Ацо Шопов: Гледач во пепелта, уредил Ристо Лазаров, Везилка2011, Скопје, 2013.

Во предговорот на првото издание на Гледач во пепелта (1970), Георги Старделов, забележува дека станува збор за „книга која не само што навлегува во длабинските димензии на нашата внатрешност, па во таа смисла отворено го соочува човекот со самиот себеси, со пеколот во него и со оние вистини и спознавања што се потрајни и од самиот човек, туку и книга која ги испитува прасупстанцијалните темели токму на овој свет кој егзистира на работ меѓу утрешната катаклизма и утрешната материјална и духовна благосостојба, меѓу небиднината и дабиднината.”

Прво издание, 1970.

Gledac Vo Pepelta 2013

2013

Истата година, Драшко Реџеп, во освртот „Црното сонце на Ацо Шопов”, ќе рече: „Онаа древна, кај Шопов веќе од порано суптилно уловена мелодија на крвавата патека во човековото битие, орбитата на темната крв, сега, на теренот на оваа книга (Гледач во пепелта) се покажува во сиот свој раскош, воспоствавувајќи континуитет со сопствениот збор. Во оваа книга тенка по обем а значајна како резултат, пред нас се појавува еден од познатите пунктови на целокупната лирика на Ацо Шопов. Се работи, се разбира, за неговиот Грозомор, исклучителна, длабоко инспирирана песна, која на катаклизмата на скопскиот земјотрес и’ приоѓа некако одвнатре, потполно алергична на дескрипцијата, која токму во врска со тој потресен настан толку често доминираше во сферата на нашата лирика и уметност воопшто.”

Во „Завештанијата на Ацо Шопов” (2008), Ката Ќулавкова тврди: „Врв на македонската Модерна и на Модерната на Шопов е поетската збирка Гледач во пепелта (1970) и циклусите “Долго доаѓање на огнот” и “Црно сонце”. Во оваа збирка поетиката е свесна, постои автопоетичка димензија на пеењето, постои свест за поетското дијалогизирање со универзалните топоси, сеедно дали и колку тие се преземени од други автори и традиции (Црно сонце на пр. – Виктор Иго, окултните традиции). Огнот и сонцето, земјата, ветерот (воздухот), водата (езерото, подоцна океанот). Четирите елементи на создавањето и на постоењето на универзумот – огнот, водата, земјата и воздухот – колку едноставно навидум, а колку тешко се стигнува до нивното поетско обликување! Шопов тргнува од елементарното, за да се врати назад, повторно, кон елементарното, само овој пат со повисока свест, со траги оставени зад себе, со завет оставен за својот народ и за својот јазик.”

Во разговор со Алдо Климан (1976), самиот Шопов изјавува во : „Со Небиднина (1963) и Гледач во пепелта започнува една нова фаза во мојот поетски развој, во која се прави не само обид да се прочита “книгата на животот” (…) туку таа книга и да се соопшти со еден поинаков јазик.”

Во предговорот на новото издание на Гледач во пепелта (2013), издавачот Ристо Лазаров пишува: “Везилка2011” покренува нова едиција Врвови и воопшто не е случајно што нејзина првообјава е токму стихозбирката Гледач во пепелта од Ацо Шопов. На оваа книга бездруго и’ припаѓа почетно место на самиот врв на современиот македонски творечки планински венец.”

evenementКнигата беше промовирана на свечениот собир во МАНУ по повод 90 годишнината од раѓањето на Шопов. 
Песната “Гледач во пепелта” е достапна во аудио изведба .