This post is also available in: French Spanish German Russian English Albanian

Ноември 2013, промоција на книгата Раѓање на зборот во Софија

Поезијата на Ацо Шопов е за првпат препеана на бугарски јазик, по повод прославата на 90 годишнината од неговото раѓање. Изборот и препевот објавен под наслов Раѓање на зборот („Авангард принт”, Русе), му го должиме на бугарскиот поет и сликар Роман Кисјов, кого македонската публика има можност да го запознае преку книгата Словото Пастир (Скопје, Макавеј, 2010) во препев на Ефтим Клетников.

Во среда 27 ноември 2013, директорот на КИЦ на Република Македонија во Софија, Васко Шутаров, организираше промоција на книгата на којашто говореа и издавачот Николај Гиндјанов, членовите на семејството на Шопов, Светлана и Јасмина Шопови, како и препејувачот Роман Кисјов којшто изјави: „Ми се чини дека поезијата на Ацо Шопов плени и фасцинира не само поради големиот талент и мајсторство на нејзиниот автор, туку и благодарение на нејзината возвишеност и идеализам, коишто – особено денес, во ова бездуховно, прагматично и технократско време – можеби делуваат речиси утописки и анахронично… но се во суштина носители на универзални вредности, свртени кон Човекот и исконите, оние вечни вредности на кои се темели и од кои црпи енергија човековото постоење…” (прочитајте го целиот текст)

Стихови од Ацо Шопов на македонски и на бугарски читаше Иван Калошев, во придружба на гитаристката Ива Христовска.

Од здравствени причини, бугарскиот поет Љубомир Левчев, добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, не можеше да дојде на промоцијата. Но во салата, неговото присуство го одбележуваше прекрасниот букет цвеќе што на истиот ден, во неговиот дом, им го подари на сопругата и ќерката на Шопов, неговиот собрат по перо.

Фотогалерија на настанот. Фотографиите можат да бидат преземени и објавени со задолжителен копирајт © Ацо Шопов – Поезија.