Јасмина Шопова: По-трагите на Ацо Шопов, Скопје, Сигмапрес, 2002 (илустрирана монографија)

Po-tragite na Aco SopovДа се чекори, стапка по стапка, по трагите што Ацо Шопов ги остави на тлото на македонската земја и во светот на поезијата, и при тоа да се разоткриваат неговите поетски и животни потраги – тоа е основната идеја на оваа книга објавена по повод дваесетгодишнината од неговата смрт.

Станува збор за волуминозна илустрирана монографија од 254 страници, формат 30×23цм., којашто десет години по нејзиното објавување го инспирираше проектот за градење на порталот во којшто се наоѓате, Лирскиот дом на Ацо Шопов.

“Посветена на еден човек којшто непрестано го потенцираше својот долг кон народното творештво и кон основоположниците на македонската поезија што ги сметаше за свои учители, којшто не оклеваше да го изрази својот восхит пред великаните на југословенската и светска литература чиешто творештво било за него предизвик и поттик, којшто редовно јавно се искажуваше за состојбите во македонската литература, што ќе рече, и за генерациите по неговата, со еден збор, човек којшто умееше да гледа и зад себе и пред себе, оваа книга нека послужи како ‘противотров’ за епидемијата на заборавот која се шири кај нас”, пишува Јасмина Шопова во воведот на книгата, што можете да го прочитате подолу.

Вовед

Идејата за една ваква книга се роди на почетокот на деведестите години од 20от век. Издавачката куќа Македонска книга тогаш подготвуваше тритомно јубилејно издание од кое, во 1993 година, излегоа два тома: Очи (поезија), што го приреди Катица Ќулавкова, и Шопов во светот, Шопов од светот (препеви), во избор на Милош Линдро. Објавувањето на третиот том, кој требаше да има биографски карактер, составен од архивска граѓа и фото-документација, се изјалови. Во 2001 год. Светлана Шопова која на Македонска книга и’ ги беше доверила сите материјали, ги зеде назад и ми предложи да направам нов проект. Така, по една деценија, во моментот кога почна да се подготвува одбележувањето на осумдесетгодишнината од раѓањето на Ацо Шопов, „папките” дојдоа во мои раце. Во нив, покрај документите од личната архива најдов и текстови од Владимир Шопов и Михаил Ренџов специјално напишани за третиот том на јубилејното издание, како и неколку писма од Ацо Шопов упатени до пријатели кои ги предале кај издавачот за истата цел, што си дозволив да ги искористам овде.

За жал, овие придобивки не можат да ги заменат губитоците, зашто во меѓувреме исчезнаа драгоцени писма и беа оштетни оригинални машинописи, а на опачината на некои стари поштенски картички или фотографии на кои некој запишал пораки или податоци пред четириесет, педесет, па дури и седумдесет години, сега стојат како безмилосни печати на бескрупулозноста некакви заокружени бројки што требало да послужат при печатењето на никогаш отпечатената книга.

*    *    *
monografija-4-glava-8monografija-3-glava-14Иако не можам да не се согласам со Гане Тодоровски кога вели дека „влогот на Шопов во трезорите на нашата национална литература е одвеќе голем за да се мери само со аршините на критичките одгласи”, сепак се одлучив книгата да ја концепирам така што токму ним, на критичарите, ќе им го дадам главниот збор. Така, поезијата и написите на Ацо Шопов се систематски проследени со нивни анализи и забелешки, без мој коментар. Мислам дека тоа беше најдобриот начин да се оградам од било каков вид субјективност.

Се покажа дека ваквиот потфат е поамбициозен отколку што мислев. Дека не е воопшто едноставно сиот тој волуминозен матерјал да се систематизира и наниже во логична нитка, а притоа да се почитуваат и хронолошкиот ред и тематските целини, да се уочи на некои разлики во ставовите и на некои константи, а при тоа да се избегне опасноста од монотонија или повторување. И згора на сè, да не се додаде ни еден едиснтвен сопствен збор. Идејата да се направи кохерентна целина од најразнородни фрагмени стана вистински предизвик, со кој се обидов некако да се справам. Се надевам дека успеав барем до некаде да ја постигнам мојата цел: оваа книга да се чита како еден вид творечко-животен расказ, во рамките на еден определен општествен, културен и историски контекст; да биде исто толку достапна и поучна за читателот што го открива Ацо Шопов, колку и привлечна и корисна за неговиот добар познавач.

monografija-4-glava-50Наменета пред сè на широката публика, таа содржи шест поглавја кои, од дидактични причини, хронолошки го следат творечкиот развиток пред сè, но и животниот пат, на Ацо Шопов. Само последното, „Пост Скриптум”, е посветено на дваесетте години по неговата смрт. Но бидејќи ни творештвото, ни животот, а веројатно ни смртта, не се линеарни работи, секое поглавје содржи и „хронолошки скокови” или, како што се наречени тука, „Анахронии”, кои по пат на аналогии ги доближуваат различните периоди од творештвото и животот на поетот.
Наменета, иако во помала мерка, и на студентската и научна публика, книгава содржи и тематски кругови (фрагменти од различни текстови врзани за една песна, збирка или литературен феномен) кои се повикани − исто како и необјавените ракописи, документи, записи, искажувања на пријатели и сведоштва на членови на семејството на Шопов − да послужат како поттик за понатамошните истражувања на неговата поезијата. Таа содржи и релативно голем број нови референци што ги дополнуваат досега објавените библиографии кои, инаку, ми беа од неизмерна помош во нејзината реализацијата.
*    *    *

monografija-2-26Додека работев на оваа монографија, додека го прелистував животот на татко ми − фотографиите, писмата, есеите − имав впечаток дека пред мене широко се отвараат страници и страници од македонската понова историја. Затоа одлучив да ги надминам индивидуалните рамки и да се обидам да ги доловам атмосферите на културниот, општествениот и политичкиот живот во тоа клучно време во кое се создавала македонската современа држава и се кодифицирал македонскиот литературен јазик. Од тие причини, текстовите во оваа книга не се врзани исклучиво за поетското творештво на Шопов и се објавени во нивните оригинални верзии, без да претрпат никакво модернизирање. Еден документ од Архивот на Македонија остана дури на српски, зашто неговиот превод, убедена сум, ќе го осиромашеше од историски аспект, и ќе му одземеше многу од автентичноста и сочноста.
Се надевам дека читателите ќе ја споделат мојата возбуда, едни присетувајќи се, други откривајќи го тој не многу долг и не многу далечен, но толку исполнет со исклучително важни настани временски период, што би се рекло дека траел со векови.
Некому, овие страници од нашата историја можеби ќе му се сторат оветвени, неактуелни, демодирани. Од преголема − и сосем оправдана − грижа за нашите сегашност и иднина, ние премногу често забораваме да се обѕрнеме кон минатото, останувајќи глуви за неговите пораки, слепи за неговите патокази. А во нив сигурно се крие повеќе од едно решение за новите, актуелните, современите проблеми.
monografija-3-glava-8

Уште во 1965, Шопов пишуваше: „Во нашата литература растат генерации како печурки по дожд (…) Растат по принципот: пред мене − ништо, по мене − пак ништо. Се играме одговорност”. Истото го имаше на ум и Сретен Перовиќ кога велеше дека „Шопов, купувачот на ‘стари саѓи на соништата’, всушност суптилно го транспонира своето верување дека не може и не смее да се осквернуваат со вековно искуство проверените вредности, бидејќи животот не почнува со нас, ниту со нас се завршува”. Зарем е можно, за речиси четири децении, во нашата (литературна) средина ама баш ништо да не се изменило? Доволно е да се потсетиме само на неодамнешниот, за среќа неуспешен, но за жал не едниствен, обид да се “убие таткото” Блаже Конески, па да сфатиме колку е жилав и истраен нашиот самоуништувачки принцип „пред мене − ништо”, кој ги разорува  темелите на традицијата без која пак една нација не може да се изгради. Посветена на еден човек којшто непрестано го потенцираше својот долг кон народното творештво и кон основоположниците на македонската поезија што ги сметаше за свои учители, којшто не оклеваше да го изрази својот восхит пред великаните на југословенската и светска литература чиешто творештво било за него предизвик и поттик, којшто редовно јавно се искажуваше за состојбите во македонската литература, што ќе рече, и за генерациите по неговата, со еден збор, човек којшто умееше да гледа и зад себе и пред себе, оваа книга нека послужи како „противотров” за епидемијата на заборавот која се шири кај нас.

Јасмина Шопова: Вовед, По-трагите на Ацо Шопов, Скопје, Сигмапрес, 2002