа смисла ќе постигне такви сјајни резултати, што означуваат вистински триумф на македонската версификација. Само за употребата на римата во овој препев може да се напише еден цел голем есеј. Но, римата сама по себе не би го постигнала таквиот впечатлив ефект, ако Шопов не ја ставеше на вистинското место и во вистинското ритмичко единство. Големата вредност и оригиналност на Шопов е, меѓу другото, дека на основниот александриски стих на оригиналот, познатиот дванаестерец, со природниот јамб што го овозможува францускиот јазик, му вдахновува македонски дух, суптилно и елегантно го варира, со повремена употреба на други метрички стапки, особено на трохеј, што е најблизок до нашиот јазик, но и на дактил, амфибрах итн.

Во тоа мешање на стапките Шопов всушност создава едно своевидно услужно единство, една прекрасна ритмичка целина, што слободно би ја нарекле „Шопова метрика“. Суштината се состои во следново: целта на преведувачот-препејувачот е да ја разбие ритмичката монотонија, една скриена опасност, за која своевремено укажува и нашиот Прличев при преведувањето на Илијадата, а во корист на една хибридна метричност, која е толку успешно срочена во случајот на Сирано што е просто и незабележлива нејзината неизедначеност, односно, остава впечаток на своевидна ритмичка усогласеност, и дури кога повнимателно ќе ја разгледаме сликата на употребените метрички состојки, го забележуваме тој меланж. Така, Шопов го постигнува она што е речиси незамисливо во работата на преводот: оригиналност, своеобразност, преведувачка индивидуалност, што е забележлива уште кај Блаже Конески, Гане Тодоровски, а подоцна и кај Матеја Матевски. Токму затоа овие поети својата преведувачка дејност ја сметаат како сосем неразделен дел од сопственото, индивидуално поетско творештво. А не само некаква компензација од узур.

Ке наведам само една строфа од препевот на Сирано, која најпластично ја содржи суштината на препејувачкиот стил и дух на Шопов:

Јас знам: можам лесно, искрено и страсно,
Да напишам писмо во кое сосем јасно
Сета моја душа зборот ќе ја спее.
Со градиве само треба да се слее.

Една година по објавувањето на препевот на Сирано де Бержерак, Шопов го објавува и својот препев на ремек-делото на Пјер Корнеј, Сид, дело кое ќе предизвика голема и долготрајна полемика во тогашната француска литературна сцена, во која ќе учествува лично и моќниот кардинал и министер на Луј XIII, Ришелје, се разбира, на страната на противниците на Корнеј.

Темата на Сид, како и на Сирано, е љубовта и честа. Затоа е и разбирливо зошто Шопов се реши да го препее и ова дело, од причините што ги кажавме погоре. И Сид својата љубов и својата чест ги брани со својот меч и со своето херојство.

Корнеј својата славна трагедија ја пишува во екот на класицизмот, и го употребува, со извесни отстапки, александрискиот стих, дванаестерец со цезура по шестиот слог и со парна или соседна рима од почеток до крај. Во ритмичка смисла Шопов го повторува успехот од Сирано, со истите карактеристики што ги изнесовме погоре, но, речиси ја избегнува римата, која е, како што рековме, релевантно изразно средство на францускиот класицизам, за разлика, да речеме, од англиските класичари, на чело со Шекспир.

Потребно е посебно проучување зошто, од кои причини Шопов, превосходниот мајстор на римата, ја избегнува токму во ова дело, во овој свој, инаку, многу значаен препев. Шопов рима употребува само на крајот од некои строфи, како што тоа го практикува, на пример, Мажураниќ во Смаил-ага Ченгиќ, што верно го предава Гане Тодоровски. Исто така, Шопов често употребува јампски единаестерец, па дури и осмерец, дактилен десетерец и мешан дванаестерец, а цезурата често се наоѓа по петтиот слог, потоа следува седумсложен полустих, што, се разбира, не е карактеристичен за класичниот француски александринец. Освен во случајот на француските романтичари, кои го создале т.н. романтичарски триметриски стих, на пример Виктор Иго, од кого Шопов ќе се инспирира за некои свои песни, како, на пример, од познатото Игоово „Црно сонце“. Очигледно дека на Шопов француските романтичари (освен Иго и Мисе, Ламартин, Нервал) ќе му бидат поблиски по темперамент, отколку класичарите како Корнеј, Расин и Молиер. Но, и таков, со таквите недостатоци, намерни или ненамерни, препевот на Сид, како и неговиот Хамлет или Сонетите на Шекспир, претставува значајна етапа во развојот на македонската преведувачка уметност, каде што тој има едно од челните места.

________________________________

* in Животот и делото на Ацо Шопов.- Скопје: МАНУ, 2005
Поднасловите се од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов