На оваа мала полица во Читалницата на Лирскиот дом на Ацо Шопов, се изложени мисли за творештвото што поетот ги има искажано во интервјуа или напишано во есеи.
- Ако постои поетски фатализам, тогаш ја сум еден од неговите најголеми поклоници. (1958)
- Поезијата е младост на убавината, жед за неа, право на неа, илузија. (1960)
- Поезијата е игра со убавината, во име на човечката убавина, бидејќи не постои надвор од човекот.
- Тежнеам кон тишината како една од многубројните активни состојби на духот во кои можат подлабоко, посестрано и појасно да се наслутат драмите во нас и околу нас. Тишината е тишина на немир, на крик, на продор во непознатото, тишина на тврдина исполнета во оган и ветер.
- Поети, мајстори на зборот, архитекти на човечноста и солидарноста, исковете нови зборови за поимите на разбирањето и љубовта, помошта и братството, единството на човечките интереси, животот без страв и катастрофи. (1963)
- Тежнеам кон еден вид формално совршенство и сакам тоа формално совршенство да има и внатрешно содржинско оправдување. (1965)
- Поетот го открива неговата песна, а не потписот што го става под неа. (1969)
- Во поезијата нема високо и средно развиени земји и земји во развој. Таа е или не е тоа. (1969)
- Песната не е само свест за егзистенцијата, таа е свест за себеси, и поради тоа и се потврдува и остварува во непрекинат судир и со стварноста и со себеси. (1970)
- Јас својата поезија, а особено онаа од најновиот период ја чувствувам како специфична синтеза, специфично доживување на љубовта, земјата и страста. (1970)
- Поетот е во песната како во студена пештера, како во непрегледна шума каде место дрвјето лежат огромни расфрлани и скаменети зборови. Тој треба да ги спаси од смртта, да ги пробуди од скаменетиот сон, да ја оживее шумата за да можат дрвјата да одат. Често во тоа поетот успева , уште почесто стои во неа, во таа шума, збунет и беспомошен, довикувајќи на помош да му пријдат претходните поетски искуства.И така од песна во песна. Штотуку ќе се затвори еден круг, треба да се отвори нов. И секогаш истото проколнато прашање- како? (1970)
- Поезијата бара комплетни личности. Тоа значи: без етика − нема творештво. (1972)
- Секое влебување, секој конформизам е смрт за творештвото. (1972)