This post is also available in: French

Hamidou Sall et Svetlana Šopova, veuve d'Aco Šopov, à la Bibliothèque nationale et universitaire « Clément d’Ohrid », Skopje, le 21 mars 2006, Journée mondiale de la poésie, dans le cadre du lancement de l’Année Senghor en Macédoine. Поетски средби *

Амиду Сал

Драги пријатели. Велам драги пријатели, зашто ниеден друг збор не може да го изрази она што го чувствувам за вас денес, овде, во Скопје, во оваа древна македонска земја, во која прославуваме еден суверен поет, човек со широка култура и умен политичар кој на врвот на политичката слава своеволно се повлече од јавната сцена за да и се врати на поезијата, како што своевремено, римскиот конзул Cincinatus им се врати на нивата и ралото.

Леополд Седар Сенгор беше пријател на Македонија,  и тоа го знам јас, тоа го знаат и моите драги пријатели Кристијан Валантен, Алоиз Ндиај, Бернар Муралис, Гзавие Гарние, Жан-Мишел Џиан, сите ние што без двоумење ја прифативме поканата да дојдеме во вашата земја, која сега ја чувствуваме уште поблиска, за да ви ја пренесеме, во духот на Сенгор, пријателската и братска порака од страна на Сенегал и на светот на Франкофонијата.

Леополд Седар Сенгор беше пријател на Македонија, но му беше пријател и на еден голем Македонец, син на вашата земја, којшто исто така беше поет.

Тие и двајцата беа во служба на нивните држави, па така и се сретнаа. Во 1971 година, Сенгор, како Претседател на Република Сенегал, ги прими акредитивните писма од Социјалистичка Федеративна Република Југославија со кои Ацо Шопов беше именуван за амбасадор во неговата земја.

Случајноста – ако воопшто веруваме во неа – сакаше Претседателот и амбасадорот да не бидат само политички личности, туку да ја имаат онаа прекрасна дарба за восхит, што се преобразува во внатрешна песна и што едноставно се наречува поезија. Вон нивните службени односи, поезијата е таа што ги исплете пријателските врски меѓу нив.

***

Што се однесува до мене, јас имав среќа лично да го познавам Сенгор. Поточно, имав неизмерна чест да се движам во неговиот интимен круг и да пораснам во неговата сенка. Тој му беше пријател и политички компањон на мојот дедо, а неговиот најмлад син, Филип Магилен, ми беше пријател, брат.

Му должам многу на Леополд Седар Сенгор. Тој ја поттикна мојата љубов кон поезијата која, со текот на времето, далеку по моите студии, се претвори во вистинска страст и секојдневен сопатник.

Триесетина години по доаѓањето на Шопов во Сенегал, случајноста – повторно таа – сакаше една вечер, некаде во Париз, да запознам една жена која претставуваше книга посветена на татко и. Разбрав дека татко и бил поет, и дека таа се вика Јасмина Шопова. Ништо повеќе од тоа.

Ја држев книгата в раце, неспособен да навлезам во неа бидејќи беше напишана на кирилица, па морав да се обидувам да ја разберам со поглед. Почнав да ги прелистувам страниците со фотографии, кога одеднаш наидов на познато лице. Си реков: па оваа книга не ми е воопшто туѓа…

Неколку збора разменети со Шопови – мајката и ќерката – за Дакар, за посетата на Сенгор во вашата земја, и за миг се стрмоглавив во братската авантура што ме доведе денес овде, меѓу вас, за да му оддадеме заедно чест на големиот хуманист и градител Сенгор, тој исклучителен човек и поет што со своето пристуство обележа цел еден век.

***

Сенгор, Еме Сезер и Леон Гонтран Дамас го сочинуваа она револуционерно тројство што ни ја остави во наследство Негритидата. Тие бранители на цивилизациските вредности на црнечкиот свет успеаја да ги срушат темелите на колонијалната антропологија која на црниот човек не му ја признаваше човечноста.

Затоа кога се говори за Сенгор, не може а да не се спомне оној што му беше „повеќе од брат”, саканиот Сезер1.

А тие имаа еден заеднички пријател кој се викаше Петар Губерина.

Пред нешто повеќе од седумдесет години, во 1935 година, Губерина го поканил младиот Сезер да го помине летниот одмор кај него во Шибеник. Уште првото утро, Сезер го отворил прозорецот од собата во која бил сместен и здогледал еден остров во морето. Кога му рекле дека тој остров го носи името на Свети Мартин, исто како неговата родна Мартиника, не можел да поверува. Возбуден, веднаш го замолил Петар да му даде хартија, но тој немал хартија, па му дал една тетратка.

Ете како се родило монументалното дело на Сенгоровиот пријател Еме Сезер, Cahier d’un retour au pays natal2, за кое Андре Бретон ќе рече дека е едно од најголемите лирски споменици на светската литература.

Случајноста повторно сакаше, значи, недалеку од овде да се роди тоа маестрално дело кое со својот поетски пламен ги разгоре срцата на повеќе генерации луѓе и кое од неговиот автор направи основоположник на една култура и една нација.

***

Години подоцна, се роди едно ново пријателство помеѓу еден од основоположниците на Негритидата и еден поет од вашите простори : Леополд Седар Сенгор и Ацо Шопов.

Ние, што денес живееме во ова чудно време во кое владее потошувачка треска, во кое единствениот пазар нè држи егзистенцијално приковани на илјадници километри далечина од нежноста која им е потребна на нашите души, ние мораме да го одржуваме пламенот на надежта што гори над пепелта на изгубените илузии и искушенијата. А тоа значи да продолжиме да се бориме во име на поезијата и повнимателно да ги слушаме пораките што ни ги праќаат Сенгор и Шопов.

Зашто денес, поезијата ни е попотребна од кога и да е, за да му ја вратиме магичноста на нашиот изветвен свет.

Да се присетиме само на поетот што велеше: „Il y a encore des chants à chanter au-delà des homes”3.

И да не заборавиме : поетот е стражар кој ја ослушнува космичката музика што зрачи низ ноќта.

Им се поклонувам на Сенгор и Шопов, а со нив и на поезијата, на нејзината таинственост, на нејзината светла убавина, на нејзината темна убавина, на нејзината живототворна и пророчка моќ.

* Реч изговорена во Националната и универзитетска библиотека Свети Климент Охридски, во Скопје, на 21 март 2006, Светски ден на поезијата, во рамките на одбележувањето на Годината Сенгор во Македонија.

___________________________________

  1. Еме, значи сакан на француски.
  2. Записи од едно враќање во родната земја.
  3. „И по луѓето, ќе има песни за пеење”, стих на Пол Селан.