Цртеж на Роман Кисјов, буграрски писател и сликар, препејувач на Шопов

Цртеж на Роман Кисјов, буграрски писател и сликар, препејувач на Шопов

Молитва за еден обичен но уште непронајден збор

Телото мое те моли:
Пронајди збор што личи на обично дрво
Што личи на дланки јагленосани и прародителски голи,
што е како чедност во секое молење прво:
За таков збор телото мое те моли.

Телото мое те моли:
Пронајди збор од кој
– штом со крик ќе се рече –
несвесно крвта почнува да боли,
крвта што бара корито да тече.
За таков збор телото мое те моли.

Пронајди таков вистински збор
налик на сите мирни заробеници
на оној ветар, оној развигор
што ги буди срните во нашите зеници.
Пронајди таков вистински збор.

Пронајди збор на раѓање на лелекање,
пронајди таков збор. И овој храм
затворен во својата древност и голем од чекање
ќе ти се отвори покорно и сам.
Пронајди збор на раѓање, на лелекање.

Ацо Шопов, Небиднина, 1963

headphonesСлушнете ја песната во изведба на Софија Гогова-Врчаковска