This post is also available in: French Spanish German Russian English

Ацо Шопов – Молк што свети*

Едуар Моник

„Шопов е остров
од кој извира неспокојна светлина
во себе што носи горешт спокој”
– „Отсутниот е секогаш тука”, Едуар Моник

Велам дека Ацо Шопов е остров затоа што неговата поезија – единствениот пат по кој води кон средба на двајца луѓе што никогаш не се сретнале – ги содржи основните обележја на инсуларноста: омеѓеноста и рушењето на меѓите. 

Веројатно пради тоа и го чувствувам толку близок, сакам да речам поради начинот на кој тој ги доживува и соопштува секојдневно родното место и светот. 

Поезијата на Ацо Шопов длабоко се вкоренува во македонската земја, а истовремено се подава кон универзумот. Тој им припаѓа на оние поети чиј што поглед, иако вперен во внатрешноста на тврдинaтa, intra muros, не оставаат ништо да им измолкне на нивното внимание. Неговиот поглед е внимателен и длабок. Согледувајќи во тоа внатрешно поле можности за нови никулци и нови плодотворни калемења, поетот го изострува својот поглед и така го пробива непосредниот хоризонт. 

Со други зборови, тој владее со песната, а не таа со него, како што за жал се случува со некои писатели низ светот: оние што се занимаваат повеќе со литературата заради литературата отколку со литературата во служба на суштественото, односно на патувањето на човекот низ планетата Земја, од неговото раѓање до смртта. 

Ацо Шопов ги совладува зборовите и сликите. Тој им наложува каденца која е во дослух со мигот, и со извонредно мајсторство зборот го прелева од шепот во крик, од спокој во грч.

Но најбитно е дека Ацо Шопов е еден од ретките поети на дваесеттиот век што ја имаат издигнато метафизиката на ниво на духовна лирска реч: најочигледен пример за тоа е песната „Долго доаѓање на огнот“. 

Препеана од македонски на јазиците со пораспространета употреба, неговата поезија, според правилата на неизбежното trаdutore traditorе, секако губи дел од својата вродена убавина. Но сепак, препевот им овозможува како на другите поети, така и на читателите, да доплоат до островот Шопов и да откријат една осаменост населена со безброј присутности кои говорат и пророчуваат. Да ја откријат и онаа отвореност на духот без која секој човек, заедница, јазик, култура или народ што се затвора во себе, што се изолира, би згаснал, би се јалосал, би исчезнал… Зашто водечкиот збор во поезијата на Шопов е споделување, единствениот „сезам” што ги отвара вратите на крајот од овој [дваесетти] век, а особено на почетокот на следниот милениум. Споделување со суштествата и нешата кое што се остварува со посредство на едно творештво на кое му е досудено непрестано и бескрајно да открива и разоткрива. Зашто тоа во себе содржи тајни долапи во кои може да се пронајде одговор на нашите прашања, а можеби по некое прашање за нашите одговори. 

Во тоа е белегот на вистинскиот поет, а Ацо Шопов е вистински поет. 

_______________
* Текстот и песната се напишани во Скопје, во април 1992 година, во деновите кога се комеморираше десетгодишнината од смртта на Ацо Шопов. Објавен е во Нова Македонија, 29.04.1992, стр. 12. На француски е објавен како поговор на книгата Во личен избор, 1994.

Едуар Моник за книгата Во личен избор, на македонската телевизија.