Марш на Третата македонска ударна бригада

Ко челик сме ние – со Титовски сили
Стив Наумов стои пред нас како штит,
Карпошова љубов тече в наш’те жили –
бригадата наша ко чекан е свит.

Низ планини стрмни, низ бурите снежни
ко рисои горски си пробивме пат,
со пламена љубов на очите мрежни
нè бодреше Темпо – најмилиот брат!

Беласица стара вечно ќе ги помни
јуришите наши сред одличен час,
Плачковица снежна и бурите ломни
за нашата храброст ќе зборат на глас.

Над кочанско поле со фашиски орди
се урнавме смело во нерамен бој,
низ херојски борби и подвизи горди
не жалевме живот за новиот строј!

В крвавиот Дренак и Пелинце славно
ќе треперат врагои ко исушен лист
со здружени сили окови ќе пукнат
ќе изгрее бргу ден светол и чист!

Ко челик сме ние – со Титовски сили
Стив Наумов стои пред нас како штит,
Карпошова љубов тече в наш’те жили –
бригадата наша ко чекан е свит!

Ацо Шопов, Со наши раце, 1950
Песната првпат објавена во Положај, весник на Втората македонска ударна бригада, април−мај, 1944.

Борци на Третата македонска ударна бригада, 1943

Борци на Третата македонска ударна бригада, меѓу кои Христијан Тодоровски Карпош, Методија Андонов Ченто, Ацо Шопов (десно, стои) и Вера Јоциќ. 1943 година.

headphones

Слушнете го Маршот
на Третата македонска ударна бригада