Дијали на еден народ и една цивилизација*

Ацо Шопов, 1975

Поезија / Леополд Седар Сенгор. Скопје: Нова Македонија, 1975. 250 стр. (со Влада Урошевиќ и Георги Сталев).Со оваа книга македонскиот читател има можност да се сретне и да навлезе во чудесниот поетски свет на Леополд Седар Сенгор. Во неа е направен обид за едно поцелосно претставување на овој несомнено најголем поет на црна Африка во 20 век, чија поетска матица ги заплиснува сите поетски континенти и го привлекува вниманието не само на експертите и критичарите, туку и на најобичниот љубител на убавиот збор. Во поезијата на авторот на чудесната „Црна жена“, преку која, заедно со другите Песни од темнината, стана познат во целиот свет, оживуваат дивите убавини на црниот континент, легендите и верувањата, обичаите и сензибилнтетот на живите современици и дамна умреннте прародители од неговиот роден крај. Еден духовен свет, лоциран на мал географски простор како што е крајот на Серерите во Сенегал, израснува пред наши очи во свет со универзални димензии и универзално значење. Со магичноста на поетскиот збор Сенгор го преобразува овој свет во исклучив поетски универзум, секому близок и достапен. Отфрлајќи ги сите надворешни, да не речеме туристички белези што го прават за многумина привлечен и атрактивен, стремејќи се да ги открие внатрешните својства и состојби, Сенгор успева да ни даде една своја поетска визија на духовните бранувања и вредности на црниот континент, растреперен од живи бои и светлини, необични шумови и крикови во шумите и саваните, длабоки и неуморни удири на срцето и крвта.

Само поети како што е Сенгор можат да се нурнат во неизмерните длабини на душата и духовниот свет на својот роден крај и од него да излезат со пораки за човештвото.

***

Сенгор е роден на 9 октомври 1906 година во Жоал-ла-Портигез, мало место во кралството Син, денес во границите на Сенегал, на брегот на Атлантскиот океан. Во племето на Серерите, на кое му припаѓа Сенгор, октомври е месец кога се привршуваат жетвите, а според една стара легенда и африканска мудрост, дете родено во овој месец ќе биде среќно и богато и ќе успее во животот.

Татко му е богат земјоделед и сточар кој одржува присни и пријателски врски со кралот на Син, Кумба Н’Дофен. Иако овие врски, според кажувањата на Сенгор, имаат повеќе поетски и романтичен, одошто политички карактер, тие сепак сведочат за угледот и авторитетот што тој ги ужива меѓу Серерите. Имотната состојба на татко му го ослободува од тешки полски работи и чување на добиток. Во тој поглед Сенгор не ја дели судбата на децата од дивината, или како што во Сенегал се вели, од брусот. Но детските години ќе остават неизбршливи траги во животот и творештвото на поетот. Детството станува за него опсесија. Често во средбите и разговорите и по разни поводи, тој се навараќа на годините поминати во Жоал и тоа време го наречува „Царство на детството”. Тоа не е само време кога во неговото сеќавање за секогаш се врежуваат убавините на брусот, туку и кога со своите љубопитни очи ја забележува сиромаштијата на црните селани и одлучува да стане свештеник или професор за да може да им помогне. Зборувајќи за својата поезија, тој вели дека сите суштества и нешта што ги евоцира во песннте се од неговиот крај: неколку села изгубени меѓу рамна земја што ја покрива морето за враме на плимите, дрвје и полиња. „Достатно е да ги спомнам па да оживее царството на детството — и читателот заедно со мене да помине низ “шумите на симболите”. Таму живеев некогаш со овчарите и селаните… Живеев во тоа царство, го гледав со мои очи, со мои уши ги слушав фабулозните суштества од онаа страна на нештата: шумските духови Кус во тамариндите, крокодилите-чувари на изворите, ламантините што пееја во реките, мртвите од селата, прародителите што ми зборуваа и ме повикуваа кон наизменичните вистини на ноќта и денот”.

До седумгодишна возраст Сенгор живее во брусот, во директен контакт со африканското општество, во кое матријархатот има доминантна улога. „Во едно доста блиско минато, вели тој, што не е исчезнато насекаде, на чело на семејството беше мајката. Матријархатот беше семеен режим. До ден денешен уште кај Серерите од Син презимињата на децата се даваат по мајката. За луѓето од моето село, јас сум секогаш Седар Ниилан: Седар (син на) Ниилан”. Сенгор се чувстува силно врзан за мајката и за сите роднини по нејзина линија, а во прв ред за вујкото Токо Вали, најстариот претставник во материјархалното стебло. Со Токо Вали тој поминува многу ноќи и денови, ги запознава убавините на својот крај и ги добива првите поими за животот и светот.

Но во 1913 година татко му го испраќа во училиштето на католичките мисионери во Жоал. Влегувањето во ова католичко училиште означува крај на безгрижните детски години. Во училиштето тој се чувствува како во „затвор”, одделен од родителскиот дом, не му останува ништо друго освен да жали и да мечтае за океанот и за полињата и навечер да ги слуша во својата бујна фантазија живите и весели песни и песните за копнежот и маката на луѓето од неговиот крај.

Со другите ученици, Сенгор работи на полињата засеани со кикирики и маниока, чува добиток и се грижи за одгледуваље на тропските растенија. Но истовремено тој учи француски, ги добива првите поими за природните науки, а почнува да го изучува и латинскиот јазик.

Нешто подоцна, во 1922 година, побожниот и во католички дух воспитан Леополд влегува во колеџот на семинаријата Либерман во Дакар. Дакар е во тоа време главен град на Француска Западна Африка (АОФ), централна железничка станица и важно пристаниште. Дакар тогаш брои околу 20.000 жители, сите француски граѓани, а нивен пратеник е црнецот Блез Дијањ. Останатото население на Сенегал, сметајќи го и родното село на Сенгор, беше сосем обесправено и потчинето на Франција, под управа на тралнционалните суверени.

Во тие години, Сенгор ја доживува својата прва алиенација. Без советите на вујкото, без нежноста на мајката и заштитата на групата, тој почнува да се оддава на осаменички и мистичен живот. Сака да се опрелели за позив на свештеник, но директорот на семинаријата му укажува дека нема дарба за тој позив.

Сенгор ја напушта семинаријата и преминува во граѓанско училиште каде успешно го продолжува своето школување. Професорот по старогрчки јавик, Аристид Прат, не само што ја развива љубовта кај Сенгор за овој предмет, туку и влијае врз него, откако ќе го заврши средното училиште, да замине на студии во Париз. Со стипендијата што тој му ја обезбедува од француските власти и со материјална помош на еден од вујковците, Сенгор заминува за Париз во 1928 година, со што започнува нова етапа во неговиот живот.

***

Сенгор пристига во француската метропола во времето кога движењето за ренесанс на црниот свет (Negro-renaissance) почнува да ги освојува париските уметнички и културни средини.

Ова движење за ренесанс на црниот свет е врзано за почетокот на дваесеттиот век и временски, речиси, се совпаѓа со раѓањето на поетот. Тоа остава длабок печат во поетскиот развој на Сенгор. Како што националните настани во Сенегал влијаат и ја определуваат политичката кариера, движењето за ренесанс на црниот свет влијае во изградувањето на поетскиот профил и поетското определување на Сенгор.

Укинувањето на ропството во 19 век даде силен поттик на движењето за ренесанс на црниот свет. Насекаде, а во прв ред во Америка, се формираат организации за одбрана на црниот човек. Уште во 1897 година Александер Крамел оснива во Вашингтон Негро-американска академија (American Negro Academy), со цел да ги поврзе американските црни интелектуалци за промовирање на црнечката култура и борба за еднаквост. Во 1900 година адвокатот од Тринидад Xенри Силвестер Вилијамс го организира Првиот пан-африкански конгрес во Лондон. И многу други асоцијации и групи ја насочуваат својата дејност кон културниот ренесанс на црниот човек. Во времето за кое зборуваме беше многу силно движењето на Марскус Гарвеј, од Јамајка, под паролата „Враќање во Африка” (Back to Africa). Неговото движење се занесуваше со идејата за создавање иа „Црнечка империја”. Во знак на протест против сегрегацијата во црквите на белците, црнците формираа свои одделни цркви.

Црниот човек почнува да го глорифицира своето минато, изгубено во маглите на минатите векови и недамна повторно откриено. Се чувствува горд што е наследнник на една чудесно богата цивилизација. Тој конечно сознава дека Африка не е континент без култура и цивилизација, таа искрснува пред него како извор на инспирации на другите култури и жив музеј на старите цивилизации.

Понесени од почит кон поетот, претседателот и политичарот Сенгор, многумина литературни критичари му припишуваат пионерска улога во движењето за ренесанс на црниот свет. Меѓутоа, Сенгор е во прв ред негов продукт, а потоа негов продолжувач. Опфатен од идеите на ренесансот, тој дава несомнено голем придонес во будењето и осознавањето на црннот човек и станува приврзаник на Негритидот, што тој го дефинира како „динамична филозофија, отворање кон светот, вкупност на вредности на црнечката цивилизација и придонес на црниот свет во цивилизацијата на човештвото за создавање на нов свет”.

Сенгор смета дека човек може најдлабоко и најавтентично да се открие преку неговата уметност. За да се разбере душата на народот треба првин да се проучи неговата уметност. Егзотичната престава за Африка полека му го отстапува местото на научното истражување. Истражувањата се сестрани: од фолклорот, религиозните верувања и ритуали до устројството иа општеството. Во почетокот Сенегал како лулка и најзначајно упориште на францускиот колонијализам во супсахарска Африка, најмногу го привлекува вниманието на истражувачите, но тоа постепено се проширува и на останатите делови на континентот. Веќе во 1903 година се појавуваат Народни сказни од Африка (Contes populaires d’Afrique) на Рене Басе а веднаш потоа и цел грст од публикации на сказни, басни и легенди од разни собирачи. Следните години се појавуваат неколку значајни имиња во изучувањето на африканската етнографија. Лео Фробениус е едно од водечките имиња. Истражувањата оа овој германски етнолог одиграа огромна улога во приготвувањето на поволен терен за литературното творештво на Сенгор и на неговата генерација.

Придонесот на црниот свет во светската уметност почнува отворено да се признава. Кубизмот, делумно инспиран од Африка, одигра посебна улога во признавањето на црнечката уметност. Пабло Пикасо со својата „Глава на жена” и „Госпоѓиците од Авињон” отвори нова етапа во модерното сликарство и во познавањето на африканската уметносг. Евидентно е и африканското влијание и во неговите скулптури. Во сликарството и во скулптурата, исто како и во традиционалната африканска уметност, Пикасо ја разбива физичката форма за да ги опфати подобро битните квалитети на субјектот што не се наоѓа ни во времето, ни во просторот, туку во бестелесната вечност. За Гијом Аполинер, како теоретичар на кубизмот и голем познавач на црнечката уметност, Сенгор вели дека е „огнен мисионер на уметничките креации на африканскиот дух”.Сенгор смета дека човек може најдлабоко и најавтентично да се открие преку неговата уметност. За да се разбере душата на народот треба првин да се проучи неговата уметност. Егзотичната престава за Африка полека му го отстапува местото на научното истражување. Истражувањата се сестрани: од фолклорот, религиозните верувања и ритуали до устројството иа општеството. Во почетокот Сенегал како лулка и најзначајно упориште на францускиот колонијализам во супсахарска Африка, најмногу го привлекува вниманието на истражувачите, но тоа постепено се проширува и на останатите делови на континентот. Веќе во 1903 година се појавуваат Народни сказни од Африка (Contes populaires d’Afrique) на Рене Басе а веднаш потоа и цел грст од публикации на сказни, басни и легенди од разни собирачи. Следните години се појавуваат неколку значајни имиња во изучувањето на африканската етнографија. Лео Фробениус е едно од водечките имиња. Истражувањата оа овој германски етнолог одиграа огромна улога во приготвувањето на поволен терен за литературното творештво на Сенгор и на неговата генерација.

Во една своја статија, напишана 1947 год., Андре Жид зборува за три периода и три става што овозможуваат наполно да се разбере африканската уметност. Првиот период е истражувањето на оваа уметност, потем доаѓа периодот на благонаклонет однос кон неа и, најсетне, периодот на разбирање на африканската уметност, кога таа не бара само да ‘и се помогне да се издигне и постепено да се изучува, туку бара и од неа да се учи. Третиот и послeдниот период, беше овозможен во почетокот на дваесетиот век со етнолошките истражувања и соработката на европските уметници.

Уметниците како Гијом Аполинер, Жан Кокто, Пол Гијом, Пабло Пикасо и други, го соопштуваат своето мислење за црнечката уметност во публикацијата Акција. Овој интерес за таа уметност, како и нејзиниот растеж, овозможија литературната награда Гонкур да му се додели на Рене Маран (Гвајана) за романот Батуала (1921 год.). Сенгор во Рене Маран гледа најстар писател-црнец од франкофонско подрачје, првиот што ја изрази „црнечката душа” со црнечки стил на француски јазик.

Истовремено, се јавуваат сè поголем број писатели-црнци како што се Етјен Леро, Еме Сезер, Пол Нижер, Бираго Диоп и други, во чии дела се чувствува сила и страст, нежност и суровост, како и длабока поврзаност со нивните земји и племиња од чија срцевина ја црпат својата уметничка инспирација.

***

По пристигнувањето во Париз, Сенгор се запишува во лицејот Луј Велики. Таму се запознава со повеќе интелектуалци од Индокина, Антилите и Франција. Во широкиот круг на познаници и пријатели посебно место зазема Антилецот Еме Сезер со кого Сенгор ја сврзува својата творечка кариера. Времето поминато во лицејот е време кога Сенгор значајно го проширува својот духовен хоризонт. Тој го чита и го засакува делото Откорнати од Морис Баре кое многу го потсеќа на неговата ситуација. Светот на Марсел Пруст со неговото вечно трагање по изгубеното време и по детството, станува опсесија и на поетот. Андре Жид со делата Патување во Конго и Враќање од Чад му ги откриваат сите злоупотреби, неправди и махинации на колонијализмот. Но во исто време, Сенгор ја открива Францја како најголем музеј на црнечко-африканската уметност. Во Париз тој станува свесен дека ‘и припаѓа на една друга цивилизација, ги открива вредностите на цивилизацијата на своите прародители, ги прифаќа и ги оплодува во себе. Во него се раѓа свеста не само дека е црнец, туку и Сенегалец, дека му припаѓа на едно општество што е сосем поинакво од она во кое се наоѓа. Тоа ја потхранува гордоста не само кај него, туку и кај цела една генерација студенти од Африка и Антилите. Со поетот Еме Сезер ги прокламираа црните луѓе за „првородени синови на земјата”. „Зар не доминиравме со светот на Неолитот, зар не ги оплодувавме цивилизациите на Нил и Еуфрат пред да станеме невини жртви на белите варвари? … Кога го деклариравме ова, ние ја имавме искреноста и страста на младоста. Сè што имаше бела Европа ни беше безизразно: нејзиното сфаќање, уметноста, жените”.

Наместо европскиот начин на мислење, младиот Сенгор ја прифаќа црнечката емоција, ја отфрла логиката на белите и се определува за црнечката интуиција. Во статијата „Како станавме тоа што сме”, Сенгор со недоверба зборува за европските вредности што го води во расна нетрпеливост. „Мислеевме и зборувавме дека сме црнци, сол на земјата, дека сме носители на порака што никој друг не би можел да ја искаже”. Проповедајќи за крвта, Сенгар признава дека „макар и несвесно зборувавме како нацистите и колонизаторите”. „По негацијата на вредностите на белците — афирмација на црнечките вредности”, заклучува тој.

Во тоа време Сенгоровите познавања на Африка и црниот овет, сепак, се скромни и ограгничени. Неговите познавања на француската цивилизација се многу пошироки и покомплетни. Средбата и дружењето со Еме Сезер и другате црни студенти ја продлабуваат во него свеста за африканското потекло и припадност на африканскиот континент. Но училиштето што го формира и што го воведува во црнечката цивилизација е групата собрана околу Ревијата на црниот свет. Оваа ревија излегува од ноември 1931 година до април 1932, двојазично, на француски и англиски, и донесува литературни прилози од Антилите, Африка и Америка, како и прилози за црниот свет воопшто. Иако беа публикувани само шест броеви од оваа ревија, таа претставува вистинска мала енциклопедија на црнечката литература на времето и објава на културниот ренесанс на црниот човек.

Ревијата на црниот свет одигра голема улога во сфаќањата на Сенгор. Нејзиното пледоаје за „материјално, интелектуално и морално усовршување на човештвото” стана база на Сезеровата идеја за средбата и меѓусебното влијание на културите и цивилизациите, идеја миогупати потоа користена од Сенгор.

Од времето на Ревијата на црниот свет Сенгор изградува нова концепција за мисијата на црнечката интелигенција: одбрана и илустрација на црнечко-африканската култура. Свесно или несвеано, во тоа време, време на негогвите студии во Париз, Сенгор ја отпочнува својата улога како припадник на црната Плејада. Станувајќи во одбрана на црнечко-африканската култура, тој исгакнува дека не се работи за тоа Европа да ги усвои облиците и домородечките институции, туку се работи за взаемно и разумно оплодување на културите и цивилизациите. Со својот сопствен творечки пример тој покажува како го замислува тоа оплодување. Владеејќи го францускиот јазик до совршенство, во неговите стихови пишувани на тој јазик, оживува светот на неговиот континент, на негавите прародители. На тој начин Сенгор прави среќен спој на две култури и две јазични средини. Со тоа идната улога на поетот сè повеќе се оцртува. На своето литературно дело му дава африканска димензија и преку тоа врши и одбрана и илустрација на црнечката цивилизација. Во тој поглед Сенгор може да се споредува со она што Виргилиј го прави за Рим, Хомер за Грција, Данте, Бокачо и Петрарка за Италија, Ронсар и Ди Беле за Франција.

***

Својата прва поетска книга, Песни од темнината, Сенгор ја објавува во 1945 година. Песните застапени во оваа книга, проникнати со еден длабок и суптилен лиризам, ни откриваат еден несекојневен поет, еден поет вон серија, чиј дух не може да се потчини на никаква догма, правила и канони. Насловот на книгата има двојна смисла. Прво, тој укажува на Сенгоровото поетско враќање во темнините, мачнотиите, убавините и опсесивното дејство на „царството на детството”, тажачките на „блудниот син” за тоа детство, за африканските ноќи, полни со таинствена неизвесност и изненади, за тропските денови кои од една дистанца и далечна перспектива изгледаат уште поромантични и позанесни со своите савани и прашуми, прелеани со блескаво сонце, со своите стада растурени низ огромните пасишта меѓу селата и океанот. И второ, тој укажува на Сенгоровото поетско враќање во таинственнот свет на неговиот роден крај, на неговиот црн континент, меѓу прародителите кои навечер, кога децата и доилките заспиваат и кога замолкнуваат хоровите, водат долги разговори со потомците, мегу там-тамите што значат живот за црниот човек и го разбудуваат од сон светот на преданијата, сказните и басните, светот што е покриен со правта и темнината на заборавот и непознавањето, а тој, поетот, го открива и го пресоздава со својата чудесна поетска имагинација и интуиција.

Уште во уводната песна, „In Memoriam”, поетот ја открива темата: тажачка за изгубеното време, носталгија за минатото, сеќавање за мртвите и пријателите, за заборавените прародители, сеќавање за детството што не постои веќе.

Во песнана „Жоал”, поетот ги евоцира девојките стасани за мажачка и борбените хорови. Девојките се собираат, танцуваат и пеат песни со кои ги охрабруваат борачите. Во Сенегал секое село избира свој борач-љубимец. На регионалните и национални натпревари борачите настапуваат, а нивната борба е придружена од песна хоровите што ги храбрат и поттикнуваат:

„Се сеќавам за танецот на младите девојки за мажење,
За борбените хорови — о! последниот танц на младите, биста
Наведната витко, за кристалните извици на жените — Кор Сига!”

ракопис препев Црна женаПесната „Црна жена” е копнеж на човек оддалечен од својот роден крај, кој сака убавината на црната жена да ја „зацврсти во вечноста”. Тој ја глорифнцира нејзнната боја, облик, убавина, плодност, глас на контра-алт. Таа е „там-там врежан во скулптура”, „оптегнат там-там”, „савана во чисти хоризонти”, „газела од небески соѕвездија”. Песната е напишана во време кога сè што доаѓа од Африка има за поетот непроценливо значење, без оглед дали е во прашање жената, уметноста или некоја друга вредност.

Втората поетска книга на Сенгор, Црни причесни, се појавува во 1948 година. Таа претставува нова етапа во неговото поетско творештво. Од интимна, тој преминува на „колективна” поезија, од лирска и носталгична кон патриотска. Поезијата се става во служба на политиката. Овој премин се забележува уште во претходната збирка, во песната „Нека ме придружуваат кôри и балафон”. Но тој не се врши наеднаш, ами постепено и со колебања, што се чувствуваат во песната „На повикот на племето од Саба” од Црни причесни. Оваа песна е напишана во 1936 година во времето на војната во Етиопија. По повод војната, етиопскиот цар упатува апел до сите африкански народи. Овој повик ги разбудува во поетот длабокиге чувства на Африканец, повеќе од кога и да е. Пред неговотте очи се нижат слики од детството, а пред сè сликата на мајка му, која старее далеку од него. На оружјето и парите, тој им се спротивставува со гордоста што се засновува на братството на африканските народи.

Колебајќи се дали да ‘и се посвети на поезијата или на политиката во овој период, тој се определува за поезијата, за улогата на дијали. Дијали е во Сенегал трубадур, поет и музичар. Поетот сеуште претендира да има улога на бард што се залага за првенство на културата. Ја одбива улогата на пратеник, сака да биде „уста и труба” на народот за да може да го опее минатото и да ја открие мудроста на старите врачи.

Повеќето од песните во Црни причесни се посветени на сенегалските стрелци, кои се бореа и гинеа за Франција за време на Првата светска војна. Војниците гинат осамени во туѓина. Тоа е веќе несреќа. Но несреќата е уште поголама зашто зад себе оставаат жени, деца и пријатели во брусот. Според верувањето, мртвите во брусот не се мртви зашто тие дружат со живите. Но испружени на туѓа земја, отсечени од брусот, црните стрелци умираат тотално изолирани, „без очи, без уши”.

Во 1956 година излегува збирката Етиопски песни. Тоа е време на Сенгоровата потполна политичка ангажираност, која во овој избор најјасно се огледува во песните „Каја-Маган”, „Тедунгал” и „Конго”. Како многумина поети, Сенгор се инспирира од една од најубавите африкански реки: Конго. Но кај него таа не е обична река со брзаци и вители, ами „легната жена во постелата на џунглата”, „кралица на скротена Африка”. Оваа екстаза пред Конго живо потсетува на екстазата што тој ја доживува пред црната жена. Црната жена е „там-там врежан во скулптура”, а реката „там-там од пантерски скокови”; едната е „масло што не се брчка од никаков здив”, а другата „тело од масло што не гние на кожага од дијамантска ноќ”. Обликот на едната е убавина, ликот на втората, рамек-дело на природата.

Во првите денови на независноста излегува збирката Ноктурна (1961 год.) која со право може да се нарече бела ноќ на Негритидот. Во циклусот „Песни за Сињарката” се вклучени песни веќе објавени во 1949 година, под наслов „Песни за Нает”. Уште во првите стихови се откриваат клучните зборови и идејата на збирката: ноќ и светлина, игра на темнината и светлината, на црното и белото.

Која е таа девојка Нает од 1949 година или Сињарка од 1961 година? Која е таа црна девојка во чија чест се водат боречки турнири, девојка со „сини очи”? Станува ли збор за средба на две спротивности: црно и бело. Нает личи на белокожа девојка што носи црна маска: „Тоа е сигурно Сињарка! Го видов сонцето што тоне во сините очи на русокоса негарка“.

Dédicace de Senghor 1974-BRПо оваа збирка настапува еден подолг период на творечко молчење. Самиот Сенгор го објаснува ова молчење и вели дека се потребни такви периоди „за да се прибере жетвата и да се подготват нови сеидби”. Плодот на последниве е збирката Писма од ивернажот, објавена 1972 год. Посебно луксузно издание, со изврсни илустрации на Марк Шагал излегува една година подоцна. Мото на песните е ивернажот. Ивернаж е сезона на дождови во земјите јужно од Сахара. Во Сенегал тој период почнува во јуни и завршува во втората половина на октомври. „Ивернажот е лето и почеток на есен. Но постои исто така ивернаж на жената”, вели Сенгор.

Во неговото творештво се среќаваат три лика на жена: црна жена, сињарка (мулатка) и бела жена. Белата жена е инспирација на песните од Писма од ивернажот. Сета љубов, надежи, мисли и чувства врзани се за неа:

„Мислам на тебе кога одам, кога пливам,
Кога стојам или седам, мислам на тебе наутро и навечер,
Во ноќта кога плачам, или кога се смејам,
Кога зборувам или си зборувам, и кога замолчувам
Во моите радости и таги. Кога мислам и не мислам
Мила, јас мислам на тебе!”

Во тоа време тој е одделен од неа, осамен, саканата е далеку и само писмата се духовна врска со неа. Нејзините писма се „горделиво расцутување на ружите во септември”, „јасно крило помеѓу раскрилените галеби”, а додека тој ‘и пишува се чувствува „како златар што обликува скапоцен накит”.

Осаменоста често го води во детството што тој го наречува „единствено скривалиште протнв безнадежноста”:

„Чекорам по плажата на Жоал-Попангин,
Песок по стопалата — бакнеж на земјата мајка.
Радост од одење по ситниот песок, кој се преметка свилесто, (…)
Задоволство од пливање, со отворена уста во солена вода.

Враќањето на мотивите од Песни од темнината не ја убива свежината и спонтаноста ами, наспроти, ја обновува и збогатува поетската инспирација.

Во почетокот на својата поетска кариера, Сенгор се инспирира од родното место, брусот и „селата изгубени зо измаглина”, а сега се „лоцира” во Дакар и неговата околина. Често се навраќа на островот Горé, симбол на ропството и трагедијата на црниот човвк. Двеста милиони луѓе се раселени од нивниот континент: „Ене го Горé, каде крвари срцето на моите срца”.

Но Горé е и симбол на некогашната слава на африканското благородништво, остров на убавите Сињарки.

„Погледни ја ноќта што се спушта над Горé облечена во темнорозова облека како Сињарките некогаш,
Во мигот кога влегуваа на Големиот Бал.”

Со Писма од ивернажот поетот не нè води само низ минатото на својата земја, туку ни открива и еден нов свет, сегашен свет, забревтан од амбиција да се вклучи во тековите на современоста, страсно и неспокојно, што е толку карактеристично за духот на црниот човек.

Збирката носи печат на сеќавањата на поетот кој многу знае, многу видел, патувал, доживеал, таа е израз на неговото искуство, филозофија и рефлексивност. Таа претставува синтеза на неговото творештво и ја носи свежината на младоста и мудроста на годините.

***

M. et Mme. Sopov avec M. et Mme SenghorСенгор, претседател на Сенегал (1960-1980), најистакната и водечка личност на својот народ и својата земја, е познат борец за конечно ослободување на црниот свет од калонијалниот режим, борец за развој на сиот црн континент. Неговиот политички пат е необично богат и заслужува посебно поглавје и анализа. Овде намаме намера да зборуваме одделно за политичкиот лик на Сенгор. Тоа го истакнуваме само поради фактот што денес не може да се зборува за поетот Сенгор, а да не се мисли истовремено и за политичарот Сенгор. Меѓу поезијата и политиката остварено е едно органско единство, постигната е хармонија помеѓу политичките преокупации на поетот и поетските амбиции на политичарот. Со своите последни поетски достигања, Сенгор оствари синтеза не само на сето свое досегашно творештво, туку и синтеза помеѓу поезијата и политиката.

Тој израсна во дијали на еден народ и една цивилизација, кој не е опседнат само со вредностите на таа цивилизација и со стремежот тие да се обноват. За него сегашноста и иднината на светската цивилизација претставуваат длабок интимен творечкн немир. Како да се интегрираат вредностите на секој народ во цивилизацијата на човештвото и каква ќе биде таа утрешна цивилизација — тоа се прашања што го мачат и обеспокојуваат Сенгор и го чекаат поетскиот одговор на големиот дијали.

* Скратена верзија на предговорот на Ацо Шопов кон неговиот избор од поезијата на Леополд Седар Сенгор, објавен по повод доделувањето на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата на сенегалскиот поет: Поезија, Скопје, Нова Македонија, 1975. 250 стр.