Во прегратка на светот*

Милан Ѓурчинов, македонски литературен критичар

Милан Ѓурчинов, македонски литературен критичар

Милан Ѓурчинов

Песна за црната жена е еден лирски, треперлив запис за едно длабоко прожиевеано патување низ широко отворената врата на светот, како и едно освојување на нови поетски сознанија во кои чувствителното се преплетува со сочувствителното, естетското со хуманистичкото, татковинското со светското и космополитското. Во новата поетска книга на Ацо Шопов доминира едно продуховено чувствување на единството на светот кое дури и под нараснатата плима на поетскиот занес не преминува во екстаза и самозаборав, туку, напротив, предизвикува повратно дејство на поосмислено и подлабоко понирање во татковинското и во сопствената судбина […]

Во право се, но само до некаде, критичарите кога истакнуваат дека Шопов успеал да го избегне […] едноставното прикажување на егзотиката и дека таа овде не е на преден план. Навистина, во Песна за црната жена го нема оној вид егзотика која за европските поети од романтизмот преку симболизмот и акмеизмот па сè до модерните евазионисти значи бегство во еуфорични прибежишта. Но егзотиката е и тоа како присутна, и на еден своевиден начин доживеана како трепет на едно сестрано, сензибилно, чулно-еротско спознание на Африка […]

Песна за црната жена носи грст примери за преобразбите на јазикот и на изразот […] Уште во првиот циклус “Жена во ивернажот”, поетот ни дава назнаење дека го напушта прозодискиот систем на пренагласени рими и донекаде анахрона интонација. Во најдобрите песни во овој циклус, “Баобаб” и “Пред расцутување на фланбоајаните”, тој тргнува кон една нова, слободна структура на песната […]

Вториот и секако централен дел на книгата почнува со необичната песна “Настан на езерскиот брег”. Тоа е чудна сага за еден шагаловски изобличен и вознесен коњ “со ѕвездена светлина во очите”, кој, откако ќе ги прелета сите мора и сите океани, откако ќе го обиколи сиот свет, ќе се спушти на брегот на своето езеро “за да се напие бистра вода, ладна и лековита” што ќе му ја поврати силата истрошена по незнајни патишта и ќе го врати во живот. На своевиден начин поетот ја варира митската тема на Антеј, која е всушност идејна оска на целата книга што авторот во еден момент ќе ја изрази со синтагмата “откривајќи ја татковината − го откриваме светот” […]

Сличен процес на претопување на значењата среќаваме и во песната “Загледан во океанот”, веројатно најдобрата во целата збирка. Песната почнува со слика на осамен човек што стои на брегот […] “Океанот е огромен”, вели поетот, а “човекот мал.” Но наскоро глетката се менува: од длабочините на океанот изронуваат одамна потопените галии со нивните девојки и младичи што му ја принесуваат на свои раце “својата тешка и недоречена судбина”. Човекот на брегот се слева со огромната маса новодојденци. Исцелителната ноќна фантасмагорија поминува. Сонцето повторно изгрева над океанот. Човекот е уште на брегот, загледан во неговото вечно движење. Но тоа веќе не е истиот, туку нов, преобразен човек, кој чувствува, верува, знае дека “човекот е огромен” а “океанот мал”.

Последниот циклус од книгата, можеби најадекватниот на нејзиниот наслов, носи релативно различни стихови во кои сензуалноста на лирскиот цртеж се преплетува со трајниот лајт-мотив на целото творештво на Шопов (од позната “Љубов”, испеана уште во војната и во виорот на револуцијата, преку подоцнежните Молитви на телото, па сè до најновово време): исконскиот култен однос кон жената, недоловливата тајна на нејзиното присуство, бескрајот и понорите скриени во нејзиниот загадочен лик, тој лик што не му дозволува на поетот до крај да го разоткрие и одгатне:

Требаше да помине половина век
за да сфатам дека си ми здравје, дека си лек
за сите мои болести неизлечиви,
за песните, за зборовите недоречени и недоречиви.

            (“Молитва за сињарката − моја наречница”)

На тој начин, стиховите од Песна за црната жена ги надминуваат рамките на средбата со еден новооткриен свет и се покажуваат како плод на длабоко внатрешно искуство во кое потиснатото минато и новите сензибилни возбуди, широкоте светски простори и татковината […] се соединуваат и се слеваат во единствена поетска содржина која умее да се појави во свежи, продуховени, често изненадувачки и ирационални облици што зрачат со хуманост и топлина.

* “У наручју света”, Политика, 30. 10. 1976