This post is also available in: French Spanish German Russian English Albanian

Промоција на Лирскиот дом на Ацо Шопов

Јасмина Шопова го пезентира Лирскиот домВо среда 8 октомври 2014, Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкот Факултет “Блаже Конески” организираше промоција на Лирскиот дом на Ацо Шопов, повеќејазичниот интернетски портал во којшто моментално се наоѓате.

Со овој настан Филолошкиот факултет во Скопје ја одбележа 70 годишнината од објавувањето на Песни од Ацо Шопов, првата поетска книга на македонски јазик во слободна Македонија.

Иницијативата дојде од магистрантот Иван Антоновски и Весна Мојсова-Чепишевска, раководител на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности, којашто, по поздравна реч на Славица Велева, декан на Филолошкиот факултет, говореше за творештвото на Шопов и интернетскиот портал што му е посветен (прочитајте го нејзиниот осврт “Лирскиот дом на Шопов ги отвора вратите во домот на науката и знаењето“).

Идејата за овој портал се роди во 2012 година кога се објави двојазичниот избор од поезијата на Шопов Soleil noir/Schwarze Sonne. Иницијатори на проектот беа Ролан Кајзер и Јасмина Шопова. Издавачката куќа PHI од Луксамбург, чијшто директор е Ролан Кајзер,  е задолжена за техничкото обликување и одржувањето на порталот, а Јасмина Шопова, ќерка, толкувач и преведувач на поетот,  се грижи за неговата содржина. Ацо Шопов е првиот од многубројните светски автори објавени во PHI кому му е посветен толку богат повеќејазичен интернетски портал.

Страници посветени на промоцијата на Лирскиот дом во училишниот весник на ОУ „Ацо Шопов”

Страници посветени на промоцијата на Лирскиот дом во училишниот весник на ОУ „Ацо Шопов”

Откако Јасмина Шопова ги отвори вратите на виртуелниот дом на Ацо Шопов, многубројната академска, студентска и училишна публика имаше можност да ги посети неговите простории, да разгледа дел од ракописите и фотографиите во неговите архивски материјали, да ги открие речиси сите портрети на Шопов од македонски сликари и вајари, да слушне негови песни препеани на различни јазици, да запознае неколкумина од неговите преведувачи… и, на крајот, да добие по еден примерок од фототипското издание на Песни, што годинава го објави издавачката куќа Сигмапрес од Скопје.

Истото беше промовирано претходниот ден, 7 октомври 2014, во Друштвото на писателите на Македонија. Повеќе информации за настанот ќе најдете тука.

Преглед oд одгласите во медиумите на Daily.mk или Time.mk
Репортажа на Неда Бакевска, за ТВ Телма (15.10.2014).

 Фотографиите можат да бидат преземени и објавени со задолжителен копирајт © Ацо Шопов – Поезија.