Има долу една крвheadphones

Има долу тешка една крв
од древноста чиниш останата.
Не се ни наѕира во врелите маглини на овој врв.
Лежи проколната како лузна врз раната.

Има долу една тешка крв. Има крв една.
Има една крв густа како црна смола.
Крв незаситна и исконски жедна.
Има една стара крв, црна и гола.

Лежи она и рие како крт.
Оди од праг до праг, рие низ свеста.
Непогрешно и неизбежно како смрт
ги исполнува сите празнини и места.

Има долу тешка една крв,
една крв што секогаш вели:
следи ме покорно, следи ме прв,
никогаш од мене не се дели.

Има долу една страшна крв,
пострашна и од заканата.
Има долу една таква тешка крв
од древноста чиниш останата.

Ацо Шопов, Небиднина, 1963
Песната првпат е објавена во Современост, 1963, XIII, 4.