Верувам дека сите барем еднаш сте поминале покрај нејзиниот споменик на десниот брег на Вардар, пред Градскиот парк. Од каменот во вас гледаат очи со цврст пробивен поглед, а над челото, како од ветар понесена, се разлева долга, густо испреплетена коса. Ако се загледате во неа, во таа коса изрежана во каменот, ќе ја сфатите наеднаш сета симболика што уметникот [Вида Јоциќ, сестра на Вера] сакал да ја соопшти како свое доживување за вистината на едно време. Така ќе ги насетите сите искушенија, сите занеси и подвизи на бригадата чиј борец беше Вера Јоциќ: тука се и Козјак-Планина и Осогово и Плачковица, една земја изрована од несон и себенаоѓање.

Јас не сум ни историчар, ни хроничар и не изнесувам биографски податоци за животот на Вера Јоциќ. За мене таа е дел од животот на Третата македонска ударна бригада, како што е бригадата дел од нејзиниот живот. И, мислејќи на Вера Јоциќ, јас мислам на оние луѓе што јуришаа кај Дренак, кај Црноок и Црна Трава, што ги разбиваа обрачите на бугарските окупаторски единици по стрмнините на Козјак, на Руен, на Беласица, низ Кочанско поле и Струмичко.

И не можам, особено денес, да не мислам на тие денови, не само затоа што одбележуваме една годишнина што значи пресвртница во нашиот живот, туку и поради оној темен обид што сака да ја покрие со лага и оваа страница од нашата историја, да нè ограби и да го присвои и она што овие генерации и овој народ не толку одамна успеале да го извојуваат.

Ако не сте поминале покрај споменикот на Вера Јоциќ, сторете го тоа некое октомвриско попладне. Таму ќе се сретнете со еден лик од нашата историја. Во густата, развеана коса, изрежана во каменот, ќе ве пречека вашата земја.

Ацо Шопов: “Секогаш кога се сеќавам на Вера Јоциќ”
машинопис 2 листа; Фонд Ацо Шопов, АМАНУ, кутија III, 69