Луиса Футорански, Аргентина

Родена во Буенос Аирес во 1939, Луиса Футорански пишува поезија, романи и есеи. Се занимава исто така со новинарство и со препев. На почетокот на седумдесетите години на 20от век, ја напушта Аргентина и живее во Шпанија, Јапан и Кина, пред да го одбере своето дефинитивно живеалиште во Париз.

Објавува претежно на шпански и на француски и е добитник на бројни награди, особено во Шпанија и Франција,

Луиса Футорански препеа на шпански избор од поезијата на Ацо Шопов што го објави аргентинската издавачка куќа Leviátan (колекција Poesía mayor) во 2011 год., под наслов Sol Negro.

Повеќе податоци за Луиса Футорански ќе најдете на нејзиниот вебсајт

 

Со раце
Што друго да се очекува од старец ако не да оди по доктори
за потврда што веќе ја има
дека неговиот пад е неповратен

да го убива времето
да скршнува безволно – и тој и неговите мечти – од животот од патот за да здивне
да се расправа со неговите блиски, т.е. градот  што сега му се одмаздува за некогашните лудории и жестини:
скалилата се множат до бескрај
тротоарите се лизгаат
ветерно чеканче со обична топуска му ја крши забната протеза
во хотелското лавабо
и згора на тоа ноќните духови му ја фрлаат низ прозорец
та соседите се жалат на бука
во доцни ноќни часови

старци за подбив
што се вели
старци што шират реа на скитници
или на зандани
(вистина е дека школкска училница лете
со други мириси
ви го превртува стомакот)

старецот живее во огромна земја
студена од покајанија и условно време

земја на петар пан
во која скржливоста не може ништо против
малите гнасни принцови без престол
земја на брадавици, потреси, кашлици,
послана со кошмарни теписи

jас, лазар,
на враќање од академијата
по обичај расподелувам
скапоцени трошки, укази на милост

виножитото се јаде со раце
росата ја разблажува лошата реа
скапоцените камења во џебовите го отежнуваат летот:
нареди ги по небесниот свод
додека ја учиш азбуката на облаците правот на немаштијата се брише
од многу точење стомната на крајот прска
во рој светлосни честички
ионака за што служат стомните
луѓето
чорапите
куќите
слоновите
ако не за еден ден да прснат
тукутака
одненадеж
и потполно свесно.

Песна на Луиса Футорански во препев на Јасмина Шопова