И уште еднаш црно сонце

Тука сé на тебе смртоносно личи.
И овој катран расфрлан врз ридјето.
И оваа смола што се цеди низ грлото на три суви дола.
И тагата на песот низ приградските наслеби што квичи
и таа на тебе личи.

И оваа карпа вода што ја плиска,
вода што се подава како жена
во преграб да ја фати
оној за жедта нескротена со живот што ќе плати.
И оваа модрина скржава и недостижно блиска.
И оваа карпа над неа што ја плиска.

И овие лозја и лозници. И вина,
наточени од усвит, од припек, од врелина.
И суша.
И овој камен со збигорена душа.
И трите, црно сонце, нашите три сина
жедни сред лозја, лозници и вина.

И овој ѕвонарник во густите лески
што моли и проколнува.
И рането ечи.
И секој што доаѓа во мир да се лечи.
И очите ископани од старите фрески.
И овој ѕвонарник во густите лески.

Тука сé на тебе смртоносно личи.
И овој катран расфрлан врз ридјето.
И оваа смола.
И над нив Големата ѕвездена кола.
И песот дури низ приградските наслеби што квичи
и тој во тагата на тебе личи…

И оваа земја метежна а јасна.
И оваа суша. И врелина.
И мора.
И трите мои рани – трите неизречени збора.
О црно сонце, огну на есента касна,
светлина капе врз нас од ѕвезда што одамна згасна.

Ацо Шопов, Гледач во пепелта, 1970